Општина Прилеп, заедно со годинашните домаќини на градската слава, ги привршува подготовките за одбележувањето на патрониот празник Свети Никола, кој традиционално се слави на 19 декември и претставува еден од најзначајните духовни и културни настани во градот.
И годинава, централно место во празнувањето ќе има традиционалната посна трпеза, со препознатливите прилепски посни сарми. Нивната подготовка ќе се одвива во трпезаријата на храмот „Св. Благовештение“, каде што претставнички на повеќе женски здруженија заеднички ќе ја продолжат долгогодишната традиција.
Домаќин на годинашната градска слава е кетеринг-компанијата „Рустика“, која ќе учествува во организацијата на празничните активности и подготовката на посната трпеза за граѓаните и посетителите.
На 19 декември, покрај традиционалната трпеза на плоштадот „Александрија“, ќе биде организирана и богата културно-уметничка и музичка програма на Камената бина, со почеток во 12 часот.
Водител на програмата ќе биде познатиот актер, музичар и шоумен Игор Џамбазов, додека за музичкиот дел ќе бидат задолжени пејачката Дани и етно-составот „Љубојна“, кои ќе придонесат за празничната атмосфера во центарот на Прилеп.
Од Општина Прилеп информираат дека подготовките се одвиваат според планираната динамика, со цел градската слава да биде одбележана свечено и достоинствено, со почитување на верските обичаи и традицијата.
Одбележувањето на Свети Никола веќе две децении е симбол на заедништвото, хуманоста и духовноста во Прилеп. Свеченостите традиционално се одржуваат во храмот „Св. Благовештение“ и пред параклисот посветен на светецот во центарот на градот.
Преку заедничката празнична трпеза, културната програма и верските свечености, Прилеп и годинава ќе ја продолжи традицијата што обединува илјадници граѓани и гости.

