Во рамките на кинеската иницијатива „Појас и пат“, се работи и на изградба на железничка линија од повеќе милијарди долари за надградба на инфраструктурата меѓу Белград, главниот град на Србија и Будимпешта. Унгарија е единствената земја од ЕУ која сè уште учествува во кинеската програма. На крајот од тој пат се интересите на НР Кина, а малку понатаму зад свијокот е БРИКС. Но, то никогаш не била суштината на Коридорот 10, ниту пак стратешкиот интерес на Северна Македонија. Некој скретничар си игра со железницата по која се движи нашата држава.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Тоа што е договорено и потпишано во 2014 година треба да се реализира, најверојатно им рекол Си Џинпинг на Орбан и на Вучиќ во мај оваа година кога ги посети Белград и Будимпешта и ги потсетил на Самитот „Појас и пат“ во декември во главниот гради на Србија.
На тој самит, неговиот претходник Ли Кечијанг ги собра лидерите од земјите на Коридорот 10, Виктор Орбан, Александар Вучиќ и Никола Груевски, и на маса им го ставил Договорот за взаемна царинска соработка, но она што било фокус на овој самит била презентацијата на идејата и проектот за изградба на брза пруга која би одела од Унгарија, преку Македонија и Србија до Унгарија.
„Се работи за еден значаен и крупен проект што може да има позитивно влијание врз економскиот развој на Република Македонија и од тој аспект го побуди нашиот интерес“, остана запишано како дел од изјавата на тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески, кој е потписник на договорот од наша страна.
Дека Коридорот 10, а не царинската соработка била централна тема на разговорите Кечијанг-Вучиќ-Орбан-Груевски, сведочи соопштението на Државниот совет, односно владата на НР Кина, во кое нема ниту збор за соработаката меѓу царинските управи, туку целото соопштение е посветено на придобивките од Коридорот 10 за Пекинг.
„Ќе го поврзе атинското пристаниште Пиреа (кое тогаш веќе беше во сопственот на Кина, н.з.) со Дунав“, пишува во соопштението од што е сосема јасно дека целта на Пекинг е да овозможи брз, лесен и евтин пат на кинеските бизнис интереси до централна Европа, односно до пазарот на ЕУ.
Виктор Орбан премиерот на Унгарија потпишување на договорите го оцени како значаен ден за неговата земја, бидејќи ќе ја подобри позицијата на земјата.
„Уверен сум дека соработката меѓу Европа и Кина ќе се подобри преку оваа железница“, рече Орбан.
Ветеното да се исполни
Точно 10 години после потпишувањето на договорот, откако Си Џинпинг ги посети Будимпешта и Белград, интензитетот на дискусијата и политичките одлуки за потребата од брза реализација на патната и железничка инфраструктура по линијата на Коридорот 10, си дибија рационален контекст.
Си Џинпинг не дојде во Скопје, но бездруго Орбан и Вучиќ му рекле да не се „замара“ со Македонија и дека тие ќе ја завршат работата.
И навистина. Уште не седнати во владините фотелји, ударната двојка на Владата, односно на ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти прилично настојчиво интересите и фокусот на којшто ќе бидат фокусирани во претстојниот период кога е во прашање сообраќајната инфраструктура.
Сега се јасни одговорите на прашалниците што ги отворија најавите од власта со кои ја ставија во неизвеност пругата кон Бугарија и нагласено ја форсираат идејата за брза пруга кон Грција.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски отиде до таму што изјави дека дошол на министерската функција само за да ја изгради пругата до Солун.
„Една од нашите главни заложби, една од основните причини зошто сум јас министер за транспорт е изградбата на брза пруга Скопје-Солун која треба да оперира со 200 километри на час“, изјави Николоски за време на официјалната дводневна посета на Белград (04.09.2024), а видеото го има на неговиот Фејсбук профил.
Мицкоски отиде и чекор понатаму. Од само нему познати причини тој крајот на август премиерот Христијан Мицкоски обелодени дека му бил нуден поткуп за да стави потпис на тендерот за изградба на пругата кон Бугарија, вреден 560 милиони евра. Тој тоа го соопшти на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали во следниот период приоритет на Владата ќе биде само Коридорот 10.
До ден денес остана непознато дали и кој му понудил поткуп на Мицкоски и зошто овој не го пријавил тоа во полицијата или во обвинителството.
