Самоуверените елити се производ на успешни режими. Денешните елити од двете страни на Атлантикот се сè, само не самоуверени. Веќе една година гледаат што се случува и тријат очи со неверување.
Во САД, центристите се згрозени од неблагодарноста на масите за економските успеси на претседателот Бајден и нивното свртување кон Трамп. Подемот на различни форми на Трампизам во Европа – на сметка на либералните икони како што се францускиот претседател Емануел Макрон и германските Зелени – ппредизвикува сличан очај.
Ширум Западот, неуспехот на драконските санкции да ја уништат руската економија, како и отпорноста на кинеските високотехнолошки компании на ударите на жестоките санкции, разгорува мешавина од нихилизам и шовинизам. Колективната фрустрација на западните центристи, кои до неодамна веруваа дека нивната хегемонија не може да биде доведена во прашање, е резултат на три широко прифатени митови.
Првиот мит е идејата дека центарот по дефиниција е најголемиот противник на екстремната десница.
Вториот мит е идејата за репрезентативен примерок, некој митски „просечен гласач“ кој одлучува за исходот на изборите.
Третиот е верувањето дека санкциите и трговските царини можат да ги запрат Кина и Русија поради нивната зависност од западната технологија, капитал и платежен систем.
Покрај тоа што се неосновани, овие митови предизвикуваат фатални заблуди. Нивното раскринкување е неопходен, иако недоволен чекор на патот кон разбирање на сегашноста.
Да тргнеме од митот за непомирливиот конфликт меѓу центарот и екстремната десница и да се запрашаме: дали Макрон ќе успееше да се појави од нигде никаде и да стане претседател на Франција ако Марин Ле Пен и нејзиниот Национален фронт (како што тогаш се нарекуваше партијата ) не беше силен противник? Не. И дали некој како Марин Ле Пен би станала сериозна политичка сила ако немаше човек како Макрон, некој што ќе спроведува политики кои ги фаворизираат најбогатите (со намалување на даноците и печатење пари), додека барем половина од населението дава огромни жртви поради мерките за штедење? Повторно, не.
Иако нема сомнеж дека Макрон и Ле Пен се презираат (слично како демократите и Трамп во САД), нивната политичка моќ произлегува од овoj симбиотски однос. Политиката на државен социјализам за избраните а стегање ремени за сите останати, која ја спроведува политичкиот центар, придонесува за зајакнување на неофашистичката десница, додека јакнењето на екстремната десница ја потврдува клучната теза на политичкиот центар дека нејзините сили се последниот бедем против налетот на неофашистите.
Сега да размислиме за митот за неблагодарниот просечен гласач кој непромислено го игнорира силното постпандемиско закрепнување на западните економии. Сите оние кои се изненадени од политичкиот колапс на Макрон или ги обвинуваат американските маси дека ја потценуваат силната економија што им ја донесе Бајден, се главно луѓе кои живеат во свет на статистички податоци по глава на жител и макроекономски показатели. Според нивното верување, резултатите од изборите треба да зависат единствено од движењето на децималите на БДП и процентот на намалување на стапката на невработеност.
Предизборната мантра на Бил Клинтон за изборите во 1992 година гласеше: „Економија е тоа, глупсоне“. Тоа е мантра која сè уште се користи. Но, сега се отвора прашањето, за чија економија се работи? Кога ќе ги прашате луѓето кои едвај врзуваат крај со крај зошто се лути иако БДП расте, тие велат: „Можеби вашиот расте, мојот не“. Кога ќе им кажете дека инфлацијата е под контрола, тие одговараат: „Цените можеби стагнираат, но тие веќе се премногу високи за нас“. Искрено, не е неочекувано што во светот по 2008 година, животните изгледи на огромното мнозинство се на надолна патека, и покрај светлите макроекономски показатели.
Преценувајќи го опсегот на хегемонијата над сопственото население, западните центристички елити, исто така ја преценија моќта што ја имаат над надворешните непријатели, особено Русија и Кина.
Во случајот со Русија, невидените западни санкции наметнати заради инвазијата на Украина се покажаа како божји дар за претседателот Владимир Путин. Неговата најслаба точка беше неговата ограничена моќ над руските олигарси, кои ја намалија својата изложеност на ризик префрлајќи го најголемиот дел од пленот на Запад. Санкциите му дозволија на Путин да ги принуди да изберат меѓу Русија и Западот. Покрај тоа, како поттик, тој би можел да им понуди да преземат нови профитабилни бизниси (како Мекдоналдс или ИКЕА) од кои западните корпорации се откажаа.
Исто така, воениот режим на руската економија, отсечен од западните синџири на снабдување, иницираше процес на масовна реиндустријализација. На тој начин, и повеќе од неутрализирани беа сериозните проблеми со недостигот на увезени полупроизводи и пропратните скокови на цените.
Отпорот на Кина беше уште поголем шок за креаторите на политиката во Вашингтон, кои беа уверени дека Законот за наука и чипови на Бајден – кој секому (не само на Американците) му забранува да продава напредни полупроводнички компоненти на кинески клиенти – ќе ги ослабне кинеските технолошки компании и ќе им помогне на САД да победуваат во втората студена војна. Но, Хуавеи разви врвен софтвер кој од послабите чипови извлекува повеќе процесорска моќ, додека производителите на чипови сè побрзо го намалуваат заостанувањето во хардверот. Во меѓувреме, поплава од евтини и технолошки супериорни електрични возила и опрема за производство на зелена енергија ги фати американските и европските власти неспремни.
Веројатно најголемиот удар врз самодовербата на западните елити дојде после воведувањето на санкциите, додека се обидуваа да го убедат населението дека производството ќе се врати дома. Дури тогаш сфатија дека 30 години неинвестирање и во производството и во инфраструктурата го направија Западот немоќен. Каде и да погледнеме – САД, Велика Британија или Европската унија – гледаме земји на кои им недостига стручно знаење да создадат нешто ново, знаења што некогаш ги имаа; од британските железници и американската програма за нуклеарни подморници, до зелената енергија, јавното здравје и многу повеќе.
Останува да видиме дали оваа горчлива пилула ќе ги убеди креаторите на западните политики да ги отфрлат трите митови кои толку долго ги држеле во заблуда.
ИЗВОР: off.net.mk