Општините како бунар без дно – Од претходната влада добија над 100 милиони евра, сега ќе го „ситнат“ унгарскиот кредит

6 mins read

Соња ТАНЕСКА

Градоначалниците во општините ја трчаат последната година од нивниот мандат, покрај тоа што наследија речиси полни општински каси, тие изминатите години поради економската криза добиваа финансиска помош од централниот буџет, но добија пари и преку програмата на ТАВ кои беа предвидени за изградба на карго аеродром од Штип , а во декември на нивните сметки беа префрлени 32.5 милиони евра за капитални проекти. Сега пак повторно е актуелен конкурсот на кој градоначалниците поднесуваа проекти, за да добијат дел од 250.000 милиони евра кои им ги вети премиерот Христијан Мицкоски од унгарскиот кредит.

Сепак се чини дека парите како да завршуваат во бунар без дно, а општините кои во најголем процент се раководени до градоначалници од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ повеќе се заинтересирани за пр активности, отколку за решавање на реални проблеми на граѓаните. Истото се однесува и на Градот Скопје. Ѓубре има насекаде, јавниот превоз е во колапс, раскопани улици, кал, неизградени пречистителни станици, неизградени канализации, училишта без клима уреди и преполни училници, недоволно материјали за дидактички средства итн.

Ковачевски им одобри пари за патишта, градинки, училишта

Владата на премиерот Димитар Ковачевски, кон крајот на минатата година, на 14 декември 2023 година донесе одлука за пренамена на буџетски пари во износ од две милијарди денари ( 32,5 милиони евра) за реализација на 66 проекти во 44 општини.

Освен Градот Скопје, пари од државната каса добија општините Центар, Ѓорче Петров, Сарај, Аеродром, Охрид, Македонски Брод, Битола, Крива Паланка, Штип, Липково, Кичево, Валандово, Струмица, Росоман, Дојран, Берово, Делчево, Желино, Гостивар и други.

Според владината одлука парите требаше да бидат наменети за изградба и доградба на образовни и здравствени институции, спортски објекти, потоа реализација на проекти од областа на инфраструктурата, како и од областа на заштита на животната средина со коишто се влијае на подобрување на здравјето на граѓаните, дел од нив се реализираат, но за дел од нив нема информации што се случува.

Како што претходно информираше Владата, од проектите во делот на патната инфраструктура, вкупно 360 милиони денари од Министерството за транспорт и врски ќе се доделат на Град Скопје за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во населбата Визбегово. За овие пари Мицкоски предложи да се пренаменат за ЈСП.

Меѓу поголемите проекти, Министерството за транспорт и врски пренамени 110 милиони денари за реконструкција на улица „8 Септември“ во Горно Оризари, Битола. Пари се наменети и за довршување на мостот „Љубљанска“ во Скопје. Најновиот мост на реката Вардар во Скопје е комплетно изграден со подарени пари и како готов објект му се дава „како на тацна“ на градот Скопје (и на државата), ама не може да се стави во функција бидејќи градот не изградил пристапни улици, а од почетокот на донесување на одлуката за градење на мостот досега поминаа 4 до 5 години.

Министерството за образование и наука пренамени 100 милиони денари за доградба и надградба на ООУ „Блаже Конески“ во општината Аеродром, а со средства од ова министерство во јуни годинава започна изградба на ОУ „Климент Охридски“ во село Драчево и изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков“ во Сингелиќ, Општина Гази Баба, која се уште не е започната.

Со средства од Министерството за образование и наука се гради спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец, Охрид, како и реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид.

Со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 60 милиони денари треба да започне да се гради нова детска градинка со капацитет за 100 деца во рамките на ЈОУДГ „Росица“ во Стопански двор, Општина Ѓорче Петров.

Предвидени беа и други доградби и надградби и на детски градинки во Општина Аеродром кои се во тек.

Во Прилеп, со средства од Министерството за животна средина и просторно планирање во износ од 90 милиони денари се уште не е започната изградбата на фабриката за рециклирање отпад. Од областа на животната средина, а не е почната ниту предвидената изградба на пречистителни станици во Чучер Сандево и во Пласница.

Во Општина Илинден ќе се реконструира тамошната амбуланта, за што беа предвидени осум милиони денари, а ќе биде готова до декември 2024 година.

Со владината одлука предвидена беше и изградба на спортска сала во Општина Штип со средства од Агенцијата за млади и спорт, која започна во јуни.

Инаку, 32,5 – те милиони евра беа обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на шест министерства и една агенција. Односно од министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средина и просторно планирање и од Агенцијата за млади и спорт.