Скопје не може да ги менува транспортните политики на Брисел, беше пораката од Европската комисија кога овие двајца рекоа дека ќе ги пренаменат парите од Коридорот 8 на Коридорот 10.
Реакција стигна и од официјална Софија којашто изрази зголемена доза на вознемиреност од изјавите на македонските политичари за пренасочување на европските средства за изградба на пругата кон Бугарија, сметајќи дека се насочени кон кршење на меѓународните обврски на инфраструктурно поврзување
Во соопштението на владата на Бугарија се вели дека токму Коридорот 8 е клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО, со кое се поврзуваат Црното и Јадранското Море и неговата изградба е од големо значење во актуелниот геополитички момент, па затоа одбивањето да се изградат главните компоненти ја ослабнува колективната безбедност на НАТО-алијансата.
Следуваа уште неколку „заушки“ по ова прашање од ЕУ и НАТО, па Мицкоски и Николоски за малку ја сменија песната. Најавија дека ќе има ревидирање на проектот.
На министерскиот состанок за инфраструктурните европски проекти во Белград пред три недели рече дека Владата интензивно работи и на изградба на железничкиот Коридор 8.
„Во однос на третата секција имаме технички предизвици кои што се надевам дека ќе ги решиме во следниот период како и предизвици во однос на проектирањето а и секако сите други пречки кои што ги спомнав во периодот што беше пред нас. Но се надевам дека ќе најдеме и заеднички јазик со цел да немаме пруга која што завршува во тунел кој не води никаде“, извести Николоски.
Сепак, и во Белград и во Македонија за Николоски Коридорот 10 и натаму е врвен приоритет.
Каде води Коридорот 10?
Одговорот на ова прашање повторно го бараме во посетата на Си Џинпинг на Белград и Будимпешта
Примарната цел на тридневната посета на Џинпинг беше да се осигура дека Унгарија може да и помогне на Кина да добие пазарен удел во ЕУ, а се потпишаа вкупно 16 билатерални договори.
Договорите вклучуваат унгарски инфраструктурни случувања и железнички, патишта и енергетски проекти поврзани со врвната приоритетна иницијатива на Пекинг „Појас и пат“, но и зајакнување на сорбаотката со телекомуникациска опрема Huawei Technologies Co.
Кси и Орбан се договорија за „партнерство за сите временски услови“, една од највисоките форми на билатерални врски за Пекинг и дел од стратегијата за проширување на влијанието на Кина.
На заедничкиот брифинг, Орбан ја поддржа политиката на една Кина, а кинеските медиуми му припишаа коментари со кои ги отфрла жалбите на САД и ЕУ за тоа што Кина ги преплавува западните пазари со евтини производи.
Новите деловни зделки, вклучително и планираните работи за железничка инфраструктура, може да изнесуваат до 10 милијарди евра (10,8 милијарди долари), а Унгарија ќе бара кинески заеми за да ги финансира овие планови.
Орбан постојано укажува на поплавата од инвестиции од Кина како дивиденда од неговата стратегија за „источно отворање“.
BYD Co., кинескиот EV гигант, ја избра Унгарија како место на својата прва европска фабрика за автомобили, надминувајќи ги Германија и Франција. Унгарија е исто така центар за производители на батерии за автомобили, а кинеската Contemporary Amperex Technology Co. Ltd. моментално гради фабрика вредна 7,3 милијарди евра во источниот град Дебрецен.
Во рамките на кинеската иницијатива „Појас и пат“, се работи и на изградба на железничка линија од повеќе милијарди долари за надградба на инфраструктурата меѓу Белград, главниот град на Србија и Будимпешта. Унгарија е единствената земја од ЕУ која сè уште учествува во кинеската програма.
Она што е очигледно е дека новата Влада на ВМРО ДПМНЕ, која е во коалиција со унгарскиот премиер излегува дека е индиректен сојузник на Кина, па токму затоа и да ја турка агендата на „Појас и пат“. На крајот од тој пат се интересите на НР Кина, а малку понатаму зад свијокот е БРИКС. Но, то никогаш не била суштината на Коридорот 10, ниту пак стратешкиот интерес на Северна Македонија. Некој скретничар си игра со железницата по која се движи нашата држава.
ИЗВОР: racin.mk