Има нешто многу ретро околу посетата на Макрон на Кина. Таа доведе до сцени од пред сигурно многу векови кога странските полномошници патуваа до Средното кралство носејќи подароци и барајќи услуги од императорот. Тоа исто така беше и потсетување на некои поскорешни времиња во кои се уште можеше да се зборува за реформи во Кина а притоа да изгледаш сериозно.
Кина на Ши сега е мрачно и репресивно место. Неговата растечка меѓународна агресивност, економски притисок и поддршка за Путин предизвикаа вчудовиденост од најголемиот дел од западниот свет, предизвикувајќи ги одново да ги проверат своите врски со Пекинг. Иако, според она што можеше да се види во неговите три дена во Кина, сето ова главно не стигнало до Макрон.
Францускиот претседател изјави дека сака „одново да го лансира стратешкото и глобално партнерство со Кина“ и зборуваше за „заедничка одговорност за мир и меѓународна стабилност“. Тој ја отфрли политиката за економско откачување од Кина, превидувајќи го фактот дека тоа е долгогодишна политика на Пекинг, а не нешто смислено во Вашингтон. „Јас не верувам, и не сакам да верувам во ова сценарио,“ изјави тој.
Макрон го следеше придружба од 50-тина луѓе од бизнисот, филмот и музиката. Меѓу подароците што му ги донесе на својот кинески колега беа фотографии од француски фотограф од Кина од средината на 20-от век и сина Серве порцеланска вазна декорирана со златна риба.
Главната причина за неговата посета наводно беше да се поттикне Ши да изврши притисок врз Русија да стави крај на војната во Украина. „Знам дека можам да сметам на тебе за да се врати разумот во Русија и сите да се донесат на преговарачка маса,“ му порача тој на кинескиот претседател за време на она што го нарекоа заедничка прес-конференција (што не е најточна етикета бидејќи не беа дозволени прашања).
Ши, кој не ја осуди руската агресија и ги повтори оправдувањата на Путин, изјави слични тривијалности. „Кина е подготвена заедно да побара со Франција од меѓународната заедница да остане смирена и рационална,“ беше најдоброто што тој можеше да го каже во внимателно составените изјави. Макрон, некогаш зборувајќи вон сценарио, говореше два пати подолго од својот домаќин, што се сметаше како прекршување на протоколот. Ши изгледаше нестрплив, правејќи неколку длабоки воздишки, па крајот на прес-конференцијата не можеше да се случи доволно брзо за него.
Имајќи го тоа предвид, Ши ужива да биде дворен како потенцијален миротворец, дури и ако тоа е тотално апсурдно. Приоритетот на Ши е Ши, а војната во Украина сосема му одговара во моментот. Таа ги врзува неговите западни противници, го одвлекува нивното внимание од Индо-Пацификот, и му обезбедува голем економски бенефит во смисла на евтини горива од Русија. Тоа исто така ја засилува улогата на Кина како повисок партнер на Путин. Ши во пракса ја финансира агресијата на Путин преку масовно зголемена трговија, која вклучува предмети за двојна употреба (и во цивилни и во воени цели) како чипови и цивилни дронови. Иако за сега го избегна преминувањето на западните црвени линии за снабдување на оружје и муниција, тој е директно до нив.
Таканаречениот мировен план на Пекинг воопшто не е такво нешто. Тој е збир на празни и спротивставени излитени фрази, а примирјето за кое се залага е во корист на руската агресија. Ши и Путин се премногу слични, тие споделуваат светоглед базиран на изградбата на нов поредок безбеден за автократи и воздигнување на митските сфаќања за империјална големина, базирани на несогласувања и играње жртва. Можеби најблиску што бил Ши во изјавување на своите вистински чувства беше на збогувањето со Путин по завршувањето на нивниот самит во Москва кога му порача „Доаѓаат промени кои не се случиле последниве 100 години и ние заедно ги водиме овие промени.“
Краткорочната цел на Ши е да се обиде да ја одвои Европа од Америка, и тој го гледа Макрон како корисна алатка за таа цел. „Кина се уште ја гледа Европа како независен столб во мултиполарен свет, и ги поддржува нејзините напори да постигне стратешка автономија,“ изјави Ши на прес-конференцијата.
Што точно мислеше претседателката на Европската комисија, Фон дер Лејен, за настапот на Макрон е тешко да се каже. Таа исто така беше во Пекинг, откако ја прифати поканата во последен момент од Макрон да го придружува на патувањето. Таа се сретна со Ши и со и без францускиот претседател, но нејзиниот пречек беше далеку постуден. Таа имаше и пократок распоред. Таа застапува се потврда линија, неодамна поттикнувајќи ја Европа да го намали ризикот од претераната зависност од Кина, за што кинеските државни медиуми ја нападнаа дека е „американска марионета.“
Таа изјави дека Пекинг „има голема одговорност да го искористи своето влијание во пријателството што со години го гради со Русија“ и препорача против испорака на оружје. Таа исто така додаде дека Ши ја повторил својата подготвеност да зборува со украинскиот претседател Зеленски „кога ќе дојде време за тоа“. За жал изгледа дека времето никако да дојде. Двајцата немаат зборувано ниту еднаш од почетокот на војната, и покрај желбата на Зеленски, а тоталната апсурдност на претставувањето на Ши како медијатор додека избегнува да зборува со жртвата на конфликтот изгледа не ги стига лековерните европски лидери.
Секако посетата на Макрон на Кина исто така беше и перформанс кој требаше да го засили неговото реноме како меѓународен државник во време кога дома е сред проблеми. Еден анонимен советник од Елисејската палата некако го издаде целиот план за време на брифинг пред посетата, порачувајќи „можеш на една рака да ги преброиш светските лидери кои би можеле да имаат длабока дискусија со Ши.“ Секако тоа е бесмислен перформанс, но и опасен, бидејќи се оди во корист на апсурдната глума на Ши како медијатор што може само да ја подобри позицијата на кинескиот лидер.
Меѓу оние кои го придружуваа Макрон беше музичарот Жан-Мишел Жар, кој важи за првиот западњак што настапил во Народна република Кина, кога одржа концерт во 1981. Жар само што заврши епски проект по име „Oxymore“, игра со зборот оксиморон, фигура на говор во која се комбинираат спротивставени или контрадикторни изрази. Не би можело да има поприкладна тема за тридневната турнеја на Макрон низ Кина.
ИЗВОР: off.net.mk