Најмалку 25 лица загинаа во Мјанмар и тројца во Тајланд, а 81 лице се затрупани по уривањето на облакодер во Бангкок, откако денес силен земјотрес со јачина од 7,7 степени со епицентар во регионот Сагаинг во Мјанмар ја погоди областа, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Силниот земјотрес беше проследен со уште еден од 6,4 степени 12 минути подоцна, објави Американскиот геолошки институт (USGS).
Тројца се загинати и 81 лице се затрупани во зграда во изградба во округот Чатучак во Бангкок, објави весникот „Нејшн“.
Тајландскиот заменик-премиер, Пхумтам Вечајачаи, кој ја посети локацијата на урнатата зграда, изјави дека ваков земјотрес е „без преседан“ во Бангкок во последниве сто години, пренесуваат локалните медиуми.
– Лидерот на хунтата повика на итна евакуација на затрупаните
Во градот Таунгу во Мјанмар се урнал манастир, при што загинале пет деца, јави „Елевен медија груп“.
Најмалку 20 лица го загубиле животот во џамијата „Шве Фо Шинг“ во регионот Мандалај за време на петочната молитва, објави „Кит тит медија“.
„Џамијата се урна додека се молевме. Урнати се околу три џамии. Има затрупани луѓе. Засега бројот на загинати е најмалку 20, но можно е да биде уште поголем“, изјави еден од спасувачите.
– Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани
Историскиот мост „Ава“ во Мандалај, исто така, се урнал во земјотресот, а оштетен е и историскиот дворец во Мандалај.
Државната телевизија МРТВ, повикувајќи се на изјава од Државниот административен совет, соопшти дека Националниот комитет за управување со катастрофи прогласил вонредна состојба во погодените региони Сагаинг, Мандалај, Магве, североисточната држава Шан, областа Нај Пи Та и регионот Баго.
Тајландските власти, исто така, прогласија „вонредна зона“ во Бангкок по земјотресот, објави тајландскиот „ПБС њуз“.
Во Нај Пи Та, главниот град на Мјанмар, во болница се пренесени голем број повредени лица.
Двата земјотреса, на длабочина од 10 километри, предизвикаа прекин на мобилната комуникација.
Локалните медиуми споделија фотографии од оштетените згради и патишта, а потресите беа почувствувани и во соседните земји.
Извор: Anadolu Agency (AA)