Ќе се гради интегритет на судството тогаш кога ќе се покаже силна политичка волја за тоа, кога политиката ќе ги тргне сите форми на влијание од судството и кога судиите ќе соберат сила јавно да ги детектираат проблемите и проблематичните меѓу себе. Мора да постои силно изразена политичка волја на сите чинители во општеството, на сите три власти, за респект на независноста на судството. Но, и судството мора да се охрабри и да зборува. Нам ни требаат одважни и самосвесни судии кои ќе знаат јавно да зборуваат. Судиите се се повлечени, се помалку подготвени за критички расправи и уште помалку за самокритика.
Вака Мирјана Лазарова Трајковска, судијка во Врховниот суд и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права одговори денеска на прашањето, како да се врати довербата во домашното судство, што и го постави вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска на конференцијата „Зајакнување на жените и младите во борбата против корупцијата и во вградувањето на европските фундаментални права и вредности во регионот“.
Според Лазарова Трајковска, во овој момент главните оски на влијание на политиката врз судството се Академијата на судии и јавни обвинители и Судскиот совет.
-Регрутирањето на кадрите во судството оди преку овие институции. И ова е делот од каде политиката треба полека да се повлекува и да го остави судството само да се управува и да се самоорганизира, потенцира Лазарова Трајковска.
Таа порача дека без независно судство, нема придвижување напред и тоа, рече, не се флоскули, туку се апели и повици за јасно почитување на поделбата на власта. Мора да се знае, подвлече Лазарова Трајковска, која е улогата на извршната власт, која е улогата на законодавната власт и каде и е местото на судската власт. Еден од проблемите, додаде, е и тоа што судовите не се доволно транспарентни и отворени кон јавноста.
-Не постои друг начин за да се врати довербата во судството. Претпоставувам дека ова е еден од најголемите предизвици пред кои ќе се соочиме со оглед дека со големиот број случувања и таа малку доверба во правосудниот систем, не само во судството, е силно разнишана. Јас секогаш велам дека мора да си повторуваме постојано дека независноста на судството е вистинската потпора на владеењето на правото и на демократските процеси. Без независно судство нема придвижување напред и тоа не се тоа флоскули, туку тоа се апели и повици за јасно почитување на поделбата на власта – да се знае која е улогата на извршната власт, која е улогата на законодавната власт и каде и е местото на судската власт. Ние во последните три децении сите гревови и грешки на извршната и законодавната власт сведочевме како се префрлаат и се одбиваат од плеќите на судството. И прстот постојано се упатува кон судството. Таквиот деградирачки и омаложувачки пристап кон судството, како имиџ се гради со години наназад и понекогаш и самите судии и судството учествуваат во тоа да се создаде претстава дека Судот не направил онолку колку што треба, истакна судијката.
Правдата, дополни, не треба да биде само изречена, туку треба да биде видливо изречена.
-За жал, во изминатите три децении, реформата на судството или градењето углед и доверба на судството, се сведуваше на носење нови закони, изменување, дополнување на закони. Тие уште не заживееле и одеднаш се пристапува кон нови измени. Кривичниот законик кој беше предмет на дебати и кој се уште е предмет на дебати, сменет е повеќе од 30 пати. И за судиите ваквата правна несигурност и ваквата правна нестабилност, претставува голем проблем. Замислете како е тоа за граѓанинот кој треба да има јасни и чисти правни очекувања од судството. Кога имате правна нестабилност, кога имате нестабилен правосуден систем кој постојано е изложен на промени, тешко може да очекувате предвидливи одлуки од еден суд. Одеднаш, со упад на измени на некој закон, се изместува цела една легислатива, се изместува цел еден систем на владеење на правото. Од друга страна, постојаните повикувања на судиите во предмети каде што се суди за лица од политиката или за политичарите, создава претстава дека судовите се занимаваат најмногу со такви предмети, а реалноста е многу поинаква. Пред судовите правда бараат граѓаните, најчесто во граѓански постапки, во управни постапки, а фокусот на јавноста е на казненото право, фокусот на јавноста е на кривичните постапки. И тука се гради јавниот имиџ или угледот на судството, рече Лазарова Трајковска.
За жал, предочи, во последните години и самите судии имаат перцепција дека нивниот интегритет е силно разнишан не само како последица на влијанијата и притисоците однадвор, туку и како резултат на процесите што се случуваат внатре во судството поради силната пенетрација на политиката.
-До пред неколку години имавме закон кој дозволуваше директен влез во високите судови, директно во апелационите судови, директно во врховните судови, и мерит системот на градење кариера во судството беше напуштен за еден добар временски период и сега ќе ги живееме последиците од тоа подолго време. И еден трет сегмент за кој не се зборува многу. Во последните петнаесетина години имаме шест закони за амнестија, имаме упади во кривичните закони, менување на кривичните постапки. Уште еден исклучително важен елемент е исто така подготвеноста на судовите транспарентно и отворено да ја информираат јавноста, да ја известуваат за начинот на работење. Се разбира тука постојат и голем број на сегменти коишто ќе влијаат за она што вие го нарековте ефикасно работење на судството. Ние се уште се справуваме со предмети, со списи во хартиена форма, а живееме во време на информатичко општество кога најголем дел од судовите во Европа ја користат максимално информатиката и комуникациските технологии. Но, тоа е една фаза која ќе зависи и од еден самостоен независен судски буџет, а не од буџет којшто е креиран и планиран од извршната власт, укажа Лазарова Трајковска.
Таа се осврна и на финансиската независност на судството на која, потенцира, исто така мора да се работи.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.