Скопските читални се значаен дел од културната историја и развој на градот, симбол на духовните и интелектуалните потреби на неговите жители. Читалиштата, кои некогаш биле вистински жаришта на културниот живот, биле места каде интелектуалците се собирале, разменувале мислења, идеи што влијаеле врз промените во општеството. Која е нивната улога денес?
Првите податоци за читални во Скопје датираат од 1853 година, иако некои извори претпоставуваат дека било основано уште во периодот меѓу 1848 и 1853 година. Оваа културна установа била резултат на залагањата на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, значајна личност во просветниот живот на градот, познат по својата револуционерна работа и напори за просветување на населението. Џинот, со својата широкопојасна кореспонденција со читалиштата во другите земји, ги пренесувал нивните искуства во Скопје и бил директно инспириран од нивните активности. Иако за жал нема многу податоци за личностите кои го посетувале читалиштето, може со голема сигурност да се каже дека тоа било центар на културниот и интелектуалниот живот во Скопје.
Локација на првата читална
Постојат индиции дека првата читална било поврзано со црквата „Св. Богородица“, или можеби се наоѓала во нејзината близина. Исто така, во белешки од современиците се споменува „Славјанскиот дом“, што се верува дека е всушност читалиштето.
Развој на читалните низ годините
По првото читалиште, активноста на овие установи продолжила во текот на втората половина на 19 век. Во 1874 година е регистрирано друга читална во Скопје, а во периодот непосредно пред Втората светска војна, Скопската читална станало место за собирање на најпрогресивните интелектуалци. Ова читалиште се наоѓало во Старата чаршија, до денес зачувана зграда во близина на Сули-ан.
Современите читални во Скопје
Во современо време, читалните се модернизирани и адаптирани за новите потреби на корисниците. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје неодамна го реновираше просторот на малата читална во централниот објект, кој е еден од најпосетуваните простори за подготовка на испити. Со ова реновирање, студентите и другите посетители добиваат уште попријатна и пофункционална средина за учење.
Читалните во Народната и универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ исто така беа реновирани, а бројот на корисници во пост-пандемискиот период постојано се зголемува. Подобрените услови, заменетиот инвентар и пријатната атмосфера се само дел од причините поради кои студентите и истражувачите им се враќаат на овие простори.
Со Александра Јуруковска од Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ поразговаравме околу историјата на читалните и важноста на истите во современо време.
Трн: Кога за првпат беа отворени читалните во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и каква беше нивната првична функција?
Александра: Историјата на читалните е врзана со историјата на Градската библиотека. Ако се сетиме на објавата во Нова Македонија од 15 ноември 1945 година дека во Скопје е отворена библиотека-читална, ќе се потсетиме всушност на важноста на библиотеката за една држава. Во 1974 година се случува интегрирањето на сите библиотеки од Скопје токму под Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Читалните од централниот објект, исто така, постојат од 1974 година кога е изградена зградата специјално наменета за библиотека, по сите тогашни стандарди. Тие претрпеле неколку модификации и сега располагаме со 3 читални или со 160 седишта/места.
Ноќното работење или попларната читална 24/7 е воведено во 2002-2003 година. Следната година е и нашиот голем јубилеј 80 години постоење и по тој повод често се навраќаме на многу интересни податоци за развојот на институцијата, како и на секогаш иновативниот пристап во доближувањето на книгата до читателите.
Еден интересен куриозитет
Во 1950 година постоела читална во тогашната Железничка станица на Скопје, во 1963 година за време на земјотресот дел од книжниот фонд на библиотеката бил префрлен во шатори токму во Градскиот парк и тоа говори за постојаните заложби на сите претходни и сегашни вработени – да нема застој во работењето на библиотеката, книгата секогаш и да стигне до рацете на читателите.
Последното реновирање го имале во септември кога целосно беше реновирана т.н мала читална, токму пред почетокот на испитната сесија, на голема радост на најбројните корисници – студентите. Мината година токму на роденденот, на 15 ноември го пуштиле во употреба реновираниот Оддел за литература за деца кој е супер модерен, мултифункционален, пријатен и постојано активен.
