Не толку одамна, книжевникот, колумнист и публицист, но и поранешен учесник во војните во поранешна Југославија како припадник на паравоените српски формации – Драгослав Бокан за Македонија ќе каже дека е артифициелен (вештачки) конструкт, на кој како таков судбината му е да се распадне. Овие ставови Бокан ќе ги изнесе на 4 јуни 2019 година во гостување во утринска програма на српската Хепи ТВ, каде тема се Косово, Голема Албанија, Црна Гора, Македонија, НАТО и прашањето што да прави Србија во целиот тој контекст
Во одговорот на нашите прашања од Владата се вели дека на барање на Српскиот културен центар – Скопје ја поддржале реализација на проектот Свечена Светосавска академија „Денови на Свети Сава“, со одобрување финансиски средства, според овогодишните можности и согласно практиката од претходните години. Но, оттаму посочуваат дека освен финансиската поддршка, Владата не била вклучена директно во прашања од организациска природа или листа на говорници
Од ВМРО-ДПМНЕ досега не добивме одговор на нашите прашања
Ден петок. Датум 27 јануари 2023 година. Српската заедница го одбележува својот национален празник – Денот на Св. Сава, а по тој повод, како и секоја година, во Македонскиот народен театар е организирана Светосавска академија.
Првите редови во МНТ резервирани и во нив со почит кон празникот седнати претставници на Владата на Северна Македонија – премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Портретот на Св. Сава, кој доминира на бината, десно од влаините претставници „гледа“ во лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, и вицепремиерот и министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ, во својство на личен претставник на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Во првите редови, лево од владините претставници седат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и потпретседателот на партијата, Александар Николоски.
Додека „организаторот“ Стоилковиќ ги претставува високите гости, најдолготраен аплауз од присутните добива рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.
Атмосферата пригодна, свечена, како што доликува на празникот. Како и говорите и обраќањата на Стоилковиќ, премиерот Ковачевски, српскиот министер за одбрана Вучевиќ…
Меѓу нив и еден контроверзен лик, со важна улога.
„Со Светосавска беседа ќе ни се обрати книжевникот, колумнист и публицист г. Драгослав Бокан“,
најавува водителката на манифестацијата.
Не толку одамна, книжевникот, колумнист и публицист, но и поранешен учесник во војните во поранешна Југославија како припадник на паравоените српски формации – Драгослав Бокан за Македонија ќе каже дека е артифициелен (вештачки) конструкт, на кој како таков судбината му е да се распадне.
„Сите вештачки конструкти се распаѓаат“
Овие ставови Бокан ќе ги изнесе на 4 јуни 2019 година во гостување во утринска програма на српската Хепи ТВ, кај водителот Миломир Мариќ, каде тема се Косово, Голема Албанија, Црна Гора, Македонија, НАТО и прашањето што да прави Србија во целиот тој контекст.
„Краткорочната политика е една работа, а онаа долгорочната која е всушност историјата на Балканот со сите нас кои живееме тука е нешто сосема друго, така што на краток рок тие навистина го немаат тој вид на опасност, кој ние го имаме кои сме пред вооружен судир со Косово и со сите оние кои го поддржуваат Косово, но на долги патеки тие доброволно се согласуваат се преземање (од страна на Албанија) на своите територии без оружје. На тој начин ние сме во подобра позиција, но на поболен начин и да не зборувам за тоа дека тие ја губат и својата чест и она што го сочинувало својството на нивната идеја, црногорската идеја во историјата или македонската идеја во историјата, тие практично сега се подвинуваат на туѓи барања во функција на батлер, собар кој го слуша својот газда и се обидува притоа да личи повеќе на својот газда“,
ќе каже Бокан од своето столче во студиото на Хапи ТВ.
Откако ќе даде оценка дека „високата дипломатија е секогаш низа на меѓусебни измами“, со извесни разлики во однос на нејзното дејствување во претходните времиња и сега, Бокан фокусот го насочува кон Македонија, нејзината историја и судбина.
