Во весела атмосфера и со многу желби за подобра, посреќна и побогата 2024 година, прилепчани ја пречекаа Новата Година. Голем дел во своите домови, со семејствата и најблиските, а други уште викендот заминаа на прослава во и надвор од земјата.
Прилеп годинава немаше организирана пролава на плоштадот, но на полноќ со огномет градските власти ја најавија Новата 2024 година.
Во Новата година, прво се роди женско бебе. Еден час и половина по полноќ, на Одделението за гинекологија во прилепската градска болница среќната мајка Низакете Керимоска од селото Црнилиште на свет го донесе своето второ дете. Од Одделението информираат дека и мајката и бебето се во одлична состојба. Во текот на денот првото новороденче во Прилеп во новата 2024 година ќе добие подароци од градските власти и градоначалникот Борче Јовчески.
Битолчани новата 2024 година ја дочекаа на платото пред Офицерски дом каде без огномет, но со незаборавни специјални светлосни ефекти и 3Д мапинг беше приреден спектакуларен дочек.
Богатата музичка програма „Зимска приказна“ беше заокружена со битолскиот дувачки оркестар и актерот и стенд-ап комичар Марјан Ѓоргиевски, а точно на полноќ бројните посетители ги поздрави градоначалникот Тони Коњановски кој се заблагодари на љубовта со која битолчани и возвраќаат на Битола.
Според востановената традиција, градоначалникот Тони Коњановски претпладнево ќе ги посети ЈЗУ Клиничка болница и ПЗУ „Плодност“ каде ќе додели подароци на семејствата кои имаат новороденче кое се родило на 1 јануари во оваа 2024 година.
Општина Кавадарци организираше новогодишна прослава, дел од кавадарчани синоќа ја дочекаа Новата година на градскиот плоштад, со музика и огномет.
Дегустација на греано вино, трка на дедомразовци, натпревар за најбрзо накитена елка, се само дел од настаните што беа дел од предновогодишната програма на кавадаречката локална самоуправа.
Имавме божиќен пазар, дегустација на топол чај и божиќни колачиња, новогодишна работилница, хуманитарна продажба на новогодишни дела, забава со спектакуларни маскоти, фотографирање со Дедо Мраз, настап на исполнители од музичкото детско фестивалче ,,Гроздоберче” и новогодишна бајка, потсетија од Општината.
Охриѓани и гостите од земјата и странство кои во голем број пристигнаа уште со почетокот на викендот синоќа во свечен новогодишен амбиент, со голем огномет и добра забава ја испратија веќе старата 2023 и ја дочекаа Новата 2024 година. Неколкуте илјади граѓани на Охрид, како и туристи на Градскиот плоштад на релативно топло време за овој период од годината се забавуваа на настапите на ди-џеите Јана Слеј и Багзи, групата „Де-Ен-Ка“, естрадните уметници Татијана Стефановска и Нино Величкоски и групата „Фортуна“.
Весело беше и во угостителските објекти, кои беа исполнети речиси до последно место, гостите уживаа традиционално во богата трпеза и одлична забава до раните утрински часови. Најбројни и оваа година на охридската ривиера беа гостите од соседните држави, на кои во текот на вчерашниот ден полицијата за добредојде во Охрид наместо казни им делеше лампиони.
Новогодишната ноќ гледано од безбедносен аспект мина релативно спокојно, со мал број интервенции на службите.
Според информациите од СВР – Охрид, на територијата на Охрид се регистрирани две нарушувања на јавниот ред и мир, едно пред и едно во угостителски објект, при што се приведени две лица. Во текот на ноќта немало ниту една сообраќајна незгода.
Дежурната екипа на Територијалната противпожарна единица ноќта ја мина во спокојна атмосфера, без ниту една интервенција.
Што се однесува на Службата за итна мединцинска помош, екипите со полни раце работа, но генерално задоволни од тоа како мина новогодишната ноќ. Според нив, немало посериозни интервенции, но во секој случај регистрирани зголемен број повици за пружање помош на интоксикација со алколол, особено кај малолетни лица. Од Службата за итна медицинска помош апелираат до граѓаните да бидат што е можно поумерени, и тоа не само при консумирањето алкохолни пијалоци туку и во оброците.
Охрид рано изутринава го доби и првиот жител роден во Новата година. Првородено оваа година е здраво машко дете, родено час и 45 минути по полноќ.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.