Сите досегашни цели од Реформската агенда во делот на образованието и науката се исполнети, за што во државниот буџет ќе бидат вратени 19,2 милиони евра, истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешниот 19. состанок на Секторската работна група за образование, вработување и социјална политика.
Јаневска, како што соопшти МОН, оценила дека напорите за подобрување на состојбите во образованието и науката добиле потврда од највисоките органи на Европската Унија и се нотирани во Извештајот за напредокот на Македонија за 2026 година.
– Сите цели од Реформската агенда во делот на образованието и науката, предвидени за периодот досега, се исполнети и за тоа добиваме враќање средства во државниот буџет во износ од 19,2 милиони евра. Пристапивме одговорно и работевме посветено, така што дел од целите се остварени и предвреме – изјавила Јаневска.
Таа посочила дека во изминатиот период е зајакната законската регулатива и стратешката рамка во образованието, донесени се нови законски решенија и Стратегијата за образование 2026 – 2032 година, а проширена е и мрежата на регионални центри за стручно образование и обука.
Нагласила дека е интензивиран процесот на оптимизација на училишната мрежа и нејзино приспособување кон демографските промени, проширен е концептот на едносменско работење, а во основното и средното образование се воведени кариерни советници.
Министерката информираше и дека се усвоени нови формули за финансирање на основното и средното образование, а со сет мерки е зголемен интересот за стручно образование. Според неа, повеќе од 70 отсто од учениците во една генерација избираат да се образоваат во стручни училишта, а бројот на компании што овозможуваат практична обука достигнал 1.000.
Унапреден е и системот за образование на возрасните, вклучително и неформалното образование и валоризацијата на стекнатите знаења и вештини.
Во областа на науката, Јаневска посочила дека Владата ја формирала Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, која веќе функционира, како и дека е продолжено активното учество во европските програми за наука и иновации, меѓу кои COST и „Хоризонт Европа“.
– Образованието се развива и како дигитална сфера, каде што вештачката интелигенција е интегрирана во наставата, а унапредена е и инклузијата со вклучувањето на рекорден број од 1.602 образовни асистенти во основното образование и за првпат 190 во средното образование – додала Јаневска.
На состанокот присуствувале и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, претставници на повеќе институции, Европската Унија, меѓународни организации и граѓанскиот сектор.
Јаневска на крајот од обраќањето ја истакнала потребата од итно донесување на предлог-законите за високото образование и за науката, оценувајќи дека од нив се очекува многу, но дека нивното усвојување е закочено во Собранието поради, како што рече, недоволната свесност за нивната важност кај дел од политичките субјекти.
Извор: nezavisen.mk
Целиот текст прочитајте го тука