„Целата историја на модерна Македонија е некој вид на артифициелна операција, конструкт на нешто што не е најјасно дефинирано, ниту црковно, ниту народно, ниту државно. Тоа со името е само дел од таа приказна која трае уште од 1945 година кога практично Македонија е тотално десрбизирана и отргната од сопствената историја, така да речеме дека Првата балканска војна практично е необјаснива, нејасна кога гледаме од перспектива на таа автохтона Македонија во која нема ништо српско, ниту има некаква врска со нас дури е дел од некаква антисрпска коалиција од моментот кога ги прими НАТО-трупите и ги пушти на нас. Од таа страна приказната за Македонија е приказна за еден вештачки конструкт, каков што беше Југославија и сите вештачки конструкти се распаѓаат како што се распадна Југославија“,
ќе каже Бокан.
Од следното негово искажување во врска со Косово, испливува ставот на беседникот на годинашново чествување на Св. Сава дека некои прашања не може да се решат по мирен пат.
„Ако вие имате јасна цел тогаш е многу полесно да ги употребите стратешките средства, ако вие имате заматена цел па сте сакале да ви аплауидираат, да ве фалат дека повторно сте успеале по мирен пат да го решите она што не може да се реши исклучиво по мирен пат, тоа е едно. Ако вие имате цел навистина да ги заштитите тие луѓе, тоа е нешто сосема друго“,
ќе каже тој, откако претходно ќе даде објаснување што подразбира под стратешки можности – користење на војска, дипломатија, до обичниот народ и до културна политика која ги следи таквите случувања и ги прилагодува околностите.
Во целиот разговор во кој нема спротивна страна која ќе застапува поинакви погледи, Бокан во својата аргументација ќе ја вклучи и приказната со детето кое постојано викало: „еве, волк“, давајќи морбиден шовинистички епилог на приказната во која, според него, детето е „шиптарско, а волкот доаѓа од исток“.
„Работата е едноставна, ако нешто повториш сто пати, тоа е како оној виц за детето кое постојано вика: еве волк, еве волк, еве волк – а, на крајот, кога ќе наиде волкот, веќе никој не му верува. Во таа смисла, постои волк од исток кој може да наиде и заедно со нас да направи тоа дете таму шиптарско кое вика и се смее на волкот, на крајот, да настрада од тој волк“.
На крајот на емисијата гостинот Бокан ќе заклучи дека злото е моќно и често раководи со најголемата сила на светот, а наше е да се браниме.
„Долго време ние бевме шокирани, блокирани и како хипнотизирани верувавме дека ако покажеме дека сме ненормално и абнормално трпеливи и склони кон простување дека тоа ќе влијае на нашите противници и дека ќе има милост, како што верувавме дека Хрватите и Словенците по 1918 година кога ќе добијат се што добија ќе бидат вечно благодарни кон нас. Колку ни се благодарни водивме 25 години подоцна и цело ова време го гледаме тоа и истата работа само во поголем формат се случува со меѓународната заедница. Ништо страшно. Злото постои во сите облици од кога е светот и векот, постои и сега. Злото е моќно и често раководи со најголемата сила на светот, но често и пропаѓа. Наше е да се браниме, но не само да ја браниме Србија и Косово, туку да ја браниме вистината и правдата, да ја браниме верата во законите, верата во својот устав, верата во неповредивост на границите на нашата татковина, верата дека не е толку лесно да не победи некој, верата во тоа дека постои спартанска историја на Србија која стотици пати се докажувала“,
ќе каже Драгослав Бокан на 4 јуни 2019 г. во Хепи ТВ.
Бокан во „царскиот град Скопје“
Беседата на Бокан во петокот, беше во созвучие со пригодата и не предизвика никакви реакции. Сепак, два моменти будат интерес – споменувањето на Владимир Ерн, руски филозоф од почетокот на минатиот век, релативно непзонат на Запад и потенцирањето на локацијата на собирот – царскиот град Скопје.
