Советот денеска на нејавна седница гласал да ја повлече првичната одлука за разрешување на Дамева. Потоа, на нова тајна седница ѝ изгласал недоверба и ја разрешил. Покрај тоа, на тајна седница била констатирана и оставка од заменик-претседателот Селим Адеми, кој важеше за предводник на групата што се залагаше за разрешување на Дамева. Меѓутоа, неговата оставка е со одложено дејство – ќе важи откако ќе се избере нов претседател, ќе се објави одлуката во „Службен весник“ и ќе се направат промени во Централниот регистар
Одлуките за нејавни седници од Судакиот совет ги правдаат со одредба од законот која предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата. Но, на двете нејавни седници денеска воопшто не се расправало за судија или кандидат за судија
Пред доцна попладнево (после работното време) Судскиот совет да го избере Сашко Георгиев за нов претседател, биле одржани две седници зад затворени врати.
Седниците, за кои се информира на веб-страницата на Советот, не биле јавни и на нив се донеле две одлуки, а паднала и една оставка.
Повлекување на одлуката за разрешување на Дамева
Судскиот совет се најде во ќорсокак откако на 26 април 2023 година, заменик-претседателот Селим Адеми, во присуство на тогаш актуелната претседателка Весна Дамева, го презеде раководењето на седницата и на дневен ред стави точка за нејзино разрешување.
„За“ гласаа седум члена: Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиев, Лорета Георгиева и Павлина Црвенковска.
По ова Адеми констатираше дека Дамева е разрешна и повеќе не може да раководи со седниците.
Меѓутоа, ваквата одлука денеска била повлечена на првата нејавна седница. Седницата, како што тврдат од Советот, била итна и се одржала во 13:30 часот. Едногласно било одлучено да се „стави вон сила“ решението за разрешување на Дамева.
„Судскиот совет донесе одлука со која се става вон сила решението на Судскиот совет на РСМ бр. 02-901/1 од 26.04.2023 година со кое Весна Дамева се разрешува од функцијата претседател на Судскиот совет на РСМ, сметано од 26.04.2023 година“,
велат од Судскиот совет.
Разрешувањето кое денеска било повлечено, изминативе денови предизвика низа реакции од стручната јавноста. За разрешување претседател нема предвидено процедура ниту во Законот за Судскиот совет ниту во Деловникот за работа. Во таа насока беа и јавните реакции кои пристигнаа од стручната јавноста – со оглед на тоа што нема предвидена процедура, за да се отстрани од претседателската функција, Дамева требало да биде разрешена од член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна дисциплинска постапка која трае одреден период и предвидува и нејзин одговор како странка.
А, кога ќе дојде до гласање, потребни се осум гласа „за“, не сметајќи го оној на предлагачот. Дамева, пак, беше разрешена само од претседателската функција со седум гласа, меѓу кои и гласот на заменик-претседателот кој го иницираше разрешувањето.
Гласање недоверба на Дамева
Вендаш по завршувањето на оваа, Судскиот совет во 14 часот, како што тврдат оттаму, одржал уште една нејавна седница. На неа, ѝ била изгласана недоверба на Дамева со девет гласа „за“.
„Врз основа на изгласаната недоверба на претседателот на Судскиот совет на РСМ Весна Дамева, со 9 гласа „за“, донесена е одлука за разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет на РСМ“,
велат од Судскиот совет.
Адеми дал оставка со одложено дејство: Прво гласал за нов претседател
Покрај разрешувањето, на втората тајна седница била констатирана и оставка на заменик-претседателот Селим Адеми, кој важеше за предводник на групата што застана зад отстранувањето на Дамева од претседателската функција. Меѓутоа, во информацијата од Судскиот совет се наведува дека оставката е со одложено дејство – важи откако ќе заврши процедурата за изборот на нов претседател.
„Воедно донесена е и одлука со која се констатира оставката на м-р Селим Адеми од функцијата заменик-претседател на Судскиот совет на РСМ, со одложно дејство до избор на нов претседател на Судскиот совет на РСМ, објавување на одлуката за избор во Службен весник на РСМ и негово запишување во Централен регистар за овластен потписник на сите акти и сметки на Советот“,
соопштија од Советот.
Адеми, заедно со групата која го изгласа разрешувањето на Дамева на 26 април, денеска гласаше за изборот на Сашко Георгиев. Меѓутоа, тие седум гласа не беа доволни за избор на нов претседател бидејќи законот предвидува минимум осум „за“.
Денеска осмиот глас дојде од судијката Тања Чачарова-Илиевска, која гласала така за да профункционира Советот.
Откако биле одржани овие две нејавни седници, Судскиот совет, непосредно пред започнувањето, објави соопштение на веб-страницата дека во 16:30 часот ќе се одржи седница за избор на нов претседател.
Дамева беше единствената од 13-те члена со право на глас што не присуствуваше на гласањето.
Четворицата членови кои гласаа „против“ изборот на Георгиев беа Мирјана Радевска-Стефкова, Зоран Герасимоски, Ивица Николовски и Мери Радевска.
Како што јави МИА, тие кажаа дека „принципиелно гласале ’против‘“ бидејќи, како што посочија, Сашко Георгиев гласал за разрешувањето на Дамева и со тоа придонел за состојбата во која се најде Судскиот совет.
Сите членови биле сложни двете седници да бидат тајни
За двете седници денеска (во 13:30 и во 14 часот), кои се одвивале зад затворени врати, според соопштенијата од Судскиот совет, била донесена едногласна одлука да бидат нејавни.
Одлуката ја правдаат со ставот 2 од членот 39 од Законот за Судски совет.
Тој став предвидува дека јавноста може да биде исклучена заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судијата.
„Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија. За исклучување на јавноста од седниците, Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас“,
гласи ставот 2 од членот 39.
Но, на двете нејавни седници денеска воопшто не се расправало за судија или кандидат за судија.
Дополнително, во понатамошниот текст на законот, конкретно во ставот 3 од истиот член, се наведува дека Советот е должен да ја извести јавноста за причините зошто седницата е тајна и во случај на таквата седница се носи одлука со гласање, тогаш гласањето е јавно. Меѓутоа, тоа не беше случај со денешните две тајни седници. Информација за нивното одржување Советот објави откако завршија.
ИЗВОР: 360stepeni.mk