Кој сака да (ја) замолчи ТВ Алсат

July 12, 2023
6 mins read

Анонимен подносител доставил иницијатива за одземање на лиценцата на ТВ Алсат, а АВМУ ја ставила на дневен ред на Советот. Иницијативата е отфрлена, но го отвори прашањето – зошто воопшто добила таква легитимација (иницијативата била нецелосна) и дали ова е инструмент кој може да се користи за заплашување и на други медиуми

Првиот човек на АВМУ, директорот Зоран Трајчевски, вели дека поднесувањето ваква иницијатива може да се толкува и како притисок врз телевизијата Алсат. Но, додава, иако биле свесни дека е нецелосна, можеле да ја отфрлат само на седница на Советот

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) вчера ја одржа 22. седница. Под реден број 3 се најде точката „Предлог-решение за отфрлање на Иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД АЛСАТ-М ДОО Скопје“.

Станува збор за иницијатива која била поднесена анонимно. Првично, неколку дена пред одржување на седницата, било предложено да се стави на дневен ред информација за иницијативата, но до одржувањето на седницата насловот на точката бил сменет во „Предлог-решение за отфрлање на иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Алсат-М“.

„Точка три гласеше ’информација‘, бидејќи овој дневен ред беше од пред неколку дена. Во меѓувреме, во конечниот материјал е изменета содржината и сега ќе гласи ’Предлог-решение за отфрлање на иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Алсат-М‘“,

беше посочено вчера на почетокот на седницата.

Дневниот ред, со оваа точка како трета по ред, едногласно беше усвоен од членовите на Советот во АВМУ, а кога дојде на ред дискусијата за неа, образложение даде директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, чиј беше предлогот да се донесе решение за отфрлање на иницијативата.

Извор: Веб-страница на АВМУ

Тој објасни дека иницијативата е од анонимен подносител и во неа се обвинува ТВ Алсат и компанијата основач дека ја злоупотребуваат дозволата и позицијата. Но, рече Трајчевски, пријавата е нејасна и нецелосна, линковите што биле испратени како докази не се ни отвораат и не може да се види за што станува збор.

„Од анонимен подносител е поднесена иницијатива за одземање на дозволата и испратени се неколку линкови кои ги наведува анонимниот подносител од кои линкови, според неговото кажување, треба да се заклучи дека радиодифузерот ја злоупотребува својата положба како имател на дозвола за емитување и имател на дозвола од јавен карактер кој има јавна функција и може да дојде до граѓаните. Дека ја злоупотребува својата позиција и шоради тоа предлага Советот да му ја одземе дозволата, истовремено го обвинува и основачот на телевизија Алсат, соодветната компанија.

Со оглед на фактот дека пријавата е нејасна и нецелосна, линковите кои се доставени до Агенцијата не може да се отворат, да се види за што станува збор, а бидејќи станува збор за анонимна пријава, немаме можност да го известиме подносителот да ги отстрани недостатоците и да достави целосно нов предлог. Затоа предлагам да биде донесено решение за отфрлање на предметната иницијатива“,

гласеше излагањето на Трајчевски на вчерашната седница.

Тој како директор, според закон, присуствува на седниците на Советот на АВМУ, но нема право на глас. Во вчерашниот случај, неговиот предлог за отфрлање на иницијативата едногласно и без дебата беше усвоен од членовите на Советот.

Меѓутоа, меѓу прашањата кои ги отвори вчерашната седница е зошто воопшто оваа точка се најде на дневен ред на седницата? Дали ова значи дека сите анонимни претставки и иницијативи од граѓани треба да се ставаат на дневен ред што, пак, понатаму би можело да се користи од разни страни за притисок врз медиумите?

За анонимни претставки се одлучувало и претходно, вели првиот човек на Советот

Претседателот на Советот на АВМУ, Лазо Петрушевски, вели дека ова не е првпат односно оти и во минатото се ставале анонимни иницијативи од граѓани на дневен ред, но не можеше прецизно да посочи пример со оглед дека, како што вели, изминатите години овој состав имал над 500 седници.