Од она што може да се најде во ретките публикации на интернет, претежно од есеи и слични филозофски осврти, Ерн е претставник на „рускиот национализам“ од овој период, втемелен на православните традиции, кој ја истакнува непомирливоста меѓу западната и руската филозофска мисла.
„…Се состанавме со меѓусебно разбирање на Светосавскиот празник на Христос Спасителот и тоа во царскиот град Скопје кој сите нас овде присутни засекогаш нè врзува во мир и нè инспирира преку единството во различноста на нашата заедничка историја и во тагата и во радостите. Бог со нас“,
беа зборовите со кои Бокан ја заврши својата беседа во Скопје.
Владата само платила, не бирала говорници
За партиципацијата и не малата улога на контроверзниот Драгослав Бокан на свеченоста по повод Денот на Св. Сава прашавме дали знаеле во Владата, но и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии највисоки претставници имаа можност да го слушаат од првите редови на Македонскиот народен театар.
- Дали Владата, чии највисоки претставници присуствуваа на Академијата и на која свое обраќање имаше премиерот Димитар Ковачевски, беше информирана за учеството на Драгослав Бокан како беседник на свеченоста по повод Денот на Св. Сава?
- Кој е ставот на Владата во врска со неговите изјави и самото негово учество на Светосавската академија во Македонскиот народен театар?
- Во кое својство Владата на Република Северна Македонија се јавува во организацијата на Светосавската академија, имајќи предвид дека во поканата за свеченоста се наведени Српскиот културен центар, Претседателот на Република Србија и Владата на Република Северна Македонија?
Овие прашања ги упативме до Владата. Истите, со исклучок на последното, ги испративме и до ВМРО-ДПМНЕ.
Во одговорот на нашите прашања од Владата се вели дека на барање на Српскиот културен центар – Скопје ја поддржале реализација на проектот Свечена Светосавска академија „Денови на Свети Сава“, во чест на одбележувањето на националниот ден на Србите во земјава, со одобрување финансиски средства, според овогодинешните можности и согласно практиката од претходните години.
Додаваат дека освен финансиската поддршка, Владата не била вклучена директно во прашања од организациска природа или листа на говорници.
„Поаѓајќи од фактот дека ние сме функционална мултиетничка демократија и мултикултурно општество определено за соживот, како Влада, присуствуваме на манифестациите на одбележувањето на националните празници на заедниците. Тие манифестации ги прават најчесто здруженија или други правни субјекти кои се претставници на заедниците и тие имаат полна автономија во дизајнирањето на настаните. Како Влада секогаш инсистираме на промоцијата на нашите вредности на соживот, заедништво и на политиките на едно општество и оттаму високо цениме што во реториката на говорниците на академијата оваа година имаше такви пораки“,
се наведува во одговорот од Илинденска бр.2.
Од Владата велат оти и нејзино длабоко уверување е дека иницијативите како Берлински процес и Отворен Балкан ја менуваат политичката клима кон подобро и дека реториките на исклучивост и ксенофобија сè повеќе се напуштаат од политичките актери и тие стануваат маргинални, инцидентни и изолирани појави.
Од ВМРО-ДПМНЕ досега не добивме одговор на нашите прашања.
„Бел орел“
Инаку, Драгослав Бокан е роден 1961 година во Белград. По завршување на Единаесеттата гимназија во Белград, дипломирал на отсекот за филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмски уметности и завршил постдипломски студии на Филозофскиот факултет, пишува српски Вистиномер.
Кон крајот на осумдесеттите се преселил во САД, но се вратил во 1990 година. По враќањето со помош на Драгош Калајиќ, се вработил во Белградскиот издавачки и графички институт (БИГЗ) како уредник на специјални изданија на ексклузивни книги од езотеричната традиција на европската култура.