49,7 милиони евра преку програмата ТАВ

На 23 декември 2020 година, Владата на Република Северна Македонија го утврди Договорот за концесија склучен помеѓу Република Северна Македонија и ТАВ Македонија ДООЕЛ, со кој беше ставена во функција одлуката за распределба на средствата што беа предвидени за карго аеродром во штипско. Со оваа одлука финансискиот износ од 49,7 милиони евра за таа намена се пренамени за 90 инфраструктурни проекти за 75 општини во државата, како и за проширување на капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.

Прва група од 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра, ги доби парите на 15 јуни 2021 година.

Премиерот Зоран Заев тогаш истакна дека со оваа одлука Владата докажа дека се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво.

Во првата група беа опфатени општините Бутел, Прилеп, Ново Село, Шуто Оризари, Крива Паланка, Валандово, Струмица, Делчево, Ресен, Пробиштип, Карбинци, Липково, Тетово, Чаир, Сарај, Росоман, Босилово, Карпош, Старо Нагоричане, Неготино, Зелениково, Теарце и Боговиње.

Следуваше втората транша од овој проект кога Фатмир Битиќи и градоначалниците од оваа група потпишаа договори за реализација на 36 инфраструктурни проекти во 34 општини, за исполнување на реалните потреби на граѓаните.

Вицепремиерот Битиќи, тогаш порача дека Владата мисли за сите граѓани, во целата држава, независно каде живеат, постојано се размислува за рамномерниот регионален развој, како и за подобрување на условите за живот и подигнување на животниот стандард на секој еден граѓанин.

Во втората група на договори најбројни се, по девет, оние поврзани со проекти за водоснабдување и проекти за изградба и рехабилитација на улици и локални патишта, а ќе се реализираат и осум проекти поврзани со изградба или рехабилитација на комунална инфраструктура, фекална или атмосферска канализација.

Атмосферска или фекална канализација започна да се гради во беровското село Мачево, како и во Јурумлари во Гази Баба, каде ќе се изгради и пречистителна станица, нова канализациона мрежа ќе има и во с. Црничани во Дојран и во дел од општина Кисела Вода, нова канализациона мрежа ќе добие и индустриската зона во Македонска Каменица, со овие проекти беа обезбедени пари за фекален колектор за селата Сопот, Табановце и Четирце во кумановско, атмосферска канализација во Пробиштип и комунална инфраструктура во Центар.

Исто така започна реализација и на два проекти за уредување на речни корита во Тетово и Липково, реконструкција на општата болница во Гостивар, на младински центар во Желино и на дом на култура во Демир Капија, проширување на основно училиште во Долнени, реконструкција на центарот на градот и капела за православните гробишта во Кичево, како и изградба на нова спортска сала во општина Чашка.

Трета група општини ги потпиша договорите за грантови на 30 јули 2021 година, кога 32 општини се обврзаа да реализираат 35 инфраструктурни проекти, како и проектите за подобрување на условите на терминалите на двата аеродроми со кои оперира ТАВ, во вкупна вредност од 22,3 милиони евра.

Сега ВМРО- ДПМНЕ ќе дели нови пари

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 изјави дека утре започнува процесот на евалуација на проектите поднесени од општините за распределба на сто милиони евра. Рокот за доставување на овие проекти истекува денеска. Министерството за локална самоуправа веќе објави јавен повик за доделување на овие средства, а проектите беа доставени до шест ресорни министерства: за култура и туризам, транспорт, социјална политика, образование, животна средина и спорт.

Перински објасни дека евалуацијата нема да трае подолго од седум до десет дена. Тој посочи дека до средината на следната недела треба да биде подготвен извештај од ресорните министерства за тоа кои проекти ќе бидат финансирани.

„Сакаме дел од овие средства да бидат достапни на општините што е можно побрзо, за да можат да ги имплементираат проектите оваа година, особено во оние општини каде зимата доаѓа порано“, рече Перински.

За распределба на средствата се користат два главни критериума: распределба на финансиските средства според бројот на жители во општините, врз основа на последниот попис, и комплетноста на проектната документација, вклучувајќи ги сите потребни дозволи и ревидирана предмет-пресметка не постара од 12 месеци.

На прашањето зошто Владата се решила за овие два општи критериума, Перински објасни дека целта е средствата да се искористат во целост.

Министерот исто така потенцираше дека постојат случаи кога компании донираат проекти на локалните самоуправи, но изрази надеж дека овој пат нема да има такви ситуации.

Министерството за локална самоуправа, преку поддршка од УНДП и шведската влада, нуди поддршка на општините што немаат капацитет за финансирање на проектната документација.

Општина Теарце е единствената општина од вкупно 81 што не успеала да аплицира навреме. Тие првично испратиле апликација без потпис и печат од приватен мејл, а потоа испратиле и апликација по пошта, но по истекот на рокот.

ИЗВОР: racin.mk

Претходно

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС и ДУИ за мерки за ковид кризата неосновано исплатила околу 100 милиони евра

Следно

Куманово ќе ечи од смеа, Започнаа Деновите на комедијата

Latest from Blog