Тој посочува дека како претседател добива предлог од директорот што да се стави на дневен ред и го прифаќа или одбива, а потоа предложениот дневен ред се гласа на седница, како што беше случај и вчера. На прашање – ако точката за ТВ Алсат била нејасна зошто воопшто се нашла на дневен ред, тој одговара дека на претставките треба да се одговори и оти веројатно желбата и на директорот Трајчевски и на останатите е да се биде транспарентен.

Лазо Петрушевски, претседател на Советот на АВМУ

„Желбата е да се биде транспарентен и да бидеме сите заедно во таа работа“,

вели Петрушевски.

За директорот на АВМУ иницијативата може да е и своевиден притисок кон ТВ Алсат

Директорот Зоран Трајчевски, пак, во разговор со „360 степени“ вели дека тие како Агенција, според Законот, за постапување по претставки и предлози се должни да одговорат. Проблемот, во случајот, е што претставката била анонимна, а во исто време била и нецелосна. Бидејќи немале од кого да побараат да ја дополни, предложил да биде отфрлена. А со оглед на тоа што единственото тело во АВМУ за отфрлање на иницијатива за одземање лиценца е Советот, предложил за иницијативата да се произнесе оваа инстанца на седница.

За работи кои се во делокругот на работа на диркеторот, како што вели, тој можел и лично да одговори. На пример, објаснува Трајчевски, пристигнуваат бесмислени претставки со кои се бара згаснување на некои портали и во таков случај како одговорно лице – директор, тој диркетно одговара посочувајќи му на подносителот дека АВМУ не е надлежна за онлајн-медиумите.

Така е и во случајот со ТВ Алсат – за дозволите надлежен е Советот, па оттука ова тело треба да одлучи бидејќи друга можност нема.

Зоран Трајчевски, фото: архива

„Немаме никакви друга можност освен да одлучиме по барањето“,

вели Трајчевски кој неколу пати нагласи дека не се одлучувало воопшто за одземање или не на лиценцата, туку за отфрлање на иницијативата.

Тој се сеќава дека изминатите години на седници на Советот одлучувале и за други претставки и иницијативи со кои се барало одземање дозволи. Па така, неколку пати имало случаи во кои едно радио бара да се одземе дозволата на друго радио, а имало и претставка за една кабловска телевизија. И тие, според неговите тврдења, биле ставени на дневен ред на Советот.

Седница на АВМУ, фото: архива

Во случајот со ТВ Алсат, Трајчевски и во телефонскиот разговор посочи дека станува збор за анонимна пријава и дека биле доставени линкови кои не се отвораат, за што вели не знае дали е намерно или ненамерно испратено така, но потенцира дека пријавувачот, ако сакал, можел да сними и це-де со делови од програмата за кои реагира. И во случај иницијативата да била аргументирана и јасна, потенцира, тоа не би значело директно одлучување за одземање на лиценцата туку во таков случај прво би се обратиле до радиодифузерот да го коригира прекршокот.

Во целата оваа ситуација, тој не ја исклучува и можноста дека некој сакал да направи притисок врз телевизијата.

„Ова, по мене, може да е еден вид притисок. И вас како физичко лице да ве повикаат во полициска станица, без разлика дали сте направиле прекршок или не, додека чекате, ќе чувствувате притисок“,

вели Трајчевски.

Во иницијативата за ТВ Алсат, покрај барањето за одземање на дозволата, анонимниот пријавувач од АВМУ барал дури и да се поднесат кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластувања кон основачот и управителот на компанијата сопственик на телевизијата.

Мирчевски од ММА: Воопшто не треба да се расправа за ваква иницијатива

Од ТВ Алсат решија да не го коментираат случајот.

