Изложбата „Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски“- дел од ретроспективната изложба денеска ќе биде отворена во Струга

December 7, 2023
2 mins read

Изложбата „Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски“- дел од ретроспективната изложба денеска ќе биде отворена во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

На изложбата ќе бидат претставени дваесетина уметнички дела работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел.

Владимир Георгиевски (1942–2017) е еден од најзначајните македонски уметници. Зад себе остави скапоцена ризница од уметничко богатство. Во неговите дела болска златна нишка што ги поврзува и води кон скриеното духовно благо закопано длабоко под површината на неговите слики.

 

Наспроти современите насоки на движење на ликовната уметност, спроти времето и актуелноста, Георгиевски ја започнува својата творечка авантура движејќи се во спротивна насока од своите современици – одејќи назад, до затрупаните извори на уметноста, таму каде што сè почнува, враќајќи се кон загубените вредности на сликарството и на сликата, кон класичната формула и мајсторската форма.
Овој „блуден син“ на современата македонска уметност тргна на неизвесно патување, осамен меѓу своите современици, барајќи ја вистината. Тоа беше пат на кој тој тргна и во потрага по сопствениот, личен творечки знак и сопственото себесознавање, низ привидот што го опкружува. Неговите творечки занеси го водеа на долги и неизвесни патувања по пустите предели на стварноста низ долините каде што врие, се прелева и се пресоздава животот до највисоките врвови каде што воздухот е студен и проѕирен како кристал, а видикот широк и јасно може да се види светот.
Творештвото на Владимир Георгиевски се опира на сите обиди да се класифицира и систематизира. Пропаѓа секој обид да се подреди во хронолошки ред поради идејата на сликарот за безвременоста на делата. Најголем дел од делата се недатирани, еден ист мотив е работен повеќе пати во различни временски периоди и во разновидни сликарски техники, сликите се преработувани и доработувани во обид да се пронајде најдобриот од сите можни модели… Неговото творештво е како животот – буи, блика, расте и се разгранува во својот природен развиток, не водејќи грижа за правилата и ограничувањата што ги наметнува современото општество, ниту пак води сметка за модните трендови и вкусот на неговите современици.
Во сликарството тој почнува од неговите онтолошки основи. Тој е во потрага по загубената духовност во свет кој одамна им се препуштил на површните задоволства и робувањето на телото и на телесноста. Наспроти модните стилови, трендови, наспроти лажниот мистицизам, комерцијализацијата, идолатрија и фетишизам на уметничкото дело; наспроти предрасудите, наметнатите безначајни теми, тривијалноста на уметноста, позерството, манипулациите со публика, наспроти уметноста разбрана како фриволна игра или забава за народот, уметноста како дневна политика, уметноста со тенденција, уметноста во функција на идеологијата, како оправдување на постојниот општествен дискурс, како пропаганда, како одраз на една замислена стварност, како проекција на таа стварност, како панаѓурска измама или како илузионистичка претстава – тој се враќа кон уметноста која е во функција на откривањето на вистината.
Владимир Георгиевски, уште на самиот почеток, го става човекот и неговата драма на постоење во центарот на својот сликарски свет. Тој создава дело за човекот од човекот.
Тој е сликар на современата стварност дури и кога е тешко препознатлива поради историската травестија. Симболизмот во неговото творештво, алегоријата, нарацијата и иронијата со која ги слика нештата не се противставени на основниот сликарски порив да ја направи видлива вистината за светот денес. Тие се само средства.
Протагонистите на неговите слики парадираат во историски костуми како во театар. Понекогаш тоа се современи ликови и сцени од секојдневниот живот претставени во историски костими и вкалапени во познати калапи од религиското сликарство или од книжевноста.
Во најдобрата традиција на светското сликарство, со мајсторство на кое нема што да му се забележи, Владимир Георгиевски се обиде да му го врати на сликарството загубеното достоинство и одново да го доближи до философијата разбрана изворно како љубов кон мудроста. А каква е таа мудрост што не е втемелена во вистината? Во својот сликарски манифест (2011) тој ќе напише: „Овој свет со својата вистинитост не е Космосот на бојата и астрономијата на цртежот! Не, тие Космички пространства на моите сликарски сновиденија се над светските нужности, над вистинитоста што може да ја видиме и да ја опипаме! Мојот вистински пат е пат на духовно слободно чувствување на светот и Човекот во него!, вели ликовниот критичар, Емил Алексиев.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Адвокатот Васко Стојков се уште на распит во полиција – кривична пријава ќе биде поднесена против возачот со кој Палевски замина во Турција

Следно

Зеленски почнал да го заобиколува Залужниј во комуникацијата со команданти

Latest from Blog

Европол: Разбиена криминална мрежа за шверц на кокаин од Јужна Америка во Исланд

Се проценува дека таа криминална мрежа остварила нелегална заработка од околу четири милиони евра од трговија со кокаин, се наведува во соопштението на Европол. Во координирана операција спроведена на 4 февруари уапсени

Стручна јавна расправа по однос на предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање

Во просториите на Министерството за транспорт денеска се одржа стручна јавна расправа по однос на предложените измени и дополнувања на Правилникот за урбанистичко планирање. Целта на истата е на најтранпарентен начин со

Соопштение од Општина Прилеп за состојбата и иднината на ФК Победа

Општина Прилеп со големо жалење ја прими веста за одлуката на раководството на ФК Победа за повлекување на сениорската екипа од натпреварувањето во Втората македонска фудбалска лига. Како институција која е секогаш

Мал раст на МБИ10 и стабилен пазар: Берзанска сесија со промет од 38,7 милиони денари

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза.  На берзанската сесија од 10 февруари 2026 година, индексот МБИ10 забележа раст од 0,05% и заврши на 10.182,11

Божиновска: Енергетската транзиција е шанса за жените и младите

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари значајна средба со постојаната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија, посветена на зајакнување на соработката за одржлив развој. На средбата се дискутираше
Go toTop