Со изразена почит кон пожарникарите во време кога се активни десетина пожари низ земјава, беа испреплетени говорите на државниот врв по повод чествувањето на двата Илиндена. Премиерот Христијан Мицкоски од споменикот на Мечкин камен во Крушево им оддаде како што рече, должна почит на пожарникарите и луѓето кои се на терен и се борат со огнените стихии.
„Не можам да ја одбегнам неодговорноста поради неописивата радост на опозицијата поради пожарите, и таа решеност истовремено и неодговорност да се прави политика од колективната несреќа и борбата на сите нас секојдневно да се стават под контрола пожарите. Но и фрапантното лицемерие за делење на лекции од истите оние кои на Владата и оставија летала за гасење на пожар кои не летаа, без екипаж, институции за спасување без опрема и без организираност“, истакна Мицкоски.
Македонската претседателка Гордана Сиљановска- Давкова истакна дека додека се одбележува Илинден, храбрите пожарникари, војници и волонтери со натчовечки сили се борат против огнените стихии за да ги спасат шумите, и животите и имотите на македонските граѓани.
Во време на глобални предизвици неопходно е единство на патот кон напредокот, порачаа во своите говори и претседателката и премиерот.
Тие повикаа на обединување на сите чинители во општеството во борбата против корупцијата како и во спречувањето на иселувањето на младите.
Мицкоски: За спорот со Бугарија ќе бараме достоинствено решение
Премиерот Мицкоски во својот говор одвои време и за надворешната политика истакнувајќи дека ќе гради принципиелни односи со соседите како со рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданоци како и дека кога и да го праша некој за проблемите и спорот со Бугарија, тој ќе го даде истиот одговор.
„Ние сме за достоинствено решение, и сакаме достоинствено решение, но не по цена на погазено достоинство. Воедно неспорен е нашата заложба за членство во Европската Унија, како што е неспорен и нашиот ангажман за исполнување на критериумите. И ова го правиме не за да угодиме некому однадвор, туку и за да си помогнеме себеси. Неодминлива е забелешката дека овој процес трае предолго, со премногу препреки, сопки и барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе политички. Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчина ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас без политички сопки се дел од Европското семејство. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица“, порача Мицкоски во илинденскиот говор.
Условот за продолжување на македонските преговори за членство во Европската Унија е вметнувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот, кој за владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше неприфатлив.
Мицкоски во својот говор истакна и дека до сега се направени големи национални предавства, но како што вели „ќе се носиме достоинствено со овие проблеми“.
Тој изрази и загриженост дека во земјава „одредени субјекти и политички чинители“ кои континуирано поставуваат барања кои содаваат конфликти и го напаѓаат единството. Тоа, како што вели, кај него создава чувство дека не сите се посветени на заедничката татковина.
Мицкоски истакна дека дал завет да се грижи за татковината како за свое семејство, да создаде држава во која нема да има неправди, и дека државата повеќе нема да биде за некого мајка, за некого маќеа.
„Да ги вратиме вредностите онаму каде им е местото- тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани, Македонија повторно горда и повторно твоја“, истакна премиерот.
Најави и дека ќе подаде рака за конструктивни дијалози за подобар живот и животен стандард за граѓаните.
Сиљановска-Давкова: Четвртата македонска република треба да биде инклузивна и грижлива
Корупцијата, непотизмот и долгогодишните неправедни блокади за евроатлантски интеграции се дел од причините кои ги тераат младите од земјава, да ја гледаат својата татковина како хотел, место за привремен престој, наместо дом за своите семејства, изјави претседателската Сиљановска-Давкова од Пелинце каде што беше дел од делегацијата за чествувањето на 80 години од АСНОМ.
Според неа успехот на републиката се мери според тоа дали таа е пристојно место за живеење и дали им нуди еднакви шанси за напредок на сите. Сиљановска-Давкова изјави дека во минатото, младите се жртвуваа за македонската слобода, но затоа денеска на оваа генерација треба да се жртвува за иднината на младите.
„Таа наша жртва подразбира да не правиме компромис со нивната иднина. Колку и да е тешко, ние мора да создаваме услови за младите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, не само да трагаат, туку и да ја остваруваат својата среќа тука, во нашата единствена и нивна заедничка татковина“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа повика да се остават на страна поделбите и караниците, тесните партиски и лични интереси,
„Преку таа жртва, ние всушност ќе учествуваме во создавањето на новата, четврта македонска република. Таа република мора да биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите. Грижлива бидејќи најдобрите, најуспешните се предуслов за нашиот успех. Републиката мора да биде инклузивна бидејќи нашата сила е во нашата различност, етничка, верска, јазична, генерациска“, порача Сиљановска-Давкова.
Филипче: Политиката не смее да биде пречка за обединување околу илинденските идеали
И лидерот на опозицикиот СДСМ, Венко Филипче повика на единство и порача дека политиката не смее да биде пречка за обединување околу илинденските и асномските идеали.
,,Не смее политиката да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во која борбата е за подобар живот на младите, создавање на демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни”, рече Филипче.
Гаши: Нашата држава е уникатен гоблен извезен од различностите
Собранискиот спикер Африм Гаши порача дека заложбата на Илинденците, видоизменета, трае и денес но дека таа денеска е заложба за напредок на државата, благостојба за граѓаните, подобра иднина за поколенијата. Гаши појасни дека идејата која треба да не обедини денес е патриотизмот и заедничката цел за подобра држава.
„Патриотизмот е искрена посветеност кон нашата земја и нашите граѓани. Патриотизмот е влог во државата преку чесна работа, добри одлуки. Илинден не е ограничен, затоа што тој ни припаѓа на сите, поаѓајќи од 1903, преку 1944-та и на сите кои денес вложуваме за европска Македонија. Како мултиетничка, мултикултурна и мултифункционална, нашата држава е уникатен гоблен извезен од сите различности“, порача Гаши.
Пораките за единство премиерот Христијан Мицкоски ги испрати од Крушево, додека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од манастирот „Свети Прохор Пчински“, а претседателот на Собранието, Африм Гаши од Скопје. Тие ги предводеа делегациите на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, кој годинава се одбележува под слоганот „Борбата трае“.
Со тој слоган, како што беше речено, Владата сака да ја пренесе пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на државата продолжува, потпирајќи се на историските основи и на борбата на предците.
Извор: Радио Слободна Европа