Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Јадранка Дабовиќ Анастасовска денеска доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за нов член на Уставен суд, на предлог од владејачкото мнозинство.
Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека професорката има импозантно CV со коe треба да биде горда за целата своја измината работа, за печатот што го има оставено во областа на правото. Но, од друга страна прашаа зошто мнозинството и оваа власт сакала да го протне изборот набрзина, на мала врата за кандидат со богато CV коешто е опишано на 25 страни. Тие обвинија дека власта не се консултирала со нив како опозиција. Посочија дека власта систематски бара решение како да ги пополни институциите со партиски функционери кои, како што рекоа, понатаму ќе ја бранат од криминалите, корупцијата.
Според опозициските пратеници, власта го девалвира правосудството.И за овој кандидат, како што рекоа, провејува она што е континуитет на изборот на претходните кандидати, а тоа е дека сепак има финеси на политичка позадина, со нејзината претходна работа како советник во Град Скопје во периодот од 2005 до 2009 година од редовите на СДСМ и член на Управниот одбор на ФЗО. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека тие во континуитет бараат при одлучување за тоа кој кандидат ќе биде член на Уставниот суд во ситуацијава, кандидатите за уставни судии да бидат присутни на оваа Комисија на која пратениците ќе можат да ги слушнат нивните изглагања, нивните перспективи и визии за она што сметаат дека е клучно во реформите кои треба да се случат во областа на Уставниот суд и на надлежностите.
-Професорката има импозантно Сиви кое што за разлика од претходните кандидати кои беа предлагани од власта Тања Васиќ Бозаџиева, Фатмир Скендер, јавниот обвинител Љубомир Јовески, не може да се каже дека се работи за истакнати правници, особено кога се зборуваше за Тања Васиќ Бозаџиева, рече Јадранка Поцкова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
-Македонија не успева да ги спроведе реформите поврзани со Европската унија, вклучително и во областите на основниот кластер, особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформи во јавна администрација, управување со јавни финансии итн. Исто така, во Извештајот на ЕК констатирани се и бруталните незаконитости кои се случија при разрешувањето на претседателката на Судскиот совет кое што е нотинаро како загриженост за политичко мешање. Токму тоа се случува и денеска при изборот на кандидат за Уставниот суд. Класично политичко мешање, истакна Александар Велјaновски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница зборуваа и за скандалот во ЈЗУ Клиниката за онкологија и радиотерапија и повторија дека мора да има одговорност за овој случај.
Освен Дабовиќ Анастасовска, за нов член на Уставен суд предложени беа и Родна Живковска и Саво Климовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и долгогодишниот судија и обвинител Тодор Витларов.
Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски, чиј мандат истече во јануари 2022 година.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.