Околу промените во навиките на студентите и другите корисници поради дигитализацијата и новите технолошки можности, Александра истакнува дека луѓето се’ почесто бараат брз пристап до информации, кратки содржини достапни на дигитални уреди и слично. Читалните се климатизирани и со бесплатен интернет пристап. Денес студентите многу почесто носат свои книги, лап топ и и материјали отстрана, а помалку се служат со огромниот фонд во т.н. Стручен оддел, кој постојано се збогатува со нови наслови. Промени има и во читачките навики и во интересот за книгата. Тоа влијае и на нашите заложби да останеме актуелни и интересни, а библиотеката привлечна за корисниците од сите возрасти. Така, имаме полн календар годишна програма составена од работилници за деца и млади, обуки, промоции, средби со автори и илустратори, поддршка на млади креативци, работилница за креативно пишување. ГБСК не е само централниот објект, туку сите библиотеки во Скопје. Тие се активни во општините и населбите каде што се наоѓаат и имаат одлична децениска соработка со основните училишта, градинките, заедницата.
Имаме голема читална и во „Страшо Пинџур“ (ЗОИЛ) и во „Другарче“ каде што пак се наоѓа и најстарата игротека во Скопје. Нашата Игрална постои повеќе од 40 години и во неа работи библиотекар-педагог, по специјално изготвена програма, а децата растат во креативна атмосфера опкружени со книги. Во „Другарче“ е и Курсот по англиски јазик со децениска традиција и професионалност и квалитет како заштитен знак.
Трн: Какви видови на поддршка им се нудат на студентите во рамките на читалните, особено во однос на пристапот до нови книги и дигитални ресурси?
Александра: Читалните не се издвоен сегмент од библиотеката, односно читалните може да ги користи секој што има наша членска картичка. Постои можност и за второ членство, односно ако поседувате членска од некоја од другите библиотеки, со симболична цена од само 50 денари на годишно ниво, може да отворите и втора во некоја од другите библиотеки или во централната каде што се читалните. Нашата Дигитална библиотека (www.digitalnabiblioteka.gbsk.edu) e отворен ресурс и прилично интересен и посетуван од истражувачите, хроничарите и научните работници. Носечки проект на Одделот за дигитализација за оваа година е дигитализирањето на творештвото на големиот Анте Поповски што го работиме со дозвола и согласност на неговото семејство и здружението за зачувување на неговиот лик и дело. На 15 ноември ќе го промовираме и овој многу значаен сегмент од нашите отворени ресурси.
За време на пандемијата Библиотеката ги следеше препораките за работа дадени од надлежните институции. По паузата и со примена на протоколите брзо се вративме на редовната работа, а во 2021 и 2022 имавме и зголемен број нови членови. Тоа говори дека во тој тежок период луѓето ѝ се вратија на книгата и на читањето, беа желни за тоа.
Трн: Што мислите, кои се главните причини што ги привлекуваат студентите да ги користат читалните наместо да учат од дома или од други места?
Александра: Читалните претставуваат спокојно, безбедно, чисто и тивко место, пријатна атмосфера. Позицијата во центарот на градот и близината до скоро сите факултетити и поважни институции исто така е важна. Секако, многу често студентите и учениците доаѓаат во групи, па библиотеката е и место за убаво кафе-дружење на паузите. Во библиотекарскиот свет постои терминот the third place, односно по домот, работата/училиштето, библиотеката да е третото место каде што некој би се чуствувал пријатно и безбедно. Верувам дека не сме далеку од тоа. Ова посебно би им го посочила на родителите со мали деца – да ги учат да ја посетуваат библитеката и заедно да поминуваат време во неа.
Трн: Дали читалните добиваат поголемо значење и повеќе корисници во текот на испитните сесии и други важни академски периоди?
Александра: За време на испитните сесии читалната месечно понекогаш ја посетуваат и до 4000 корисници и тоа говори за нејзината атрактивност. Тогаш се бара место повеќе. Задоволни сме што сме дел од образовниот процес на многу генерации академски граѓани. Во овој контекст би сакала да потсетам и на тоа дека библиотеката е благороден концепт што во основа го има и практикувањето и почитувањето на јавното добро. Да не забораваме и на тоа.
Важноста на читалните денес
Читалните остануваат важни места за културен и интелектуален развој. Тие нудат тивка и уредна средина за учење, истражување и подготовка за испити. Повеќето библиотеки обезбедуваат дополнителна поддршка за студентите, вклучувајќи и информации за новите книги и дигитални ресурси.
Во ерата на дигитализација, читалните не само што го задржуваат своето значење, туку и се трансформираат за да ги исполнат современите потреби на корисниците, обезбедувајќи пристап до современа технологија и нови информации.
Александра Тодоровиќ за Трн.мк
ИЗВОР: racin.mk