Изрешетан автобус со аргентински навивачи: Еден фан е застрелан во раката (ВИДЕО)

July 22, 2026
2 mins read

Враќањето на навивачите на аргентинскиот клуб Тигре од натпреварот во Копа Судамерикана во Уругвај беше одбележано со вооружен напад врз нивниот автобус, при што беше ранет 57-годишен маж. Инцидентот се случил кратко откако тие го напуштиле стадионот во Монтевидео.

Иако првичните информации говореа за двајца повредени, клубот и аргентинските медиуми потврдија дека е повредено само едно лице. Мажот бил погоден во раката и дланката, но неговиот живот не е во опасност. Тој бил пренесен во болницата „Hospital del Cerro“ во Монтевидео, каде што лекарите утврдиле дека куршумот поминал низ раката и дека повредите не се критични.

Напад по победата во Монтевидео

Нападот се случил откако Тигре во првиот натпревар од шеснаесетфиналето на Копа Судамерикана го совлада Насионал со убедливи 3:0 на стадионот „Гран Парк Централ“. Повеќе од 2.000 навивачи на Тигре допатувале во главниот град на Уругвај за да го поддржат својот клуб, а по убедливата победа со автобуси се упатиле кон Колонија, од каде што требало да се вратат во Аргентина.

Колона од околу петнаесет автобуси минувала низ раскрсницата на Рута 1 и Авенијата Цибилс кога била нападната. Според извештаите од Уругвај, од мотоцикл биле испукани десетина куршуми кон автобусите. Напаѓачите, наводно, претходно се обиделе да ја блокираат колоната и ги гаѓале автобусите со камења. Неколку куршуми го погодиле автобусот и ги искршиле прозорците, што предизвикало паника меѓу патниците. Снимките објавени по нападот покажуваат искршени стакла, дупки од куршуми и крв на подот.

Исповед на ранетиот навивач

Ранетиот маж раскажал дека во автобусот бил заедно со својата ќерка. Кога сфатил дека некој пука, се обидел да ја заштити со своето тело.

„Го напуштивме стадионот околу половина час порано, а потоа ги изгасија светлата во автобусот за луѓето да можат да спијат. Низ прозорецот видов блесок и веднаш сфатив дека пукаат“, изјавил тој.

Тој додал дека ѝ рекол на ќерката да легне на подот, а самиот се фрлил врз неа.

„Кога ја подигнав раката, куршумот ме погоди, а друг ми го уништи палецот на левата дланка“, објаснил навивачот.

Пред да се врати во Аргентина изјавил дека се чувствува добро.

„За среќа, сè е во ред. Погоден сум само во раката, а можеше да биде многу полошо“, рекол тој, притоа пофалувајќи ја и реакцијата на клубот, чии претставници го посетиле во болницата и му помогнале да се организира враќањето дома.

Осуда од клубот и полициска истрага

Клубот Атлетико Тигре остро го осуди нападот. Во соопштението се наведува дека претседателот на клубот, Мартин Суарез, цело време бил покрај ранетиот навивач и неговото семејство.

„Клуб Атлетико Тигре најостро ги осудува овие исклучително сериозни акти на насилство врз нашите членови и навивачи“, се наведува во соопштението.

Од клубот порачаа дека фудбалот треба да биде празник и дека ваквото насилство не смее да се толерира.

Уругвајските медиуми се сомневаат дека зад нападот стојат хулигани поврзани со Насионал, но сторителите сè уште не се официјално идентификувани. Полицијата го обезбеди местото на настанот и отвори истрага. Се очекува снимките од безбедносните камери и изјавите на сведоците да помогнат во идентификацијата на напаѓачите.

Со оглед на тоа што кон автобусите полни со луѓе биле испукани десетина куршуми, последиците можеле да бидат далеку потешки.

Убедлива победа засенета од насилството

Што се однесува до самиот натпревар, Тигре беше доминантен победи со 3:0.

Сепак, убедливата победа и славјето на навивачите на Тигре останаа во сенка на вооружениот напад при нивното враќање од Монтевидео. Реваншот во Аргентина ќе биде означен како натпревар од висок ризик и ќе бара засилени безбедносни мерки.

Извор: vecer.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

На американски политичар му ја вандализирале куќата, по што ја сменил одлуката и гласал САД да не му дадат помош на Израел

Следно

Министерот Велковски се сретна со постојаната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија

Latest from Blog

Лина Настевска и Драган Николов од Скопје во финалето на Топ модел Европа

Скопје беше домаќин на балканското полуфинале на Топ модел Европа (Top Model Europe), кое неодамна се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност. Младите модели Лина Настевска и Драган Николов ги

Меџити: Промените во Србија се можност за нов пристап кон регионалната соработка

Копретседателот на ВЛЕН и градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, во своја објава оцени дека во Србија „победила промената“, опишувајќи го исходот од предвремените парламентарни избори како тежок пораз за Александар Вучиќ

Милошоски домаќин на Холовнија: Потпретседателот на полскиот Сејм во официјална посета на Македонија

Потпретседателот на полскиот Сејм во посета на Македонија: Средби со Милошоски и Мисајловски Потпретседателот на Сејмот на Полска, Шимон Холовнија, денеска доаѓа во официјална посета на македонското Собрание. Според најавената програма, Холовнија

ИЗИР: Македонија не смее да ја пропушти шансата за економски развој преку одговорно искористување на минералните ресурси

Додека европските земји вложуваат значителни средства во геолошки истражувања и откривање нови наоѓалишта на минерални суровини, во Македонија значајни рударски проекти со години остануваат во неизвесност. Примерот на Шпанија, која вложува 197
Go toTop