Јан Палах се враќа дома

November 17, 2025
3 mins read

Едно рано утро во 1968 година, тогашната држава Чехословачка осамна окупирана од најбројната и најтешката тенковска механизација на тогашниот Советски Сојуз. Оваа „братска помош”, како што суптилно се изразија,  била со цел „да им помогне на чехословачките комунисти да се вратат од скршнатиот – на вистинскиот пат кон социјализмот”. Младиот студент Јан Палах излезе на „Вацлавске намести” (центарот на Прага) и во знак на протест се самозапали!

И додека званичните фактори во тогашната наша држава СФРЈугославија, заедно со работничката класа, селаните и чесната интелигенција, одржуваа маратонски „састанци” за да иградат заеднички став околу овој настан, нашиот другар Владимир Чупески – Чупе, веднаш седна и напиша песна за Јан Палах.

Тогаш имаше само 1,5 весник и две списанија за литература. Но „уредувачката политика” беше постојано будна и на штрек. Затоа Чупе ја објави песната на вратата на својата соба. Гледано од денешен аспект, во тоа време еден грам вредеше повеќе отколку денешиве тони опозиционерство. Плус, имавме идеали. Какви? Понекогаш и комични. Но ние знаевме дека човек или генерација без идеали, секогаш се изгубени. Тогаш живеевме во комунистичи тоталитаризам со еден диктатор. После дојде капитализмот со многу диктатори. Банки, извршители, фармацевска и особено воена индустрија, со братска помош на медиумите. Во комунизмот имаше „вербален деликт“ а во капитализмот има „политичка коректност“. Народски кажано, „не по врат – по шија“. Филозофски кажано, живееме во кобожемски живот.

Чупе редовно носеше разни белосветски автостопери(ки) кај него дома за да преспијат. После сите се собиравме и се распрашувавме за капитализмот, за да провериме некои детали од нашите комунистички читанки. Ги слушавме песните на Боб Дилан, Џоан Баез и Леонард Коен. Дискутиравме за Хесе, Селинџер и Фром. Еднаш бевме побрзи од „старо купујем” и земавме еден стол од контејнер. Столот имаше сѐ освен оној дел за седење, но тоа беше нашата основна инспирација. Го офарбавме и го ставивме во дворот на Чупе. Така и без да знаеме сме биле „концептуалисти”, термин непознат во тоа време.

Ова е приказна за еден наш другар од младоста, но има амбиции (ако може) да биде метафора и за цела генерација.

Еден ден, јас, Крцко и Пепи тргнавме кај Чупе дома за да видиме како поминал Јан Палах во неговата песна. Кога пристигнавме, што ќе видиме? Чупе лежи на креветот во другата соба, оптегнат на сите четири страни со главата длабоко заринкана во перницата и не испушта никаков звук. Според сведочењето на брат му Сале тоа траело со денови, што е негов светски рекорд, ако се знае дека Чупе беше голем муабетчија. Испраќавме делегации до неговиот кревет, но безуспешно. Последната посета беше во комплетен состав. Ништо. Чупе испушти само една воздишка, која се стркала на подот како лавина. Кога загубивме секаква надеж и тргнавме да си одиме, се појави на вратата со израз на лицето кое не можат да го опишат Шопенхауер и Кафка заедно.

Што стана бе Влатче, го прашуваме по милионити пат. После една пауза како црна дупка, тој пополека отвори уста (и на наше општо запрепастување) изјави: „Се запослив!” Тоа во тоа време значеше дека „ќе се ухлеби”, ќе влезе во системот, ќе стане само уште еден шраф во машинеријата со што од неговата револуционерност нема да остане ни трага ни глас. И сега доаѓа најважниот драматуршки момент: Почнавме сите со часови да го тешиме дека се запослил! Тешко ни одеше.

