ХАМА (АА)
– Етем Емре ОЗЏАН
Христијаните кои живеат во сириската провинција Хама изјавија дека цел на силите на режимот на Асад во масакрот во февруари 1982 година биле сите, и муслимани и христијани, јавува Анадолу.
На 2 февруари 1982 година, Армијата под команда на покојниот претседател Хафез ал-Асад, таткото на Башар ал-Асад, го опколи градот и го бомбардираше центарот со борбени авиони.
Тенковите се движеа низ тесните улици на Хама, потиснувајќи го вооружениот отпор на 200 до 500 борци од военото крило на Муслиманските браќа.
Во текот на наредните 27 дена, следуваше битка во која беа убиени 10.000 до 40.000 луѓе, а речиси една третина од градот беше уништена, според извештаите на организациите за човекови права и Сириската мрежа за човекови права (SNHR).
Црквата „Сејидет Духул“, која била изградена во петтиот век, е една од трите уништени цркви во тие денови. Реновирана е во 1993 година со поддршка од донатори.
Некои куќи сè уште имаат траги од нападот од пред 43 години.
Тимот на Анадолу ги посети христијаните во населбата Медина во Хама.
Џихад Кербуч, еден од сведоците на настанот, загубил седум пријатели муслимани во масакрот.
Во тоа време бил директор на државна институција, а поради загубата на пријател дал оставка од таа функција. Со години живеел во странство.
Присетувајќи се на масакрот пред 43 години, тој рече дека биле опколени со ракетни фрлачи кога војската влегла во градот.
„Се сокривме во бањата за да си ги спасиме животите. Армијата најпрво влезе во Хама од станицата, која беше на околу 200 метри од нашата куќа“, рече тој.
„Следниот ден“, како што наведе тој, „војската почна да го пребарува квартот.“
„Еден војник ми удри шлаканица, друг се обиде насилно да го извади крстот што го имав околу вратот“, изјави Кербуч.
Тој се присети дека црквите на тоа подрачје биле кренати во воздух, а бил сведок на изгорени тела на улиците во неговиот кварт.
Кербуч го привлече вниманието на фактот дека никој не одговара за овие злосторства.
„Што направија Обединетите нации и европските земји? Тие не им пружија никаква поддршка на оние кои ги загубија своите најблиски во масакрот во Хама. Примија само неколку луѓе како политички бегалци во нивните земји“, објасни тој.
По немилите настани, тој заминал во Либан. Денес потсетува дека во Хама муслиманите и христијаните отсекогаш живееле заедно во мир.
„Не се правеше верска разлика меѓу притворените луѓе. Христијаните не претрпеа големи загуби, бидејќи само 6.000 од нив живееја во Хама во тоа време“, рече Кербуч.
Архмандритот Софроние, игумен на Грчката православна црква „Свети Ѓорѓи“, рече дека масакрот во 1982 година бил „систематски напад“.
Софроније, кој бил сведок на масакрот како дете, објасни дека цел на режимот биле сите, без разлика на верската припадност.
„Оваа стара црква двапати беше крената во воздух со експлозив. Златните и сребрените свеќници исчезнаа. Ни ги ограбија темелите“, рече тој.
Софроније го обвини соборениот режим на Баас за промена на структурата на регионот.
Речиси секое семејство во Хама, град во кој тогаш живееле 250.000 луѓе, изгубило најмалку еден член во масакрот.
Дури и денес не се знае судбината на повеќе од 17.000 цивили кои беа заробени од режимските сили за време на рациите во нивните домови.
Семејствата веруваат дека биле однесени во затворот Тедмур во Хомс.
Во масакрот беа уништени или оштетени 88 џамии и три цркви. Џамиите, училиштата и фабриките беа претворени во центри за притвор.
Извор: Anadolu Agency (AA)