Нетанјаху во Вашингтон среде турбулентната претседателска кампања

July 23, 2024
5 mins read

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху неделава е во Вашингтон и е под зголемен притисок да стави крај на војната во Газа, како од Израелците кои сакаат заложниците да се вратат дома, така и од американската администрација, која е повеќе фокусирана на претседателските избори.

Сепак, посетата на Нетанјаху, за време на која тој треба да има говор пред американскиот Конгрес, е во сенка на одлуката на претседателот Џо Бајден да се повлече од претседателската трка за втор мандат.

Според некои аналитичари, тоа би можело да го охрабри израелскиот премиер во клучен момент од преговорите за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, пишуваат светските медиуми.

Ресетирање на односите со Вашингтон

По неколкумесечното заладување на односите поради начинот на кој Израел ја изврши офанзивата во Газа по нападот предводен од Хамас на 7 октомври, посетата на Нетанјаху нуди можност да се обиде да ги ресетира односите со Вашингтон, истакнува Ројтерс.

Хамас е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ.

Според Ројтерс, првата посета на Нетанјаху на Вашингтон, откако се врати на неговиот шести мандат како премиер на крајот на 2022 година, e во сенка на одлуката на Бајден да се повлече од претседателската трка за втор мандат.

Состанокот со Бајден е начелно закажан за вторник, 23 јули, доколку американскиот претседател се опорави од Ковид-19, а Нетанјаху треба да се обрати пред американскиот Конгрес во среда.

Неговиот говор пред Конгресот се очекува да се фокусира на координирање на израелскиот и американскиот одговор на нестабилната ситуација на Блискиот исток, каде што постои зголемена опасност војната во Газа да се прелее во поширок регионален конфликт.

Притисокот на САД врз Израел да ги продолжи преговорите за политички договор со Палестинците и заканите на САД дека ќе го задржат оружјето ги зголемија перцепциите во Израел дека врските со Вашингтон се ослабени под водство на Нетанјаху. Тој се соочи и со протести во Израел со барање за прекин на огнот во Газа.

„Дел од целта е да се обидат да покажат дека и покрај сето она што е кажано, и со сите протести, Нетанјаху сè уште има поддршка, дека сè уште има силни односи со Америка“, рече Јонатан Фриман, експерт за меѓународни односи на Хебрејскиот универзитет на Ерусалим.

Ројтерс посочува дека поканата до Нетанјаху да се обрати на заедничката седница на Конгресот, што е ретка чест генерално резервирана за најблиските сојузници на САД, била оркестрирана од републиканското раководство на Претставничкиот дом, кое го обвини Бајден дека не покажал доволно поддршка за Израел.

Иако неговиот пречек во Конгресот се очекува да биде топол, протестите што се најавени сугерираат дека приемот на Нетанјаху надвор од официјален Вашингтон можеби е помалку пријателски, напиша Ројтерс, додавајќи дека активистите кои се противат на израелската офанзива во Газа и поддршката на Вашингтон за Израел планираат да одржат протести во среда пред Капитол.

Внатрешни поделби

Планираниот говор на Нетанјаху пред Конгресот јасно ги нагласи сериозните поделби со кои се соочува премиерот дома, објави Њујорк Тајмс, додавајќи дека во исто време светските лидери вршат притисок за договор за прекин на огнот, демонстрантите излегуваат на улиците низ Израел и семејствата заложниците го молат лидерот на нивната земја да направи подготовки за нивно ослободување.

Во пресрет на посетата на Вашингтон, посочува весникот, Нетанјаху бил изложен на голем притисок, а неговиот претстоен говор пред американскиот Конгрес се смета за контроверзен, особено затоа што со Хамас не бил постигнат договор за прекин на огнот пред патувањето.

Јаир Лапид, лидерот на израелската парламентарна опозиција, го повика Нетанјаху да го откаже својот говор во Конгресот на 24 јули, освен ако не планира да го објави договорот.

„Тој треба да објави договор за заложниците без да измислува услови или да поставува пречки на секои 10 минути“, рече Лапид на израелското радио, алудирајќи на извештаите дека Нетанјаху ги искомплицирал разговорите со додавање услови на кои Хамас веројатно ќе се спротивстави.

Посредниците во Катар и Египет преговараат за рамка за договор за прекин на борбите и враќање на околу 120 заложници. Сепак, додава Њујорк тајмс, на 17 јули Нетанјаху пред Кнесетот изјави дека примената на поголем воен притисок врз Хамас ќе донесе повеќе отстапки во разговорите, што сугерира дека договор не е неизбежен.

Истиот ден, Форумот на семејствата на заложниците, кој ги застапува роднините на киднапираните, организираше собири на 30 локации низ Израел, повикувајќи го Нетанјаху да го потпише договорот.

Владата на Нетанјаху, нагласува њујоршкиот весник, се спротивставува на секој договор со кој Хамас ќе остане на власт во Газа. Критичарите велат дека тоа го натерало да биде претпазлив за договор што може да доведе до колапс на неговата влада и предвремени избори кои според анкетите ќе ги загуби.

Некои од најупорните притисоци за договор за прекин на огнот доаѓаат од светските лидери, здравствените организации и групите за човекови права, кои го осудија однесувањето на Израел во војната во Газа, истакнува Њујорк Тајмс, додавајќи дека конфликтот однесе десетици илјадници животи и доведе до широка распространетост на глад и болести.

Многу земји, вклучително и САД, тврдат дека секоја надеж за траен мир во регионот зависи од создавањето на независна палестинска држава покрај Израел. Сепак, на 18 јули пратениците од Кнесетот одобрија резолуција со која се прогласува дека палестинската држава ќе претставува „егзистенцијална закана“ за Израел, прифаќајќи го ставот на Нетанјаху по ова прашање. Одлуката е донесена со 68 гласа во 120-членото тело.

