ОБСЕ/ОДИХР: Изборниот ден позитивно оценет, забелешки за кампањата

3 mins read

Самиот ден на изборите од првиот круг во трката за претседател е севкупно позитивно оценет и мирен, иако во одредени места пребројувањето не се одвиваше според пропишаните постапки, велат од Мисијата за оценка на избори ОБСЕ/ОДИХР за претседателските избори кои се одржаа на 24 април.

Но, додаваат дека забележале остра и негативна реторика во политичката кампања, етничка поделеност и изборен законик со недоречености. Тоа се само дел од забелешките на меѓународната набљудувачка мисија за изборната кампања во првиот круг од изборите.

„Нашите набљудувачи позитивно го оценија гласањето во најголем дел од изборните места и тајноста беше општо одржана. Но, беше забележано семејно гласање и следење на бројки на гласачи. Пребројувањето на гласовите беше понегативно оценето во 10 проценти од избирачките места, поради грешки во процедурата или поради остварување на повеќе постапки истовремено. И за жал повеќе многу избирачки места не беа достапни за лица физичка попреченост, изјави шефицата на мисијата Џилијан Стирк.

Претставникот на парламентарната мисија на Советот на Европа, Алфред Хери кој доаѓа од Швајцарија, изјави дека претседателските избори беа добро организирани, и дека кандидатите слободно можеле да се изразат во текот на предизборната кампања.

„Жал ни е што тоа беше извалкано со остра реторика, меѓутоа тоа не влијаеше на севкупната атмосфера на изборниот ден, и можам да кажам дека за разлика од Швајцарија од моја лична гледна точка гледам етничка поделба што нам во Швајцарија не и е позната“, вели тој.

Делегацијата на парламентарната мисија на Советот на Европа, е составена од 18 члена, од различни политички групи. Мисијата за оценка на избори со свои набљудувачи ја следи изборната кампања од 20 март со 200 краткорочни набљудувачи и 20 долгорочни, при што фокусот е на изборните комисии, медиумската содржина, работата на институциите, финансирањето на кампањата и кампањата на социјалните медиуми. Дел од нивната задача е да ја утврди и македонската усогласеност со обврските на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди, како и со националното законодавство.

„Ова се важни избори за Северна Македонија, при што на маса се извадени фундаментални прашања“, вели Стирк.

Таа додава дека нивното набљудување и средби со граѓани покажуваа атмосфера на апатичност кај населението кон политичкиот естаблишмент, потребите реформи во судството и јавната администрација се попречени од фрагментацијата и етничките поделби.

„Повеќе пати слушавме за недоволно политичка волја да се третираат овие прашања од власта и опозицијата. Законодавната рамка е темелот на изборниот процес, но во законодавството и натаму има многу празнини и неконзистентности, покрај тоа во отсуство на сеопфатна рамка се остава простор за вмешување на политичките партии врз основа на нивната застапеност во Парламентот, со тоа се дава предност на кандидатите кои доаѓаат од главните политички партии кои добиваат несразмерен пристап до одредени финансиски средства и медиумското време опрделно за кампања“ изјави Стирк.

Таа додаде дека неодамнешните измени во Изборниот законик се направени по објавувањето на изборите и дека се направени без јавна дебата и транспарентност. Иако дел од измените се направени врз основа на препораки на ОДИХР, дел од препораките биле игнорирани.

Работната група за реформи во изборното законодавство го заврши текстот за измените уште на крајот на ноември 2023 година, но Собранието досега не ги усвои.

Измените се однесуваат на препораките дадени од сите претходни избори, а клучните се за финансирањето на политичките партии, платеното рекламирање, регулирањето на порталите во однос на нивната регистрација – најмалку една година пред изборите, потоа да се формира едукативен центар во Државната изборна комисија (ДИК) и измени околу Управниот суд за заштита на избирачкото право.

Најновите амандмани на законот не ги третира системските недостатоци во финансирањето на кампања, заклучи Старк и додаде дека клучните чинители во изборите им укажале на набљудувачите дека немаат целосна доверба во ефективноста на следењето на финансирањето на кампањите и отчетноста.

„Слушнавме и многу критики во одредбите што дозволуваат платена политичка програма во медиумите директно од буџетот. Тоа е недостаток што ја зголемува зависноста од државните фондови. Исто така голем број на новински портали, он лајн направиле кампањи, чисто за да добијат државни финансии во текот на изборната кампања и понекогаш овие фондови не завршувале на точно место. Онлајн медиумите и понатаму остануваат во голема мера нерегулирани и има простор за дополнителни измени на законската рамка“, изјави Стирк.

Во првиот круг од претседателските избори во земјава со предност од над 180.000 гласа, води кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова, која во вториот круг ќе се соочи со актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата „За европска Македонија“ кој освои .

Вториот круг ќе се одржи на 8 мај, кога граѓаните паралелно ќе гласаат и на парламентарни избори. Излезноста на овие избори беше поголема од таа во првиот круг пред пет години.

Во првиот круг од претседателските избори право на глас на имаа 1.814.317 граѓани. Се гласаше на 3.508 избирачки места, а оценките кои пристигнаа и од институциите и од партиските штабови беа дека изборниот ден поминал во фер и демократска атмосфера.

Меѓународната набљудувачка мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај, а конечната оценка за претседателските и парламентарните избори ќе бидат објавени два-три месеци по завршувањето на изборите. ОДИХР/ОБСе до сега направи оценка на 11 избори во земјата, од кои и на последните парламентарни избори во 2020 година.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Газа остана без телекомуникациски услуги поради израелските напади

Следно

Продлжува притисокот на Западот кон косовскиот премиер Албин Курти

Latest from Blog