Истражување на ЕУ: Скопје е во последната десетка европски градови чии жители се задоволни од квалитетот на живот

January 2, 2024
4 mins read

Со 27 процент, Скопје е на последното место според тоа колку неговите жители се задоволни од здравствените услуги во градот, а во последните десет е и според задоволството на жителите од културните установи и зелените простори во градот. Главниот град на земјава го држи и последното место, со само 12 проценти, во однос мислењето на неговите жители за квалитетот на воздухот

Скопје стои лошо и во уште една категорија. Дури 84 отсто од жители на главниот град се согласуваат дека има корупција во локалната јавна администрација на градот

Двата града кои доминираат на листата се во Швајцарија, која не е членка на ЕУ и Данска, која е членка. Цирих и Копенхаген се на првите две места во топ десет европски града чии жители се задоволни од квалитетот на живот во нив

Околу 90 отсто од жителите на Европската Унија изразиле дека се задоволни од животот во нивниот град, покажува извештајот на Европската Унија за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година, пренесува порталот „Шенгенвиза њуз“.  

Центарот на главниот град на Република Северна Македонија – Скопје (Илустративна фотографија) Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во извештајот се нотирани и резултатите од перцепцијата за квалитетот на живот на жителите на градови кои не се во земји членки на ЕУ. 

Имено, тој опфаќа вкупно 83 града во земји членки на ЕУ, потоа земјите од Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), Обединетото Кралство, Западен Балкан и Турција. 

Според она што се забележува, Скопје е меѓу градовите со најниски оценки, односно неговите жители не се чувствуваат задоволно од квалитетот на животот во главниот град на Северна Македонија.  

Колку луѓето се задоволни од квалитетот на живот во нивниот град / Извор: Извештај на ЕУ за квалитет на живот во европските градови за 2023 година

Двата града кои доминираат на листата се во Швајцарија, која не е членка на ЕУ и Данска, која е членка. Цирих и Копенхаген се на првите две места во топ десет европски градови по задоволството на нивните жители на животот во нив.  

Категории на оценување

Инаку, истражувањето се фокусира на седум поглавја, односно категории кои ја одредуваат конечната перцепција – задоволство од живот во градот; безбедност и кохезивност на градот; работа, обезбедување дом и заработка; движење низ градот; култура, плоштади, паркови, здравствена нега; здрави градови и квалитет на локалната администрација.  

Според задоволството на жителите од квалитетот на животот, Скопје е во последните десет градови на листата, со вкупен резултат од 72 отсто. За споредба, Цирих кој е прв меѓу десетте градови има скор од 97 отсто. 

Градови со најниски оценки

Во друштво на Скопје, како градови со најниски оценки во однос на задоволството на луѓето од животот во нив се Палермо во Италија, главниот град на Грција – Атина, потоа Истанбул во Турција, престолнината на Албанија – Тирана, Неапол во Италија, главниот град на Србија – Белград, италијанската престолнина Рим, Мишколц во Унгарија и главниот град на Црна Гора – Подгорица.  

Главниот град на Србија Белград исто така е во друштвото на градови чии жители не се многу задоволни од квалитетот на живот / Фото: Архива

Инаку, според извештајот, задоволството од квалитетот на живот низ градовите во земјите од ЕУ е намалено во споредба со 2019 година, но сепак и понатаму останува високо, при што девет од десет луѓе се изјасниле дека се задоволни од градот во кој живеат.  

„Во услови на севкупен пад, резултатите го потврдуваат она што веќе беше забележано во 2019 година, односно значителни подобрувања во перцепираниот квалитет на живот во градовите во источните земји членки“,

се вели во Извештај на ЕУ 2023 за квалитетот на живот во европските градови. 

Сепак, во однос на прашањето за промените во квалитетот на животот во последните пет години, мнозинството од испитаниците во сите градови опфатени во истражувањето, вклучително и оние во ЕУ, изјавиле дека тој останува непроменет.   

Поконкретно, 31 отсто од жителите изјавиле дека квалитетот на животот е подобрен, 40 отсто посочиле дека нема промена, а приближно 29 отсто забележале пад. 

Главниот град на Данска, Копенхаген (Илустративна фотографија) / Фото: Википедија

Меѓу другото, извештајот забележува дека помалите градови се перципираат како подобро место за живеење во многу аспекти, вклучувајќи ја безбедноста, достапноста на јавните простори, здравствената заштита, достапноста на становите и локалната јавна администрација. 