Од друга страна, некои демократски претставници во САД рекоа дека планираат да го прескокнат говорот на Нетанјаху во Конгресот за да го покажат своето незадоволство од неговата влада.

Нетанјаху по повлекувањето на Бајден

Променливите „политички ветришта“ во Вашингтон би можеле да го охрабрат Нетанјаху во клучен момент од преговорите за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, посочува Вашингтон пост повикувајќи се на оценките на аналитичарите.

Американскиот претседател Бајден, кој најави крај на својата кандидатура за втор мандат ден пред посетата на Нетанјаху, се залагаше за правото на Израел да води војна против Хамас, но и го критикуваше премиерот за неговото управување со конфликтот, посочува весникот, додавајќи дека критичарите на Нетанјаху го обвинуваат дека ја продолжува војната во негова политичка корист, што тој го негира.

Израелските власти не знаат што ќе значи за иднината драматичниот пресврт во изборната кампања во САД. Иако Нетанјаху е официјално неутрален за домашната американска политика, тој долго време беше критикуван за неговите односи со републиканците, посочува весникот во Вашингтон.

Израелскиот премиер не го криеше воодушевувањето од Трамп, кој за време на неговиот мандат значително ја наклони американската политика во корист на израелската десница, преместувајќи ја американската амбасада во Ерусалим и признавајќи ја израелската анексија на Голанската висорамнина.

Напнатите односи на Нетанјаху со Бајден значително се влошија во последниве месеци, бидејќи Израел им пркосеше на бројните молби од Белата куќа да го зголеми протокот на хуманитарна помош во Газа и да направи повеќе за заштита на цивилите. Во мај, администрацијата ги запре испораките на муниција за Израел, наведувајќи ја нивната употреба во населени области.

Повеќе од 38 900 Палестинци се убиени во војната, посочува весникот на податоци од Министерството за здравство на Газа, кое тврди дека повеќето од загинатите се жени и деца.

Иако Нетанјаху во понеделникот, 22 јули, рече дека сè уште очекува да се сретне со Бајден и дека ќе му се заблагодари на американскиот претседател за поддршката на Израел во текот на неговата долга кариера, некои од сојузниците на премиерот, истакнува Вашингтон пост, почнале експлицитно да го поддржуваат Трамп, врамувајќи ги преговорите за прекин на огнот како партиско американско прашање.

Според извештаите на израелските медиуми, Итамар Бен Гвир, екстремно десничарскиот министер за национална безбедност на Нетанјаху, минатата недела ги предупреди колегите дека одобрувањето на договорот за заложниците ќе биде „шлаканица за Трамп, што би било победа за Бајден“. Каков било договор, инсистираше тој, ќе мора да почека до ноември.

Нетанјаху секако обрнуваше внимание на бурната американска кампања, весникот ги цитира израелските официјални претставници, што укажува дека премиерот е притиснат меѓу израелската јавност, која е лута поради неговиот неуспех да постигне договор за ослободување на заложниците, и неговите крајно десни коалициски партнери, кои се закануваат дека ќе ја соборат владата доколку се согласи да престане со Хамас.

Нетанјаху, кој е многу повеќе фокусиран на сопствените политички предизвици, ќе работи напорно за да ги смири своите коалициски партнери до 28 јули, кога израелскиот парламент ќе ја почне тримесечната пауза.

„Следните неколку недели ќе бидат критични. Во моментов притисокот одвнатре е многу позначаен од притисокот од државите“, рече анонимен извор.

Патувањето на израелскиот премиер во САД е можност за ублажување на овој притисок, посочува во друг текст „Вашингтон пост“, нагласувајќи дека израелскиот премиер е подготвен да се обрати пред американскиот Конгрес на 24 јули, во момент кога се соочува со матна политичка иднина.

„Примарната директива на Нетанјаху е да се држи до власта, и тој успева. Тој „доаѓа да ги користи Конгресот и Белата куќа како реквизити за да ја покаже својата незаменливост“, рече Арон Дејвид Милер, висок соработник во фондацијата Карнеги за меѓународен мир и поранешен американски преговарач.

Милер сугерира дека Нетанјаху сака да купи време и дека по летната пауза, најраните избори во Израел би можеле да се одржат во првиот квартал од 2025 година.

Извор: slobodnaevropa.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Санкционирани 140 возачи во Скопје

Следно

Иран заплени танкер во Персискиот Залив поради шверц на гориво

Latest from Blog

„Храбар и решителен“, Зоран Заев се најде во мемоарите на Ангела Меркел

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја претстави својата книга „Слобода: Мемоари 1954-2021“, дело кое повторно го привлече вниманието на светската јавност. Во книгата, Меркел пишува за својот приватен и професионален живот, ставајќи

Зоран Заев е единствениот политичар од Балкан што Меркел го споменува во нејзините мемоари

„На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’, објави Михаел Мартенс, прославениот новинар на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг

Николоски: Невозможно е да се комуницира со Бугарија за отворените прашања, техничката влада нема легитимитет да преговара

Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас, истакна заменик претседателот на

Нетанјаху ќе го достави договорот за прекин на огнот со Либан на одобрување пред кабинетот за безбедност

ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетатајаху изјави дека до кабинетот ќе го претстави нацрт-договорот за прекин на огнот со Либан, известува Анадолу. Нетанјаху објави видео-порака во која истакна дека времетраењето на

Мицкоски ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија
Go toTop