Наесен првите осуденици со електронски алки?

July 16, 2024
4 mins read

За околу два месеци отсега, во Северна Македонија би требало да се стават првите алки на нозете на осудени лица кои затворската ќелија ќе ја заменат со куќен затвор и ќе бидат под 24-часовен електронски надзор.

Овој систем земјава го има на располагање безмалку една деценија. Со помош од Европската Унија е набавен уште во октомври 2015, но досега никако да профункционира и 400 алки, колку што поседува државата, сè уште стојат во фиока.

„Во многу напредна фаза сме. Оптимист сум дека втора половина на септември, еве нека е октомври, сето ова ќе биде спроведено“, вели во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ) новиот директор на Управата за извршување санкции (УИС), Александар Пандов.

И меѓународната заедница бара алките конечно да почне да се употребуваат, а ако до крајот на годинава тоа не се случи, како што потврдува и Пандов, државата би требало да плати пенали. Сума, која според него, би се движела околу 500 000 евра.

И без тоа, уверуваат од УИС, постои волја системот за електронски надзор да се стави во употреба и периодов се одржуваат состаноци на раководството на Управата со ИТ фирми за одржување на целиот софтвер. Пари за овој план, тврди Пандов, има.

Алките беа набавени со цел да се користат од пробациската служба за лицата кои ќе добијат куќен затвор. Оваа казна е само една од алтернативните санкции што се користат во рамки пробацијата.

Пробацијата подразбира и изрекување на условна осуда со заштитен надзор, општокорисната работа, како и условниот отпуст и се смета за „лек“ против пренатрупаноста во затворите, но и начин за подобра ресоцијализација на осуденици.

Кои осуденици први ќе добијат алки?

Планот на Управата е првично да бидат функционални 100 од вкупно 400-те алки кои се од израелско производство. Речиси еднодецениското чување во фиока сега ја наметнало потребата и да се сменат старите батерии.

„Има две работи што треба да се завршат. Едната е тоа што алките се од 2015 година и батериите веќе не им се функција, треба тие батерии на уредите да бидат сменети. И втора работа е што како УИС треба да ја откупиме лиценцата од Израелците. Таа лиценца ќе треба да си ја плаќаме потоа година за година“, вели Пандов.

Проценките според моменталниот профил на затвореници е дека алките прво би можеле да се стават на 30-40 лица чии санкции би се замениле со куќен затвор. Станува збор за стари лица, бремени жени и мајки со мали деца и болни и изнемоштени.

Откако ќе се искористат првите 100, останатите алки ќе се ставаат во употреба етапно, како што ќе има потреба. Тоа ќе зависи и од тоа колку судиите ќе се охрабруваат во иднина да изрекуваат куќен затвор во случаите каде проценките за ризиците тоа ќе го дозволат.

Судиите ретко изрекуваат куќен затвор

Досега, куќен затвор ретко се среќаваше во пресудите на македонските судови. Мониторингот за спроведување на стратегијата за пробациска служба што го прават невладините организации, како што може да се забележи во извештајот што Хелсиншкиот комитет за човекови права го презентираше на почетокот на месецов, покажува дека во 2023 имало само две такви пресуди. Една во Штип и една во Тетово.

„Причината поради која изрекувањето пресуди со куќен затвор е на многу ниско ниво е фактот што не е воспоставен систем на електронски надзор, како и непостоење на функционална опрема за електронски надзор“, пишува во извештајот објавен од Хелсиншкиот комитет.

Алките функционираат така што емитуваат сигнали благодарение на кои се следи каде се движи лицето односно дали е во дозволениот радиус или излегло. За таа цел, во меѓувреме Управата ќе треба да обезбеди простор каде ќе биде сместен централниот систем од каде вработените во пробациската служба ќе го надгледуваат движењето.

Покрај алките, целиот систем за електронски надзор се состои од бројни уреди: работни станици, сервери, уреди за складирање податоци и за лично набљудување, статички и далечински уреди, централна единица, мрежна комуникациска опрема…

Неуспешни обиди за функционирање на алките

Алките се најдоа и во извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од 2021, од каде може да се извади хронологијата на неуспешните обиди да се стават во функција. По набавката во октомври 2015 со помош од Брисел, тие биле предадени на Управата за извршување санкции. Веќе во 2016 година имало тестирање и обука на персонал, но „поради истекот на гарантираниот период на опремата и системското одржување од страна на добавувачот од една година, истата не е во функција“.

