Хакерскиот напад беше насочен само кон виртуелните системи, додека податоците на граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи. Нема одлив на податоците на граѓаните. Гарантирам дека податоците на граѓаните не се манипулирани, тврди директорката на ФЗО
На неколкупати поставено конкретно прашање дали е точна информацијата дека хакерите за да ги вратат податоците барале откуп, Филиповска Грашкоска секогаш го даваше истиот одговор дека не смее да каже дали некој побарал откуп од страна на хакерите затоа што е отворена истрага и за тоа не смее да коментира
Дел од клучните луѓе во ФЗО денеска не се појавија на средба со новинарите, а не се ниту на работа во период кога институцијата се соочува со еден од најголемите хакерски напади. Другиот директор, покрај Филиповска-Грашкоска, Фатон Ахмети, бил на годишен одмор кој го зел уште пред да се случи нападот, а раководителот на ИТ секторот, пак, поради големиот стрес и притисок се разболел и е на боледување
Без давање конкретни одговори и посочување дека хакерскиот напад на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) е под истрага, па потоа ќе бидат соопштени детали, помина денешната средба на новинарите со директорката на ФЗО Магдалена Филиповска Грашкоска кој по 14 дена се појави во јавноста.
Нејзините одговори често почнуваа и завршуваа со тоа дека таа не ИТ експерт и дека целиот случај е под истрага.
„Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам“,
велеше директорката на Фондот за здравствено осигурување Магдалена Филиповска Грашкоска.
„Нападот беше насочен само кон виртуелните системи, додека податоците на граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи. Нема одлив на податоците на граѓаните. Гарантирам дека податоците на граѓаните не се манипулирани“,
рече таа.
На сите новинарски прашања околу тоа што се случи со системот, од каде е хакиран, колку пари се потрошени за ИТ експертите, за бараниот откуп и евентуалната исплата на хакерите, Филиповска Грашкоска не даде одговор и рече дека кога ќе има повеќе информации што може да се споделат, тогаш ќе ги каже.
На неколкупати поставено конкретно прашање дали е точна информацијата дека хакерите за да ги вратат податоците барале откуп, Филиповска Грашкоска повторно го даде истиот одговор дека не смее да каже дали бил побаран откуп од страна на хакерите затоа што е отворена истрага и за тоа не смее да коментира.
Таа ги отфрли шпекулациите дека при мигрирање на податоците од серверите во клауд системот е направен сајбер нападот и нагласи дека допрва треба да започне оваа миграција.
„Штом се утврди дека станува збор за сајбер напад јавноста беше известена. Сите ИТ капацитети беа ангажирани за да се врати системот во функција. Експертите работеа деноноќно. Најважната работа е дека според сите анализи на ИТ експертите нема одлевање на податоци на граѓаните. Податоците не се украдени, тие се безбедни и заштитени. Тече истрага за сите детали. Здравствените и личните податоци се безбедни. Системите на Фоднот се речиси во нормала, исплатени се платите на здравствени работници, породилното“,
кажа директорката на ФЗОМ.
Според неа, ФЗОМ работи одговорно, а хакирањето го смета како нормално во Македонија бидејќи како што додаде: „сајбер војувањето не е ново“.
„ИТ тимот од Фондот, како и странските експерти кои ги имавме ангажирано, работеа деноноќно за да ги вратат функциите на системот во рекордно време. Велам во рекордно време затоа што, статистики, во многу поразвиени земји, просечно им требало 20 дена за да ги вратат функционалностите, а кај нас тоа се направи за 13 дена. Тоа сметам дека не е мала работа“,
рече директорката Филиповска Грашкоска.
Конкретен одговор немаше ни на прашањето дали некој ќе понесе одговорност за овој напад.
„Избразно и некоректно е да посочам со прст во некого за вина“,
додаде таа.
Филиповска-Грашкоска не сакаше да го коментира отсуството на другиот директор на Фондот, Фатон Ахмети и побара новинарите лично да го прашаат зошто не го прекинал.
„Сметам дека би било непрофесионално и некоректно да коментирам во негово име. Колегата е на одмор од пред да се случи нападот, беше известен за ситуацијата и за денешниот брифинг, но, согласно решението, тој е се уште на одмор“,
додаде Филиповска-Грашкоска.
За тоа дали таа чувствува морална одговорност за случувањата, Филиповска Грашкоска не одговори јасно, но кажа дека изминатите 14 дена деноноќно работеле на справување со проблемот.
„Од прв момент кога сум влезена во институцијава давам напори за се подобра услуга за граѓаните. Максимално сум посветена да поместиме нешто што изминатите години не се поместувало. Максимално се вложивме да го решиме проблемот. Сметам дека фактот дека е решен за толку брзо време покажува дека си ја вршиме работата. Не бегав овие 14 дена, по цели денови работевме во Фоднот. Тоа беше масовна операција“,
додаде таа.
На брифингот со новинарите, со Филиповска Грашкоска немаше дојдено ниту еден експерт од ИТ секторот за да одговори на прашањата за кои таа рече дека не е стручна за областа. За раководителот на овој сектор таа рече дека не е тука затоа што на човекот поради големиот стрес и притисок му се влошила здравствената состојба и е на боледување од пред неколку дена.
Со неа беше дојден финансискиот директор Миле Сугарев кој рече дека ФЗО во изминатиот период не седел со скрстени раце и дека цело време се работело на деблокада на системот по хакерскиот напад.
ИЗВОР: 360stepeni.mk