ПРИШТИНА (АА) – Премиерот на Косово, Албин Курти, по средбите со лидерите на Европската Унија (ЕУ) во Брисел изјави дека понудил потпишување на Основниот договор, со член 7 што се однесува на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство, но дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одбил да го потпише договорот со Косово, пренесува Анадолу.
Како што се наведува во соопштението на Владата на Косово, претседателот на Србија побарал да се прифати и дополнителниот документ со кој практично се поништуваат три принципи од Основниот договор, имплементирачкиот анекс и нацртот предложен од страна на петте емисари на 21 октомври 2023 година.
Премиерот Курти рече дека „прифаќањето подразбира потпишување, а само потписот подразбира прифаќање и гарантира имплементација“.
Курти се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика, Жозеп Борел, и неговиот емисар Мирослав Лајчак. Курти им се заблагодари на сите за нивниот придонес и ангажманот за мирот и нормализирањето на односите меѓу Република Косово и Србија.
„Премиерот Курти нагласи дека по терористичкиот напад на 24 септември негов приоритет е безбедноста на Косово, со акцент на граничниот премин со Србија бидејќи од другата страна дојдоа парамилитарци што извршија терористички и криминален напад, убивајќи и ранувајќи косовски полицајци. За да не се повтори ова, потребни се санкции и казна за Србија“, се наведува во соопштението на Владата на Косово.
Се додава дека истрагата за терористичката и паравоена група спонзорирана од Србија треба да покаже точно кој што направил при извршувањето на овој чин на агресија, додека во меѓувреме нема дилема кај меѓународниот фактор во врска со виновникот.
Понатаму се наведува дека паравоената терористичка група на Милан Радоичиќ и другите одговорни треба да му бидат испорачани на Косово, каде што би биле предмет на праведна и фер судска постапка, особено кога се има предвид дека правосудниот систем на Косово и судските процеси се мониторирани од страна на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото – ЕУЛЕКС.
Курти потсети дека бил подготвен да потпише и во Брисел на 27 февруари 2023 година, како и во Охрид на 18 март 2023 година, а и синоќа на 26 октомври 2023 година, нагласувајќи дека токму Самитот на Европскиот совет во Брисел е вистински настан за потпишување на Основниот договор, вклучително и нацртот понуден од ЕУ и САД со цел извршување на член 7 во врска со член 10 од Основниот договор.
„И покрај вака широкоградата понуда на премиерот Курти, претседателот на Србија, Вучиќ, одби да го потпише договорот со Косово и побара да се прифати и дополнителниот документ со кој практично се поништуваат трите принципи на Основниот договор, имплементирачкиот анекс и нацртот предложен од петте емисари на 21 октомври 2023 година“, се наведува во соопштението.
Курти нагласи дека Косово заслужува статус на кандидат во рамките на ЕУ, значи и приклучување на петте други земји членки на ЕУ со останатите 22, со цел признавање на независноста на Косово, додека безбедноста на границите на Косово, заедно со колективната безбедност на регионот на Западен Балкан е зајакната преку Договорот за партнерство за мир со НАТО во насока на зачленувањето на Косово во оваа северноатлантска алијанса.
Претседателот на Европскиот совет, Мишел, претходно објави дека во Брисел, заедно со колегите од Европската Унија, одделно се сретнал со премиерот на Косово, Албин Курти и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Со Жозеп Борел и со колегите од ЕУ се сретнавме со премиерот Албин Курти, а потоа и со претседателот Александар Вучиќ. Деескалацијата и враќањето на нормализирањето на односите меѓу Белград и Приштина е од суштинско значење“, соопшти Мишел преку мрежата Х.