Популарноста на медицинскиот канабис расте, но научните докази не ја следат таа еуфорија. Голема анализа од над 2.500 научни трудови објавени меѓу 2010 и 2025 година покажува дека тој е ефикасен само во ретки, строго дефинирани случаи, додека за другите состојби доказите се слаби – а ризиците се реални.
Во обемната анализа, научниците ги проценуваат терапевтските ефекти и тврдењата поврзани со медицинскиот канабис.
Резултатите од оваа анализа потврдија дека канабисот е делотворен во специфични случаи – веќе признати од страна на Американската администрација за храна и лекови (ФДА). Тие вклучуваат ублажување на гадење и повраќање предизвикано од хемотерапија, стимулирање на апетитот кај луѓе со ХИВ и лекување на одредени тешки епилептични нарушувања кај децата. Сепак, вон овие специфични случаи, доказите и наводите за медицинската ефикасност на канабисот остануваат слаби, се вели во написот објавен во „Журналот“ на Американската медицинска асоцијација (The Journal of the American Medical Association).
Иако многу луѓе користат канабис, со надеж дека ќе ги ублажат симптомите, прегледот и наодите јасно покажуваат значајна разлика меѓу популарното мислење за неговата наводна делотворност и вистинските научни докази, посочи Мајкл Хсу – клинички истражувач на Универзитетот во Калифорнија и главен автор на научното истражување.
Истражувањето, на пример, не поддржува употреба на канабис или канабиноиди во третман на акутна болка или несоница.
Покрај тоа, анализата предупредува на можни сериозни здравствени опасности поврзани со често вдишување канабис со висока концентрација. Тука спаѓаат психотични симптоми, генерализирано анксиозно растројство и кардиоваскуларни заболувања.
Сепак, не сите научници се согласуваат со методологијата на оваа анализа. Сајмон Ериџ од Клиниката „Кјуралиф“ во Велика Британија, кој не бил вклучен во новото истражување, истакнува дека методологијата не е доволно јасна во врска со критериумите за вклучување за одредени трудови, додека други некои студии со слична тематика можеби биле изоставени. На крајот на краиштата, Хсу нагласува дека се потребни и натамошни истражувања за подобро разбирање на вистинските придобивки и полза, и можната штетност од употребата на медицински канабис.
Извор: kurir.mk