Не сум некој голем штедач а уште помалку циција, но секогаш љубоморно чувам едно парче тишина само за себе. Да ми се најде. Како нежен допир на мајчина рака кога боледуваме. Како високите раменици на тато, кога не можеме повеќе да чекориме. Како твоите очи со боја на мед, кога поларни зими ќе се струполат врз нашите стуткани чела. Како пурпурна боја на твојот глас, во катранот на долгите осамени ноќи. Тоа парче тишина е единственото место на кое барем за миг можеме  цврсто да застанеме, додека денот исчезнува пред нашите очи како пареа од уличните шахти.

И еве, тука сме. Стоиме. Капелата на градските гробишта нѐ мерка како идни муштерии. Ние вртиме глава на друга страна. Се снаоѓаме. Неколку мравки ударнички тркалаат козја брбушка. По околните стреи врапци џивџани ги колваат последните трошки на денот. Една баба нуди кринови, бели како вратот на Јована од Орлеан. Денот е како пудинг од ванила. Ние сме како копиљаци побегнати од писмена по математика. Чупе е ист, само што сега е мртов. Барем според званичниот медицински наод. Стоиме во тишина како во жива кал и ги слушаме звуците на „Стробери филдс форевер”, „Луси ин д скај вид дајмондс”, „Пени Лејн”, „Еленор ригби…”, Последната желба на Чупе беше наместо плех музика, во капелата да свират Битлси, во чест на старите добри времиња.

Одмори малку во вечноста што е пред тебе. Твојата смрт ќе ги надживее сите песни на Битлси. Знам, подобро е да беше барем обратно. Да можеше ти да надживееш барем половина од твојата смрт. Но, добро. Така испадна. Не се секирај. Често пати те спомнуваме. Не е лесно да се дојде до вистинската утеха, но ние никогаш не се откажуваме. Последната што ја смисливме веднаш ти ја праќаме: Те предаде срцето? Па што? Важно дека ти не го предаде него. Знам, не е фер. Ти остана таму сам во црната и ладна земја под бескрајното ѕвездено небо. А ние си отидовме дома и кусавме јагнешка чорба во топли влечки, плус варено вино.

После Крцко се пресели во Австралија а Пепи на небото. Животот течеше понатаму. А ние бевме понаваму. Сигурен сум дека некогаш и некаде ќе се сретнеме. Дај боже да се препознаеме, зашто природата често пати знае грубо да се пошегува со нашиот изглед. Не е за верување, ама добро е. Сѐ додека има некој Јан Палах, ќе има оган. Во буквална и метафорична смисла.

П.С.

Посветено на нашиот голем другар Назим Пертеф – „Пепи Турчинот“. Човек со тивка, блага и кротка душа.

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Кривичниот законик не смее да биде засолниште за корупцијата, порачува ВЛЕН

Следно

Еве како да се ослободите од вишокот кожа по губење на тежината

Latest from Blog

Катастрофа во Непал: Стотици загинати и исчезнати, меѓу кои околу 300 странски туристи (ВИДЕО)

Најмалку 95 лица загинаа, објави Би-Би-Си, додавајќи дека меѓу 384 исчезнати се 105 Индијци и 12 Британци, како и 111 лица чии националности сè уште не се потврдени. Ненадејните поплави во Непал

Годишниот извештај на Антикорупциска, Националната стратегија и неколку посебни извештаи пред матичната комисија во Собранието

Во Собранието денеска ќе се одржат седници на собраниските комисии за политички систем и односи меѓу заедниците, за надворешна политика и надворешна трговија, за европски прашања и Буџетскиот совет на Собранието. На

Николоски: Градиме инфраструктура што ќе ја направи Македонија транспортна раскрсница на Балканот

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски порача дека стратешката визија на Владата Македонија да стане клучна сообраќајна раскрсница на Балканот постепено се реализира преку изградба на нови патни правци и зајакнување

Светот се трка по критични минерали, Македонија има потврден бакар во Иловица

Трката за критични минерали забрзува, а САД и Кина во моментов се позиционирани пред Европската Унија во обезбедувањето на суровини што се неопходни за одбранбената индустрија и зелената транзиција, пишува „Фајненшел тајмс“.
Go toTop