Покрај тоа, помалите градови се сметаат за подобри места за живеење за постарите луѓе, семејствата со мали деца и мигрантите. 

„Околу 89 отсто од луѓето кои живеат во град со помалку од 250 000 жители се задоволни од животот во тој град“,  

нотира Извештајот на ЕУ за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година.  

Европски градови со највисоки оценки

Според извештајот, првите десет града кои имале најголем број жители задоволни од квалитетот на животот се:  

  • Цирих, Швајцарија (97 проценти),
  • Копенхаген, Данска (96 проценти), 
  • Гронинген, Холандија (96 проценти), 
  • Гдањск, Полска (95 проценти), 
  • Лајпциг, Германија (95 проценти), 
  • Стокхолм, Шведска (95 проценти), 
  • Женева, Швајцарија (95 проценти), 
  • Росток, Данска (94 проценти), 
  • Клуж-Напока, Романија (94 проценти), 
  • Брага, Португалија (94 проценти). 

Гронинген, Брага и Гдањск се меѓу првите десет градови кои се сметаат за најдобри за живеење и за имигрантите. 

Панорамска фотографија од Цирих, Швајцарија / Фото: Википедија

Други градови кои се сметаат за најдобри места за живеење за имигрантите се Кардиф (Обединето Кралство), Лисабон (Португалија), Барселона (Шпанија), Тајнсајд (Обединето Кралство), Хамбург (Германија), Хелсинки (Финска) и Глазгов (Обединето Кралство). 

Што се однесува до оваа категорија, Скопје не стои баш најдобро.  

„Во Кардиф, речиси секој смета дека градот е добро место за имигранти, додека во Скопје, само еден од тројца луѓе мисли така“,

се вели во извештајот.  

Рангирање на европски градови според тоа колкус е добро место за имигранти од други земји / Извор: Извештај на ЕУ за квалитет на живот во европските градови за 2023 година

Главниот град на земјава е и во последните десет града чии жители сметаат дека тие се добри места за луѓе кои припаѓаат на ЛГБТ-заедницата, со скор од 38 проценти.  

Рангирање на градови според тоа колку е добро место за ЛГБТ-лицата / Извор: Извештај на ЕУ за квалитет на живот во европските градови за 2023 година

Главниот град не стои високо ни во останатите категории, а единствено каде е во првите десет градови е по леснотијата да се најде добро домување за релативно разумна цена. Скопје и во првата десетка градови по користење на автомобил во обичен ден, а во последната по користењето на јавен транспорт.  

Со 27 проценти, Скопје е на последното место според тоа колку неговите жители се задоволни од здравствените услуги во градот, а во последните десет е и според задоволството на неговите жители од културните установи и зелените простори во градот. Главниот град на земјава го држи и последното место, со само 12 проценти, во однос мислењето на неговите жители за квалитетот на воздухот.  

Колку жителите се задоволни од здравствените услуги во градовите во кои живеат / Извор: Извештај на ЕУ за квалитет на живот во европските градови за 2023 година

Скопје стои лошо и во уште една категорија. Дури 84 отсто од жителите на главниот град се согласуваат дека има корупција во локалната јавна администрација на градот.  

Рангирањето според перцепцијата на корупција во јавната администрација на градот во кој живеат / Извор: Извештај на ЕУ за квалитет на живот во европските градови за 2023 година

Инаку, извештајот, како што се наведува, содржи податоци од 71 153 интервјуа, а во секој град бил интервјуиран примерок од најмалку 839 жители.  

Истражувањето е спроведено помеѓу јануари и април, минатата година.  

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Национални паркови… на Месечината

Следно

Билансот на загинати во израелските напади врз Газа достигна 22.185

Latest from Blog

Македонските ракометарки го освоија првиот бод на ЕП 2024

Македонската женска ракометна репрезентација вечерва одигра нерешено, 25:25 со Турција во 2. коло на Европското првенство 2024. Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски лошо го отворија натпреварот и по 20-ина минути имаа негатива

Прекин на струја во Битола: Снегот предизвика дефекти, екипите на терен

ЕВН известува дека на подрачјето на општина Битола има прекини во снабдувањето со електрична енергија на повеќе локации. Сите достапни екипи се на терен и веќе работат на санирање на дефектите. Издадени
Go toTop