Во Битола денеска се одржа регионална јавна расправа по Нацртот на Просторниот план на Република Македонија до 2040 година, со посебен акцент на Пелагонискиот плански регион.
Јавната расправа се одржа во салата на Советот на Општина Битола, а организатори се Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата за планирање на просторот и Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
На расправата присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека просторното планирање има особено значење за идниот развој на локалните заедници.
Коњановски посочи дека Општина Битола веќе го започнала процесот на изработка на нов Генерален урбанистички план, имајќи предвид дека актуелниот план е стар неколку децении.
„Ние како сериозна локална самоуправа ја имавме храброста да го отпочнеме тој процес, кој години наназад само се најавувал. Просторното планирање е клучен инструмент за обезбедување одржлив развој и воспоставување долгорочни и одржливи рамки за социјален, територијален и економски развој“, истакна Коњановски.
Според него, ваквото планирање треба да придонесе и за подобра поврзаност меѓу различните сектори, како домувањето, транспортот, енергетиката и економијата, како и за подобра координација меѓу националните и локалните системи за урбан и рурален развој.
Просторниот план до 2040 година претставува највисок стратешки документ во областа на просторното планирање и треба да даде насоки за организација, користење, заштита, уредување и управување со просторот на државата.
На регионалната расправа беше презентиран Нацртот со посебен осврт на Пелагонискиот регион, а можност за учество и давање предлози имаа државните и локалните институции, јавните претпријатија и установи, стопанските субјекти, професионалните и научните организации, граѓанскиот сектор, како и други заинтересирани правни и физички лица.

