Пратеничката и лидерка на ЛДП, Моника Зајкова, во емисијата „360 степени“ рече дека со актуелниот изборен модел со шест изборни единици не се почитува волјата на секој гласач. Според неа, со воведување една изборна единица во власта, можеби, ќе влезат различни политички идеологии, што смета дека е здраво за демократијата. Вели и дека ЛДП е подготвена да разговара за воведување изборен праг ако се оди на една изборна единица
Идејата за една изборна единица е сè уште жива, вели пратеничката во Собранието и лидерка на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“, поздравувајќи го формирањето на работната група за предлог-измени во Изборниот законик, во Министерството за правда.
„За едно сме сите согласни, а тоа е дека ни е потребна изборна реформа. Како предлагачи на измените на Изборниот законик, предложивме тоа да биде со измена во изборниот модел од шест во една изборна единица која ќе биде без праг, односно ќе се наметне природен цензус. Искрено, сметаме дека ваквиот изборен модел ги фаворизира поголемите, по број на членство, политички партии, а ние гледаме кои се тие низ годините. Како да се наметна биполарен систем на промена на политичката гарнитура помеѓу две партии од македонскиот блок и една до две партии од албанскиот блок. Тоа нас нè турка во правење предизборни коалиции од кои не може да се измери реалната вредност на политичките идеологии. Во предизборна коалиција не можете на крајот да сумирате колку добила која политичка партија, или која политичка идеологија е поатрактивна за граѓаните. Ние сме пробале самостојно да одиме на избори. Гледаме дека и со педесетина илјади освоени гласови вие останувате без пратеник, односно без претставник во парламентот, што значи дека волјата на 50 до 100 илјади граѓани не е испочитувана и тие немаат свој репрезент во законодавниот дом“,
вели Зајкова.
Зајкова вели дека одлика на плурализмот и демократијата е да не се плашиме од тоа колку партии ќе влезат во Собранието. Според неа, ако имаме една изборна единица, во власта ќе влезат можеби идеологии што се полиберални или поекстремни, што некому нема да му се допаѓа, но потренцира дека тоа е во духот на демократијата.
„Знам дека голем дел од анализите покажуваат дека ова може да доведе до нестабилни влади, но и во ваков (актуелниот н.з.) изборен модел сведочиме на тесни мнозинства, сме сведочеле како земја на голем број изборни циклуси, на предвремени избори“,
потсетува таа.
Лидерката на ЛДП вели дека со повеќе партии во власта ќе се засили контролата кон извршната власт. Смета дека сега нема проверки и баланс меѓу парламентот и извршната власт, туку парламентот носи одлуки во интерес на извршната власт.
Таа најави дека в понеделник сите предлагачи на законот за воведување една изборна единица ќе имаат прес-конференција во Собранието.
„Ние бараме еднаш да се стави на дневен ред предлог-законот што го поднесовме, бидејќи тој застана на прво читање во Комисијата за политички систем. Сакаме да се отвори дебатата пред пленумот и да може да ги изнесеме аргументите за кои ние сметаме дека одат во прилог на една изборна единица, а и да можеме да ги слушнеме аргументите на политичките партии што не се поборници на оваа теза. Има и такви кои сметаат дека треба една изборна единица, но треба да се воведе изборен праг. Ајде, да ги соочиме аргументите и да искреираме решение што ќе биде најдобро и за државата и за граѓаните“,
повика Зајкова.
Таа рече дека не може да зборува во име на другите предлагачи, но ЛДП е подготвена да води преговори за изборен праг.