(ИНТЕРВЈУ) Ескобар: Не барам да се поддржи Владата, туку европскиот пат на земјата

6 mins read

Во интервјуто за „360 степени“, американскиот заменик-помошник државен секретар вели дека не дошол за да му кажува на лидерот на опозицијата што да прави или да му диктира услови, но дека сака јасно да стави до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа. „Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат“ – вели Ескобар

Американскиот дипломат вели дека не е на САД да одредат дали брзи избори се решение, туку на граѓаните, а се надева дека тие „ја разбираат огромната можност која е пред нив и дека треба да ја искористат“. „Се надевам и дека ќе испратат сигнал до лидерите на Северна Македонија дека го сакаат тоа и дека го сакаат тоа брзо, дека го сакаат сега“ – порачува тој

Ескобар верува во она што неодамна во Дубровник го слушнал од новата бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел. „Таа ме увери дека ако Северна Македонија го исполни тоа што е предвидено во сегашниот договор, нема да има нови услови“ – одговара тој

По дводневната посета на Скопје и разговорите со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, даде интервју за „360 степени“. Најголем дел од разговорот е фокусиран на прашањето за уставните измени и аргументите „за“ и „против“.

360°: Господине Ескобар, дозволете ми прво да Ви се заблагодарам за можноста да зборувате за „360 степени“. Дали беше само случајност или внимателно испланиравте да дојдете во Скопје само неколку дена откако започна парламентарната сесија за уставните измени и тоа токму кога се покажа дека нема двотретинско мнозинство за измените?

Ескобар: „Прво, би сакал да кажам дека Северна Македонија е многу важен партнер на САД. Земјата е вклучена во секоја главна дискусија за регионалната и европската стабилност. И направи многу, оваа влада направи многу. Така што – да, јас секогаш имам причина за да бидам во Скопје, но морам да кажам дека дел од тоа е и што ни е многу драго што процесот е отворен. Затоа што, како партнер, Северна Македонија ни има помогнато за Авганистан, за НАТО, за Русија, за Украина, па дури ни помогна и да создадеме услови за историскиот договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Го цениме вашето партнерство во НАТО и потребни сте ни. Потребни сте и на Америка во Европската Унија. Да се има таков пријател во уште една важна организација, за нас таквата можност е многу позитивна. Па да, мило ми е што процесот е отворен и мило ми е што сум тука во овој момент.“

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, во интервју за „360 степени“

360°: Имавте состанок со г. Христијан Мицкоски во оваа зграда. Рековте дека нема да има мачење туку само искрен и чесен разговор. Колку од деталите од средбата можете да ни откриете или барем да ни кажете – кои беа вашите пораки до лидерот на опозицијата?

Ескобар: „Сакам да почнам со тоа што ќе кажам дека не дојдов овде за да им кажам на луѓето како да гласаат. Не дојдов овде за да им кажам на луѓето како да ја формираат владата. Не им го правиме тоа на нашите НАТО-сојузници. Тоа што го правиме е – поставуваме очекувања. Од една страна, му го пренесов истото ниво на ентузијазам што сакам да им го пренесам и на граѓаните на Северна Македонија, а тоа е дека иднината на Јужна Европа е во Европската Унија. Тоа е иднина во која овој регион ќе придонесува значително во растот на Европа и со тоа ќе придонесе и во нашата економија. Па, во таа смисла, има огромни можности за Северна Македонија да се приклучи кон ЕУ. Станува збор за најголемиот трговски блок во светот и најголемиот трговски партнер на Америка. Четири милијарди долари дневно го минуваат Атлантскиот океан и сакаме вие да бидете дел од тоа. Тоа е тој ентузијазам, за придонесот што Северна Македонија може да го даде во Европа, што сакав да го пренесам на сите мои состаноци. Во врска со лидерот на опозицијата, она што, исто така, сакам да го додадам, е дека не дојдов тука за да му кажам што да прави и не дојдов тука да му диктирам услови. Но, сакав да ставам јасно до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, оние кои ја покажуваат својата посветеност на НАТО и кои ја продолжуваат борбата против корупцијата. Тоа е нашето очекување. Тоа што се случува во моментов, со можностите кои се презентирани, да се придвижи кандидатскиот статус на Северна Македонија кон Европската Унија, е дел од тој процес. Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат. Затоа што ќе ни биде од корист и нам.“

360°: Велите дека ги избирате партнерите врз основа на нивната посветеност на демократијата, ЕУ, НАТО и така натаму. Веднаш по состанокот со вас, ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение во кое се вели дека тие се за ЕУ-интеграција, но во исто време велат и дека се против уставните измени што, пак, е предуслов за ЕУ интеграцијата.

