Еден од најавтентичните состави на домашната независна музичка сцена, Милко, на 7 март во клубот Ѕе во ГТЦ ќе го одржи промотивниот концерт по повод своето најново EP издание, „Последен ден“. Концертот ќе биде можност публиката во живо да го чуе новиот материјал, но и повторно да се сретне со дел од песните што со години го градат препознатливиот звук и статус на бендот.

Милко се препознаваат како значаен дел од македонската алтернативна сцена – бенд што низ годините останува релевантен благодарение на студиозниот пристап, авторската доследност и внимателното градење на сопствениот музички израз. Новото EP „Последен ден“ носи четири сингла создадени во последната годинаа издадени за Шарла Рекордс, означувајќи го нивното враќање по извесна пауза. Изданието се одликува со освежен звук и нов креативен импулс, збогатен и со учеството на Хана Корнети и Јоана Ристеска.
„Последен ден“ е издание што на искрен и полетен начин го покажува зреењето на Милко, а самиот концерт е совршен повод за повторна средба во живо со бенд што и по 18 години постоење продолжува да создава релевантна и возбудлива музика.
Настанот ќе го отвори Хана Корнети со соло настап, додека како специјален музички гостин ќе настапи и Нинослав Спировски на саксофон, музичар со препознатливо име на скопската алтернативна џез сцена и долгогодишен пријател на бендот. На концертот, покрај песните од новото EP, ќе бидат изведени и постари композиции на Милко, песни што веќе имаат свое место во меморијата на домашната инди публика.
Со оваа промоција, Милко уште еднаш потврдуваат дека се важен и жив дел од современата домашна музичка сцена, бенд чија приказна трае, се развива и останува блиска до публиката.


