Ноември, месец на машкото здравје – „моември“: Карциномот на простата втора причина за смртност кај мажите

2 mins read

Ноември е месец на машкото здравје, популарно познат и како „мовембар“ и е посветен на подигнување на свеста за болести кај мажите. Движењето „Моември“ (Movember) од 2003 година ја подига свеста за ракот на тестисите и простатата.

Во текот на ноември, низ светот се настојува да им се укаже првенствено на мажите дека машкото здравје не е и не треба да биде табу тема и дека превентивното делување и раната дијагноза можат да го избегнат најлошиот исход на две сериозни болести кои ја погодуваат само машката популација – рак на тестисите и рак на простата. Заедничка тема што ги поврзува овие два видови рак е дека раното откривање обично доведува до подобри исходи од лекувањето. Бидејќи ракот често нема симптоми во раните фази, скринингот за рак треба да биде составен дел од рутинските посети на лекар, или кај одредени видови на рак, неопходно е да се стави акцент на важноста на самопрегледот.

Простата е жлезда која се наоѓа под мочниот меур и низ која поминува еден дел од мочниот канал. Таа е со големина колку костен и почнува да се зголемува по 25-та година од животот.

Ракот на простата е еден од најчестите тумори (околу 15 отсто) и е втора најчеста причина за смрт од малигни заболувања кај мажите, со тренд на пораст. Зачестеноста со која се појавува ракот на простата се зголемува со возраста, а околу 85 отсто од сите карциноми на простата се дијагностицираат по 60-тата година од животот. Највисока инциденца на рак на простата е меѓу припадниците на црната раса, додека во Европа и Америка припадниците на белата раса имаат просечен ризик за заболување од оваа болест.

Зголемување, односно бенигна хипертрофија на простатата, најчесто од трите главни заболувања на простатата, се јавува кај повеќе од 60 отсто од мажите постари од 50 години и кај повеќе од 75 отсто постари од 70 години.

На зголемувањето на простатата влијае хормонот тестостерон. Симптомите на зголемена простата некои мажи почнуваат да ги чувствуваат околу 50-та година од животот и тоа во вид на ноќно или отежнато уринирање или непотполно празнење на мочниот меур.

Откривањето на ракот на простата во рана фаза може да се лекува и пациентот да има квалитетен живот.
Во почетниот стадиум на болеста, ракот на простата најчесто не покажува поизразени симптоми. Во поодмината фаза на болеста и поради зголемување на простатата се забележува отежнато уринирање, се појавува чувство на притисок на мочниот меур и ректумот, што предизвикува почест нагон за уринирање, а може да се појави и крв во урината. Во доцната – метастатска фаза на болеста често се појавуваат болки во коските, отекување на долните екстремитети и скротумот, отежнато дишење, анемија (слабокрвност), малаксаност, губење на телесната тежина, зголемени вредности на алкална и кисела фосфатаза и влошување на општата состојба.

Со оглед на тоа дека ракот на простата расте бавно и обично не се открива до доцните стадиуми на болеста, превентивните уролошки прегледи на простатата се од големо значење.

Уролозите апелираат лицата над 45-50 годишна возраст да направат барем по еден скрининг, иако, додаваат дека не е лошо скрининг да направат и помлади мажи. Фокус на контрола треба да бидат и мажите од 20 до 40 година кои се на оваа возраст и може да се дијагностицира рак на тестиси.

Во споредба со жените, мажите дури за 50 отсто помалку бараат медицинска помош за нивните здравствени проблеми.

Меѓутоа, зошто толку малку се зборува за здравјето на мажите? Мошне помалку луѓе се запознаени со фактите за ракот на простатата и тестисите. Што се однесува до ракот на простата, на секој осми маж ќе му биде дијагностициран во текот на животот. Најчесто ги погодува мажите на возраст над 65 години (бројот на заболени значително се зголемува кај популационата група над 50 години), а е втора водечка причина за смрт кај мажите од рак во светот.

ИЗВОР: racin.mk

Претходно

12 планинари се изгубија во тетовско, полицијата ги пронајде – сите се во добра здравствена состојба

Следно

ПОЧИНА МУЗИЧКАТА ИКОНА КВИНСИ ЏОНС

Latest from Blog