Соединетите Американски Држави (САД) охрабруваат продолжување на дијалогот меѓу Скопје и Софија, изјавија од Стејт департментот на 13 мај, откако новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова го употреби името Македонија без додавката „северна“ кога даде свечена заклетва во Собранието.
„Го охрабруваме продолжувањето на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија, во рамките на заедничките заложби за идното полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ“, велат од Стејт департментот.
Коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“(„Влен“) кои сега преговараат да ја состават новата Влада, очекуваат нови моменти меѓу Скопје и Софија откако во јуни ќе се одржат парламентарни избори и во Бугарија.
Затоа, од „Вреди“ калкулираат со рок од шест, најдоцна девет месеци(по Нова година) за да се направат уставните измени, најважното прашање што треба да се реши за Северна Македонија да го продолжи патот кон Европската унија(ЕУ).
Но, двете коалиции имаат различни ставови за ова прашање.
ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања беше против менување на Уставот „под бугарски диктат“, додека од „Вреди“ велат дека тие се гаранција оти уставните промени ќе се случат.
„Одложената примена на уставните измени претставува валидна алтернатива која е целосно во согласност со досегашната практика на сите држави, кои пред самиот чин на нивно пристапување во полноправно членство вообичаено ги прават неопходните или условени уставни измени, или во таа фаза истите влегуваат во сила“, пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски веднаш по изборите изјави дека ќе чека да се избере нова влада во Софија.
„Веќе е одлучено, уставните измени ќе бидат прв приоритет на новата Влада. Уште пред да се формираат работни групи, коалициите се имаат договорено за рок во кој треба да се донесат уставните измени“, изјави Башким Хасани, шеф на изборниот штаб на коалицијата „Вреди“, за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Таравари: Ќе помогнат и олеснувачи од ЕУ
Прво да се формира новата Влада на Северна Македонија, потоа да се формира влада во Бугарија, каде во јуни ќе има парламентарни избори, и на крај да поминат изборите во Европскиот парламент, исто така закажани за јуни. Кога сето тоа ќе заврши, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ќе сумираат како понатаму со уставните измени.
Арбен Таравари, кој беше претседателски кандидат на „Вреди“, најави дека доколку уставните измени не се донесат по Нова година, ќе го преиспитаат учеството во идната Влада.
Во интервју за телевизија Телма, Таравари рече дека и од ВМРО-ДПМНЕ има волја да се реши проблемот и да почнат преговорите. Посочи дека има предлози и од двете страни за европскиот пат на државата, но и сугестии од меѓународни експерти кои се надева дека во периодот што следи ќе бидат многу активни меѓу Скопје и Софија.
„Европскиот пат на Македонија е да се смени Уставот, да се направат одредени уставни промени. Оставивме да разговараме уште еднаш бидејќи во јуни имаме избори во Бугарија, да видиме дали ќе имаме стабилна влада во Бугарија, што е многу важно за понатаму. Имаме и олеснувачи кои ќе помогнат во овој период…Има олеснувачи и од ЕУ“ рече Таравари во интервју за Телма на 13 мај.
Порталот „Независен“ објави дека станува збор за Белгиецот Питер Ванхојте, кој по „иницијатива на белгиското претседателство со ЕУ добил мандат да биде медијатор олеснувач на бугарско-македонскиот спор, т.е да спроведе проект со кој ќе се отвори патот за уставните измени и ќе се обезбедат гаранции дека на патот на Македонија до членство нема веќе да има сопки од Бугарија или нови проблеми“.
„Мојата главна цел ќе биде да се осигура дека процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ нема веќе да се блокира“, најави Ванхојте за „Независен“, со порака дека „е отворен за сите опции, ќе ги сослуша сите барања и ќе се обиде да најде решенија“.
Работните групи на двете коалиции денеска ќе ја одржат првата средба во преговорите за евентуална заедничка Влада, откако Христијан Мицкоски, мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со лидерите на партиите во „Вреди“.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека соработката ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Бугарски аналитичари: Изгледите не се добри
Со наслови дека националистите ја презедоа власта во Северна Македонија со антиевропски и антибугарски пораки во кампањата, медиумите во Бугарија известија за победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во Северна Македонија на 8 мај.
Во исто време, вршителот на должноста премиер Димитар Главчев и претседателот Румен Радев порачаа дека „Бугарија нема повеќе да прави отстапки за Северна Македонија“.
Според Весела Чернева, директорка на канцеларијата на Европскиот совет за надворешна политика во Софија, „се зависи од тоа каков тон ќе одлучи да усвои владата на Скопје во иднина“.
„Направија кампања што се базирашe на негирање на договорите и со Грција и Бугарија. Сега се поставува прашањето дали ќе сакаат да го отворат предлогот на ЕУ за почеток на преговори дури по измените на македонскиот Устав“, рече Чернева за бугарскиот сервис на РСЕ.
Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ не верува дека може да дојде до промена во Преговарачката рамка со ЕУ.
„Евентуално некакви гаранции коишто би дошле од страна на Европскиот парламент, би биле добри и посакувани, како и нови заклучоци од следниот совет на ЕУ, што би алудирале дека злоупотребата на билатералните договори е неприфатливо. Меѓутоа и тоа е тешко.“, рече Трошановски во интервју за РСЕ.
Како дојдовме до тука?
Поранешните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, го потпишаа договорот за добрососедство во 2017 година.
Софија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот на Бугарија, Румен Радев почна се посилно да инсистира и на правата на македонските Бугари.
За надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија, ЕУ понуди таканаречен „француски предлог“.
Потоа, на 19 јули 2022, Северна Македонија ги почна преговорите за членство во Европската унија, барем формално. Се одржа првата меѓувладина конференција, почна скринингот, но не беше отворено ниедно поглавје. Преговорите по поглавја ќе почнат кога во македонскиот Устав ќе бидат внесени и Бугарите, меѓу други заедници.
Иако почна собраниска седница за промена на Уставот, највисокиот правен акт досега не е сменет за да се внесат и Бугарите во него. За уставни измени треба да гласаат две третини од 120 пратеници, но се противеше ВМРО-ДПМНЕ, тогаш најголемата опозициска партија.
Сега, ВМРО-ДПМНЕ прави влада, како победничка партија на парламентарните избори од 8 мај. Коалицијата што ја предводеше, „Твоја Македонија“, освои 436.036 гласови, речиси трипати повеќе од „коалицијата за европска иднина“ на чело со СДСМ, досегашната владеачка партија.
Законските рокови налагаат дека Северна Македонија треба да добие нова Влада до крајот на јуни. Партиските очекувања се дека тоа може да се случи и порано, од 2 до 5 јуни.
Извор: Радио Слободна Европа