Тој во својата биографија посочува дека кога се вратил од САД, Калајиќ го однел во тогашната партија Српската национална обнова (СНО), на чело со Мирко Јовиќ. Калајиќ се договорил со Јовиќ, Бокан да стане генерален секретар на СНО, претседател на подмладокот на СНО, наречен „Бели орли“, како и да биде „шеф на контактите на СНО со слични организации во Европа“.
Радио Слободна Европа и Институтот за воено и мирнодопско известување (IWPR) во програмата „Пред лицето на правдата“ во 2007 година пишуваа за паравоените формации во Србија, меѓу другите, и за „Белите орли“ и за Драгослав Бокан.
Во текст во „Бетон“, литературниот подлист на дневниот весник „Данас“, објавен на 3 октомври 2007 година, на истата тема се наведува:
„Неговите орли прво се однесуваат разиграно кога со бејзбол палки ги рушат канцелариите на ТВ Јутел. Следната акција беше упад во Дирекцијата за отстранување на дипломатски станови, од чија тераса, а ла Мусолини, Бокан ги анимираше минувачите за српската кауза свирејќи им патриотски песни. Во 1992 година, ‘Белите орли’ заминаа преку Дрина, каде што учествуваа во операциите за чистење на муслиманското население на територијата на општина Зворник. Присутни се и во операциите околу Сараево, Бјелина, Братунац, Брчко, Приједор и Вишеград. На почетокот на 1993 година, Бокан ја соблече униформата и се посвети на советодавна и пропагандна работа во Босна. Во тоа време одржувал интензивни контакти со Караџиќ, Младиќ и Билјана Плавшиќ (раководството на Србите во Босна за време на војната). Во 1993 година, заедно со Соња Караџиќ, го лансира луксузно опременото списание `Наши идеи`, во кое се обидува да ја врати српската традиција на ‘гралот и Косово’ преку темите на месијанизмот, витештвото, расизмот и словенскиот империјализам. Интересно е што ова списание го издвојува поетот Д.Ј.Данилов од современата српска литература. На насловната страница на првиот број се појавува Мадона Орифлама (1932), а на вториот фотографија од решителна девојка во униформа на Српското патриотско здружение“,
пишува „Бетон“ на 3 октомври 2007 година.
Од 2019 година Бокан е претседател на Институтот за национална стратегија, како што е атрибуиран и во емисијата на Хепи ТВ каде зборува за Македонија.
Иако во првите години по доаѓањето на власт на СНС, како што наведува српски „Вистиномер“, Бокан не се двоумеше да искаже остри критики за Александар Вучиќ и неговиот режим, потоа го менува својот став и станува сè почест гостин на провладините медиуми.
Во декември 2020 година регионалната новинарска мрежа „Безбедни новинари“ реагираше на неговите навредите упатени до Ања Кожул, новинарка на „Новости“, неделник на српското национално малцинство во Хрватска.
Во ноември 2021 година, коментирајќи ги блокадите на патиштата кои беа организирани во знак на протест против донесувањето на законот за експропријација и референдумот, на ТВ Пинк ја навредуваше потпретседателката на Партијата за слобода и правда, Мариника Тепиќ, на национална основа и ја прогласи за национален непријател.
„Потребен е одговор, не само ‘грозни се, вакви се, такви…’ Тие се, но не е тоа темата. Мариника Тепиќ е припадничка на националното малцинство кое ја мрази Србија и српскиот народ, која му се придружи на Чанак во неговата антисрпска организација кога таа беше млада и што учеше? Романски јазик! Од романско семејство! Мајка Романка, татко Романец, работеше во романска организација и таа е наш непријател! Таа е национален непријател, не само идеолошки и политички“,
рече Бокан пренесува Н1 на 29.11.2021 година.
Следниот ден тој ги отфрла критиките дека ја навредувал Тепиќ на национална основа и додава дека „некој се обидува да создаде непостоечки конфликт со Романците“.
ИЗВОР: 360stepeni.mk