Мандатот на Ковачевски – економски пожари, закочена евро-интеграција и зголемена корупција

6 mins read

Две години откако во Собранието беше избрана нова Влада на чело со премиерот Димитар Ковачевски, тој треба да ја напушти функцијата.

Од кормилото на Владата си заминува во време кога Европската унија изрази сериозна загриженост за судство и корупцијата и кога Соединетите Американски Држави, како најголем стратешки партнер, ја прошириjа и надградија „црната листа“ со бизнисмени, поранешни и сегашни политичари од земјата.

Тој си заминува во услови кога граѓаните бараат повисоки плати и пензии, оти кризата сериозно им го испразни џебот. За граѓаните имаше зголемување на платите и пензиите за неколку проценти, додека функционерските плати се зголемија за речиси 80 отсто.

За време на владеењето на Ковачевски не беше пуштен ниту еден голем стратешки проект, како автопат, хидроцентрала, пруга, а тука се и евергрин проблемите во здравството, образованието, судството…

Во поголем дел од државата луѓето се борат за свеж воздух, други, пак, се туркаат да добијат нови лични документи, во недостиг на термини и обрасци. Ученици немаа учебници, а кога ја завршија годината немаа свидетелства. Лекови се бараа на протести. Протестираа и оние со ретки болести, чии лекови чинат милиони, но и оние со дијабетес, кои со месеци чекаа глукометри и ленти.

Ковачевски не беше избран на избори, туку го наследи премиерското место од Зоран Заев, кој се повлече од функцијата по поразот на локалните избори кои се одржаа во октомври 2021 година.

Ковачевски идната недела треба да си замине и да му го отстапи место на технички премиер, кој ќе ја предводи владата 100 дена пред избори.

Што вети Ковачевски?

Тој во експозето пред пратениците, пред да биде избран за премиер, наведе дека владината програма ќе биде фокусирана на решавање на актуелните и идни проблеми во економијата, енергетската криза и пандемијата со ковид-19, но и дека ќе ги интензивираат преговорите со Бугарија за да се надмине спорот и да почнат преговорите со Европската унија.

На патот кон ЕУ не му се гледа крајот

Само што беше избрана новата Влада во 2022, во рок од една недела премиерите на Северна Македонија и на Бугарија се сретнаа два пати. Двете соседни земји потпишаа договорот за добрососедство во 2017 година, но Софија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот на Бугарија, Румен Радев почна се посилно да инсистира и на правата на македонските Бугари.

За надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија Европската унија понуди Француски предлог.

Па така на 19 јули 2022, земјата ги почна преговорите за членство во Европската унија, барем формално. Се одржа првата меѓувладина конференција, започна скринингот, но не беше отворено ниедно поглавје. Преговорите по поглавја ќе почнат кога во македонскиот Устав ќе бидат внесени Бугарите.

Иако почна седницата за промена на Уставот, земјата не си ја заврши домашната задача. За уставни измени треба да гласаат две третини од 120-те пратеници, но најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени.

Власта за закочените евроинтеграции ја обвинува опозицијата, но ЕУ во извештајот на ЕУ за напредокот на земјата, оцени дека има нешто и во реформите.

Во извештајот се наведува дека во Северна Македонија има распространета корупција, нема напредок во судството, има прекумерна употреба на европското знаме при носење закони и политичката поларизација.

И покрај критиките, власта реши да се обедини во Европски фронт и иницираше кампањи за придобивки од Унијата во време кога е невладините нотираат најниско ниво на поддршка за ЕУ во последната деценија. Разочараноста на граѓаните од тоа што не се испорачани реформите е еден од клучните аспекти зошто е намалена поддршката за интеграциите, нотира Институтот за демократија во истражувањето за поддршката на членството во ЕУ.

Странците ни кажуваат што не ни чини

Измените на Кривичниот законик исто така се нотираат во извештајот. Тие беа донесени под превезот на европското знаменце и меѓу другото опфатија намалување на казните за делата злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување, што доведе до застарување на повеќе судски случаи во кои се гонеше висока корупција и организиран криминал, меѓу кои и предмети од Специјалното јавно обвинителство.

„Измените, исто така, ја попречуваат способноста на властите да истражуваат и гонат такви дела. Ова е прашање на сериозна загриженост“, забележува Европската Комисија.

Американскиот Стејт департмент оцени дека „корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Северна Македонија“.

„САД ја охрабруваат Северна Македонија да ги исполни нејзините ветувања за борба против корупцијата. Лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи, антикорупциски резултати преку зајакнување на институционалната независност и спречување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во владата“, се вели во изјавата од Стејт департментот.

ЕУ и САД реагираа и на случувањата во правосудниот систем. Тим од ЕУ го „чешлаше“ Судскиот совет, а тим американски дипломати ја посети земјава за, како што тогаш изјави американската амбасадорка Ангела Агелер, да изврши увид со поагресивен поглед врз минатите и сегашните корумпирани актери во општеството.