Првиот човек на Македонската медиумска асоцијација (ММА), Иван Мирчевски, во која членува и засегнатата телевизија, го покренува прашањето – која е пораката што се испраќа со ваквите постапките бидејќи, според него, точката за ТВ Алсат воопшто не требало да се најде на дневен ред.

Иван Мирчевски, претседател на Македонска медиумска асоцијација (ММА)

„Главните моменти коишто можат да бидат причина за одземање на лиценца се пропишани во самиот закон и тоа се тешки нарушувања на законот за АВМУ и на уставниот поредок на Македонија. Она што јас го знам е дека претставката е дојдена со одредени хиперлинкови кои треба да бидат доказ за несоодветно однесување на ТВ Алсат и она што го знам е дека истите линкови не биле активни, односно никој не можел да ги отвори и да види за што станува збор. Тоа за мене е доволна причина за советниците, а не директорот, да ја отфрлат и воопшто да не расправаат за иницијативата од причина што нема формално-правна важност ниту сила“,

вели Мирчевски.

И тој, како и директорот на АВМУ, потенцира дека за да се дојде до одземање лиценца треба прво да му се даде можност на радиодифузерот да ја отстрани грешката.

„За оние кои беа многу ‘загрижени’ за оваа работа, треба да знаат дека доколку некоја ТВ направи прекршок, Агенцијата треба да ја опомене и да и остави рок не подолг од 30 дена нотираната грешка да ја отстрани. Доколку тоа не се случи, може да се разгледува одземање лиценца и тоа во зависност за каков прекршок станува збор“,

вели Мирчевски.

Постапката за одземање дозвола на радиодифузер е регулирана во членот 83 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според тоа што го пропишал законодавецот, Советот во АВМУ покренува постапка за одземање на лиценца по предлог на директорот. Предлогот со образложение потоа се доставува до членовите и тие како Совет се должни во рок од 15 дена да донесат одлука.

Член 83, Закон за аудио и аудиовизуелни услуги

Понатаму, членот 84 предвидува дека ако има одлука за одземање на дозволата, телевизијата или радиото може да поднесат тужба до надлежниот суд во рок од 30 дена од приемот од решението и ваквата постапка се води по итна постапка.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Наталиа Илиевска Божиновска нов генерален секретар на ФФМ

Следно

Фулам ја прифати понудата за Митровиќ кој се сели во Саудиска Арабија

Latest from Blog

Курир неофицијално дознава: Неколку лица се приведени по вчерашните инциденти со знамето (ВО ЖИВО)

Неколку лица се приведени по вчерашните инциденти со знамето. Курир од извори во МВР, неофицијално дознава дека за инцидентите со македонското знаме приведени се неколку лица. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

Возобновени 19 мостови во Градски парк и реновиран Халк корнерот во Лептокарија

Халкбанк АД Скопје, во рамки на својата платформа за одржлив развој и заштита на животната средина HalkEco, изминатиот период ги заврши активностите за повторно обновување на 19 пешачки мостови во Градскиот парк,

ДУИ: Го осудуваме чинот на палење на државното знаме, но и полициската интервенција за време на прославата на Денот на албанското знаме

„Демократската унија за интеграција остро ја осудува полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме, ден кој има исклучително значење за Албанците во Република Северна Македонија и

Осуда од сите страни за сквернавењето на македонското знаме- надлежните органи постапуваат по настанот, МВР со прес

Кинење и сквернавење на македонското знаме беше забележано синоќа за време на прославувањето на Денот на албанското знаме во Скопје. Со автомобили со развеани знамиња по улиците на Скопје и во други

СПМ најостро го осудува хулиганското дивеење и уништувањето на државното знаме

Социјалистичката партија на Македонија најостро го осудува хулиганското дивеење и уништувањето на државното знаме. -Директно ги посочуваме виновниците кои на вандалски начин го сквернавеа македонското знаме. Тоа претставува чин на непочитување на
Go toTop