Следните две години биле правени истражувања на пазарот, имало преговори со производителот и добавувачот. Проценката била дека за одржување ќе треба месечно да се плаќаат по 490 000 денари, поради што морало да се распише тендер. УИС во 2019 го направила тоа, но никој не се пријавил и тендерот пропаднал.

Потоа, на владина седница биле донесени заклучоци УИС да соработува со Генералниот секретаријат на Владата и Националниот совет за информатичка и компјутерска технологија и ако има потреба да ги ревидираат техничките спецификации за тендерот.

Оваа постапка, во моментот кога ДЗР правел ревизија во 2021 година, била во тек. Од тогаш, до денес алките сè уште не се функционални.

Состојбата во затворите горлив проблем

И куќниот затвор за што се наменети алките, како и останатите алтернативни мерки кои ги опфаќа пробацијата постојано се нагласуваат како едно од решенијата со кои би се намалила пренатрупаноста во затворите – проблем кој се провлекува со години.

„Пробацијата ќе овозможи да се намали пренатрупаноста, да се изрекуваат повеќе алтернативни мерки со заштитен надзор и да може да се работи повеќе на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, бидејќи според некои анализи кои и ние ги правевме, скоро поголем број на лица во затворите се повратници отколку прво-престапници“, вели Ирена Здравкова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кога беше презентиран извештајот од мониторингот на невладините организации на 4 јули.

За состојбата во затворите постојано алармираат и народниот правобранител, но и меѓународната заедница.

„Затворскиот систем генерално беше сериозно пренатрупан, недоволен персонал и корумпиран, изложувајќи ги затворениците на нечовечки и понижувачки услови. Одредени затвори се мачеа да обезбедат пристап до чиста храна или вода или основни здравствени и образовни услуги за поддршка, особено за малолетниците“, забележа американскиот Стејт департмент во извештајот објавен во април за состојбата со човековите права во Северна Македонија за 2023 година.

Од друга страна, обидот да живне пробацијата исто така трае повеќе години. Законот за пробација беше донесен во 2015, а почна да се применува во пракса во 2018 година.

Во моментов, бројот на активни пробациски предмети односно случаи со алтернативни казни, на кои работат пробациските службеници е околу 600. Лани бил 483, а во 2022 имало 375 пробациски предмети.

Според планот и стратегијата, во државата треба да имав вкупно 15 пробациски канцеларии, преку кои треба да се покриваат подрачјата на сите судови. Методологијата за вработување предвидува дека од 2021 до 2025 ќе бидат ангажирани вкупно 90 пробациски службеници. Досега, вработени се само 28 лица, а во функција се само 11 канцеларии – недостасуваат во Гостивар, Кочани, Кичево и Струга.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ретрограден Меркур во Девица: Од 5 август почнуваат неволјите

Следно

Црвено предупредување за топлотен бран во Црна Гора, БИХ и делови од Хрватска

Latest from Blog

Парламентарните групи за соработка како мост за приближување со Чешка

Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Чешката Република оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешка. На средбата присуствуваше и чешкиот

Бојко Борисов се повлече: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава!

Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца. Ова го изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, кој со олеснување ја повлекува својата

Промотивно видео: „Триатлонот ги инспирира девојките и жените на сите нивоа“

Македонската триатлон федерација го претстави своето ново инспиративно видео, кое ја истакнува важноста и улогата на жените во триатлонот – од спортистки и судијки до тренерки и раководни фигури. -Ова видео ја

Израелскиот Кабинет ќе гласа за договорот за прекин на огнот во Либан

ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот Кабинет треба да се состане денес за да гласа за предлогот за прекин на огнот со Либан, поддржан од САД, објавија израелските медиуми, пренесува Анадолу. Израелскиот јавен сервис

Меџити: Владата повторно ќе излезе во пресрет на потребите на ЈСП-Скопје доколку не успее тендерот за нафта

Владата ќе излезе во пресрет на потребите на ЈСП-Скопје доколку не успее тендерот за набавка на нафта, вели министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. -Целта на оваа Влада е
Go toTop