На 15-тото издание на МакеДокс, вечерта блеснаа две исклучителни режисерки кои ги освоија наградите Кромид и Млад Кромид. Доротија Зурбо ја доби наградата Кромид за нејзиниот филм „Агент на среќата,“ додека Сисел Морел Драгис беше наградена со признанието „Млад Кромид“ за својот филм „Баломанија.“ Во отворени и инспиративни разговори, овие уметници ни ги открија длабоките врски меѓу нивните филмови и нивните лични инспирации за среќата, љубовта и заедницата. Одличните фотографии кои толку вешто ги уловија емоциите на луѓето се дело на одличниот фотограф Ангел Ангеловски, кој прави магија од фотографија, раскажувајќи приказни ловејќи ги секогаш најдрагоцените моменти.
Со Доротија Зурбо и со Сисел Морис Драгис разговараше Александра Тодоровиќ
Доротија Зурбо, „Агент на среќата“
„Мојот агент на среќа е татко ми. Тој секогаш ме вади од длабочините и е најголемата поддршка за сѐ што правам.“ Доротија го опишува овој длабок однос како суштина на нејзината мотивација.
Кога зборува за најсреќните моменти во создавањето на „Агент на среќата,“ таа вели: „Навистина ги почитувам моментите кога луѓето се отворени и споделуваат за својата болка, тага или радост. Тие искрени приказни ме прават најсреќна.“ Во процесот на снимање, најемоционалните сцени за неа беа со главниот протагонист, Ембер, кој танцуваше на планината кога беше среќен: „Тоа беше неговиот начин на изразување. Без разлика колку болка чувствуваме, вели, секогаш мора да најдеме сила да продолжиме.“
Трн: Кој е твојот агент на среќата?
Доротија: Мојот татко е мојот агент на среќата. Тој отсекогаш бил мојот „агент на среќата“ – личноста која ме вади од секоја темнина и ми носи светлина во животот. Преку него, сфатив колку е важно да имаш некој кој постојано е тука за тебе, и тоа сакав да го пренесам во филмот. Неговата љубов и поддршка се темелот на приказната.
Трн: Кој беше најемоционалниот момент за тебе за време на снимањето на филмот?
Доротија: Еден од најемоционалните моменти беше кога снимавме сцена со Ембер, главниот протагонист, како танцува на планината. Тоа беше неговиот начин на изразување на среќа. Без разлика на тоа колку болка носеше во себе, тој наоѓаше сила да продолжи и да ја изрази својата радост преку танцот. Овој момент ми ја покажа способноста на луѓето да се издигнат над своите лични предизвици и тоа ми остави силен впечаток.
Трн: Кои се најсреќните моменти за тебе како режисерка, особено кога снимаш филмови како „Агент на среќата“?
Доротија: Најсреќна сум кога луѓето се отворени и искрено ги споделуваат своите приказни со мене. Филмот е уметност што ги поврзува луѓето, и кога ќе почувствувам дека некој има доверба во мене за да ја сподели својата болка, тага или радост, тоа ме исполнува со благодарност. Тие моменти на искреност ме прават да се чувствувам најживототворно, бидејќи тие приказни го создаваат суштинскиот дел на сѐ што правам.
Трн: Која беше твојата порака?
Доротија: Немав некоја главна порака што сакав да ја пренесам, едноставно ја документирав потрагата на луѓето за среќа и нивната способност да се закотват за сегашноста, всушност нивната потрага по среќа стана портрет на врските кои ги созадаваат меѓусебе, колку се поврзани со нивните љубени, со нивните родители, со нивните пријатели и како се грижат едни за други, и покрај тоа што се борат со многу проблеми, тие спасот го наоѓаат во врските што ги создаваат меѓу себе и тоа е пораката, секогаш може да се обидуваме повеќе, да сонуваме за материјални работи ама ако знаеме да препознаеме што имаме околу себе сега, тогаш навистина може да бидеме среќни!
Сисел Морел Драгис, „Баломанија“
Во својот филм „Баломанија,“ Сисел ги открива заедничките вредности на заедницата и љубовта: „Љубовта е продукт на тие конекции. Ако ги негуваме, можеме да ја подигнеме љубовта на повисоко ниво, што на крај ќе направи сите да бидат посреќни.“ Инспирирана од животите на нејзините баба и дедо, кои беа уметници, таа изјавува: „Сакам да им оддадам признание и да ја изложам нивната уметност, бидејќи тие никогаш не добија признание додека беа живи.“
Сисел исто така се осврна на суштината на нејзиниот филм и изјави: „Љубовта и заедништвото се темелот на среќата и ако луѓето се поблиски едни до други, ќе бидат посреќни.“ Според неа, филмот „Агент на среќата“ на Доротија ја носи истата порака, но во позрела форма, поради што таа ја доби главната награда, додека нејзиниот „Млад Кромид“ симболизира младешката визија.