Претседателките на Судскиот совет и на Врховниот суд обвинија за политички притисоци, со што го вклучија алармот кај меѓународниот фактор. Оттаму без ракавици предупредија дека политичките притисоци врз судството се неприфатливи.

Тоа што го нотираат меѓународните партнери, им смета и на граѓаните. Па така, корупцијата, политичката нестабилност и криминалот се во првите пет најголеми проблеми во државата, според перцепцијата на граѓаните во истражувањето на невладината МЦМС. Тоа е сериозна промена во однос на претходните години кога сиромаштијата и невработеноста беа клучните проблеми.

Дали „најтешкото е зад нас“?

Ковачевски наследи економијата истоштена од пандемијата со ковид-19, која доведе и до енергетска криза. Уште не седнат во премиерската фотелја, почна и агресијата на Русија врз Украина, што доведе до продлабочување на кризата во Европа, и во земјава. На крајот на 2022 земјата забележа и рекордна инфлација од речиси 20 отсто. Цените на храната и енергенсите енормно пораснаа, па владата со неколку пакети економска помош ги помагаше граѓаните и компаниите. Имаше и мерки за цените на храната и на струјата. Дел од нив сè уште се на сила. Во меѓувреме пораснаа платите и пензиите, но тие вредат помалку, односно со тие пари сега може да се купат многу помалку производи.

Економскиот аналитичар Арбен Халили смета дека животниот стандард на граѓаните се намалува особено поради континуирано високата стапка на инфлацијата.

„Ветувањата на државните претставници дека ќе има зголемување на платите секако е за поздравување, но споредбено со тоа колку инфлацијата им зема на вработените, гледаме дека сме во длабока негатива и не може од тоа да се земаат политики поени за изборите што следат“, вели Халили.

Министерот за финансии Фатмир Бесими на почетокот на годинава, во колумна оцени дека „најтешкото е зад нас“. Бесими вели дека борбата со кризите го чинела буџетот 2,7 милијарди евра. Со тие пари можеа да се изградат речиси три хидроцентралиЧебрен. Неодамна пропадна и 14-тиот обид да почне да се гради оваа централа со која ќе се реши третина од зависноста на земјата од увоз на струја. Според плановите, изградбата требаше да чини милијарда евра и да се одвива во соработка со грчката државна компанија ППЦ „Архиродон“. Но, целиот процес пропадна со тоа што компанијата не ја продолжи банкарската гаранција што беше активна до 31 декември 2023 година.

Премиерот, запрашан зошто државата сама не ја гради централата, одговори дека најарно е да се прави во партнерство и да не се задолжува државата. Земјата, пак, сама ќе прави неколку автопати дел од коридорите 8 и 10 д, проект што треба да чини 1,3 милијарди евра. За патиштата што ќе ги гради конзорциумот Бехтел и Енка, се донесе посебен закон за стратешко партнерство кој пак повлече смена на уште неколку закони. Функционерите неколкупати удираа камен-темелници на автопатите, но речиси една година од потпишување на договорот, поголеми градежни активности на терен нема.

Премиерот секојдневно споделува фотографии, видеа, изјави за тоа каде бил и што направил. Но и покрај интензивните појавување во јавноста, рејтингот на Ковачевски не беше висок. Според анкетите на Меѓународниот републикански институт – ИРИ и во 2022 и во 2023, Ковачевски има помал рејтинг од на пример поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна од земјава и доби азил во Будимпешта пред 5 години.

Болестите на здравството

Ковидот се најде во експозето на премиерот, но набргу сите заборавија на пандемијата. Здравството, пак, го нападнаа други „болести“. Недостигаат лекови, лекари и медицински персонал се иселува, Скопје никако да добие нов клинички центар, иако е ветување на секоја влада и ставка во секој државен буџет…

Крајот на 2022 го одбележа и случајот Онкологија, за кој Обвинителство отвори предистрага по пишувањата на медиуми дека се крадела терапија за болни од рак и се препродавала на црн пазар. Но за случајот од Обвинителство сè уште нема нови детали.

За време на владеењето на Ковачевски, владата доживеа две мини реконструкции, прво од владата си замина министерот за локална самоуправа Горан Милевски. Неговата оставка во јавноста се поврзуваше со неговиот став за Францускиот предлог, различен од оној што го имаше владејачката коалиција. Потоа владејачката коалицијата ја напуштија партијата Алтернатива, а на нејзино место влезе Алијанса за Албанците.

Опозицијата постојана ја критикува владата на Ковачевски. Прво ѝ забележуваше дека нема легитимитет, оти тој не е избран на избори, а потоа ѝ забележуваше за сè, обвинувајќи дека владејачките СДСМ и ДУИ ја киднапирале државата.
СДСМ формира влада по изборите одржани во 2016 година, а потоа и по предвремените парламентарни избори летото 2020 година.

Во мај годинава планирано е да се одржат парламентарни и претседателски избори.

Следната недела ќе се одвива процедурата за избор на техничката влада. Претходно Ковачевски треба да поднесе оставка.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Никола Јакимоски го фати крстот положен во Охридското Езеро

Следно

Зголемен број на починати лица од Ковид-19 во Грција

Latest from Blog