Ескобар: „Па, би сакал да ги видам да ја објаснат оваа дилема на јавноста. Затоа што, многу искрено, во моментов, земајќи ги предвид сите работи што се случуваат во Европа и што се случуваат во светот, не знаеме што ќе се случи утре. Но, знаеме дека денеска имаме можности ја придвижиме кандидатурата на Северна Македонија поблиску и побргу од кој било друг на Западниот Балкан. Од гледна точка на пријател, близок пријател, би сакале Северна Македонија да ја совлада оваа пречка и да почне да се дефинира себеси преку односите со трансатлантската заедница, преку нејзините односи со остатокот на светот врз основа на нејзините вредности, а не да се дефинира според Бугарија.“

360°: Во овој процес со Бугарија, опозицијата постојано говори за бугарска уцена, предавство од страна на Владата, загрозен македонски идентитет и така натаму и бара дополнителни гаранции. Од гледна точка на САД, имате ли дилеми или дали гледате закани по посебноста на македонскиот јазик и идентитет?

Ескобар: „Не. Мислам, тоа е факт. Го почитуваме македонскиот јазик, идентитет и култура, посебноста во Европа. Тоа никогаш не било ставено под знак прашање. Всушност, мислам дека, после ова, вие го додавате (јазикот и идентитетот н.з.) кон Европа. Го додавате македонскиот јазик кон семејството на јазици кои се прифатени и официјални во Европската Унија.“

360°: Неодамна изјавивте дека вие, мислам на администрацијата на САД, работите со властите во Бугарија за да не се случи да има нови барања од страна на владата во Софија, ако Скопје го заврши својот дел од договорот. Колку сте убеден дека нема да има нови барања во процесот ако уставните измени се усвојат?

Ескобар: „Го отворивме (тоа прашање н.з.), јас лично го отворив со министерката за надворешни работи на Бугарија на форумот во Дубровник. Таа ме увери дека ако Северна Македонија го исполни тоа што е предвидено во сегашниот договор, нема да има нови услови. Јас го сметам тоа за нејзина лична заложба и заложба во име на нејзината влада. И тоа е нашиот план. Мислам дека после ова, тоа што ќе го одреди вашиот пристапен процес, нема да бидат билатералните прашања туку затворањето на поглавјата и зближување на вашата економија со најголемата економија во светот.“

360°: Што ако нема напредок за ова прашање во претстојниот период, ако го имаме во предвид ставот на опозицијата? Што ќе направат САД? Бидејќи сенаторот Крис Марфи, кој неодамна беше тука во Скопје, кажа дека, цитирам, „ова ќе отвори загриженост во Вашингтон за стратешката ориентација на земја членка на НАТО, за која САД се обврзаа дека ќе ја бранат врз основа на заеднички вредности“. Дали го делите неговото мислење?

Ескобар: „Видете, ќе ви кажам повторно дека ги бираме нашите партнери врз основа на посветеноста да се продлабочат евроатлантските инстиутции. Не би бил толку директен, но – да, тоа создава одредена непредвидливост во стратешкиот правец на Северна Македонија.“

360°: Опозицијата вели дека единственото решение за политичкиот ќор-сокак се брзи избори. Што мислите, дали брзи избори се решение за актуелната состојба во Северна Македонија?

Ескобар: „Не е работа на САД да го одредат тоа. Тоа треба да го одредат граѓаните на Северна Македонија. Се надевам дека граѓаните ја разбираат огромната можност која е пред нив и дека треба да ја искористат. Се надевам и дека ќе испратат сигнал до лидерите на Северна Македонија дека го сакаат тоа и дека го сакаат тоа брзо, дека го сакаат сега, за да можеме да почнеме да ја градиме таа струкутра за Северна Македонија да биде целосно и формално дел од секоја евроатлатнска структура. Затоа што ние таму ве посакуваме.“

360°: Уште едно неодложно прашање за Стејт департментот и Амбасадата на САД во земјава е нивото на корупција во земјата. Вие лично покажавте силно залагање да се вложат повеќе напори во борбата со сите видови коруптивни дела, вклучајќи ги оние на високо ниво кои се доживуваат и како закана по националната сигурност. Но, во реалноста, иако има кредибили извештаи за одредени случаи, одговорот од судството и обвинителството е речиси непостоечки. Што би рекле за ова?

Ескобар: „Тоа што би можел да го кажам е дека, за регионот, за целиот регион, корупцијата е огромен проблем. Среќен сум што гледам дека пристапниот процес му дава централно место на владеењето на правото како услов за влез (во ЕУ н.з.). Има уште една причина зошто сакаме да го видиме отворен европскиот пат за сите земји. Секоја земја што влегла во ЕУ е постабилна, подемократска и понапредна, а во исто време и поправична во смисла на правда за своите граѓани. Тоа е уште една причина поради која сакаме да ве видиме на патот кон членство во ЕУ.“

360°: Сведоци сме на неколку нови имиња на т.н. „црна листа“. Знам дека не сакате да го употребувате тој збор „црна листа“, на влијателни политичари од локалната власт, моќен бизнисмен… Дали наскоро ќе има нови имиња?

Ескобар: „Дозволете ми само да кажам дека оваа администрација, администрацијата на Бајден, е посветена на борбата против корупцијата. Бидејќи корупцијата толку ги нагризува општествата. Не можеме да дадеме најава на санкции, но бидете сигурни дека ќе ги има.“

360°: Значи, можеби – да?

Ескобар: „Да.“

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Германија го враќа кодошењето од времето на Штази

Следно

Најмалку 12 загинати во стампедо на стадион на Мадагаскар

Latest from Blog