Трн: Ако можеш да полеташ еден таков џиновски балон, чиј портрет би го ставила на балонот?
Сисел: Почестена сум од волку длабоко и неверојатно прашање, сакам да ти го дадам најдобриот и најискрениот одговор, затоа што навистина ме трогна! Ако можам да одберам навистина слободно чиј портрет да поставам, бидејќи балоните се прават секогаш во група и себично е еден член да одбере она што сака да постави како портрет. Тоа би бил портрет на мојата баба или повеќе на двајцата, заеднички портрет на баба ми и дедо ми, тоа е моето семејство на кое навистина сакам да му оддадам големо признание, и на нивната уметност бидејќи и двајцата беа уметници, но за жал сѐ уште не се препознаени, па токму затоа сакам да ја изложам нивната уметност некако.
Трн: Дали поради твоите баба и дедо стана она што си денес?
Сисел: Целиот живот моите баба и дедо беа уметници, ама тие исто така беа многу сиромашни и се бореа, дедо ми беше алкохоличар и уметник одметник а баба ми секогаш се обидуваше да ги постави работите на место. Така од мали нозе за мене уметноста беше асоцијација за нешто многу болно. Затоа следните генерации во моето семејство работеа многу за да ја надминат таа состојба дури и мајка ми. Јас пораснав во кварт каде немаше уметност, немаше никаков пристап до уметноста, постоеше само митот за моите баба и дедо кој ме врзуваше со уметноста. Токму затоа кога заминав во Бразил и почнав да цртам графити си реков Уау, ова е вистинското и многу ми се допадна така да изразам она што го носам во себе.
Трн: Која беше пораката што сакаш да ја пренесеш со филмот?
Сисел: Може јас да те прашам прво што беше за тебе суштината и пораката бидејќи сакам да го слушнам твоето мислење кое сигурно е многу длабоко?
Трн: Секако, и претходно она што го кажав во неврзан разговор, дека ако веруваш во нешто многу силно, праќаш порака и ако имаш јасна визија и цел, наоѓаш истомисленици и се борите за остварување на таа цел. Импресионира сплотеноста, довербата меѓу луѓето, како работат за нешто кое што е навистина многу важно за нив и кое ги држи заедно, како заедница, вербата и љубовта. На крајот љубовта е суштината, уметноста е некое пресликување на некоја љубов. Целиот филм за мене одекнуваше со пораки што многу ме потсетуваа на социјализмот кога луѓето биле повеќе обединети, отколку разединети и тоа чувство го имав додека го гледав филмот. Гледав луѓе во големи заедници а не гледав мали групи на малку луѓе. Во вербата и довербата беше вистинска моќ. И мислам дека она што сакаш да го пренесеш на светот е дека ако луѓето се поблиски едни до други ќе бидат посреќни, ќе имаат со кого да споделат и љубов и болка.
Сисел: Уау, уау. Требаше да те сретнам порано, пред да го снимам филмот, можев да го продадам.
Трн: Во Трн веруваме во суштината на човештвото и длабочината на врските, затоа што длабочината на емоциите овозможува да се пишуваат убави приказни.
Сисел: Не знам ни што да додадам после твоето излагање, можам само да кажам она што ти го спомна на почетокот кога бевме трите со Доротеја, дека енергијата душата се препознава кога е на исто ниво со твоето, јас живеам за тие моменти бидејќи тоа е она суштинското, да се конектираш со луѓе кои имаат твоја енергија, душа, верување.. Љубовта е продукт на тие конекции, ако ги негуваме тие конекции бидејќи сме група на луѓе која верува во тоа, можеме да го издигнеме тоа на повисоко ниво, тогаш ќе има повеќе љубов и сите ќе бидат посреќни.
Многу моќен филм за денешницата кога луѓето се тотално разединети и се чини дека скоро ништо не ги спојува
Морам да ти кажам дека претходно го слушнав раговорот со режисерката на Агент на среќата и би рекла дека суштината на мојот филм и на Агент на среќата е иста, само нејзиниот е некоја позрела верзија затоа таа зема награда за најдобар кромид, а јас за млад кромид, хахаххаха
И Доротија Зурбо и Сисел Морел Драгис ни покажуваат дека среќата и љубовта се во суштината на човечките односи. Нивните филмови носат длабоки пораки за тоа како овие елементи можат да ни донесат радост и значење во животот. Тие ја прикажуваат силата на уметноста како начин да се пренесе таа порака, охрабрувајќи ги гледачите да ја пронајдат среќата во секојдневието и да ги ценат врските што ги градат.
ИЗВОР: racin.mk