Околу 180 активни студенти во прва година од странство има оваа академска година на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД) во Штип. Ректорот на УГД –Штип, Дејан Мираковски вели дека студентите од Турција и годинава се најбројни меѓу странските на УГД Штип, а интерес има и од Бугарија, Србија и Грција.
Како што посочи ректорот Дејан Мираковски, околу 180 активни странски студенти има само во прва година на повеќе студиски програми.
-Порано странските студенти беа фокусирани само на медицинскиот, меѓутоа сега имаме и многу студенти, да не кажам и најголем број, на Факултетот за информатика на студиската програма на англиски јазик. Бројките се слични како и минатата година, со тоа што се менува структурата, односно поголем број студенти оваа година одат на Факултетот за информатика, изјави Мираковски.
Тој додаде странските студенти успешно се интегрираат во сите процеси и настани на универзитетот.
-Тие успешно се интегрираат во сите процеси, посебно на студиските програми на англиски јазик, ја нема таа јазична бариера. Нема потреба да учат македонски, или учат македонски во дирекна комуникација.Така што, мислам дека полека го стабилизираме тој тренд на бројот на студенти од надвор, се надевам дека и за нас е важно да бидеме меѓународно препознаени, да имаме студенти од повеќе држави, вели Мираковски.
Извор: kurir.mk


