Бројот на загинати во невремето што ја зафати Словенија се искачи на шест лица. Словенечките медиуми јавуваат дека некои региони сè уште се поплавени, а надлежните предупредуваат дека со повлекувањето на водата се зголемува ризикот од свлечишта
Во регионите во Словенија кои во изминатите денови беа погодени од разорните поплави и претрпеа големи штети, полека се санираат последиците, јави Н1.
Во многу области во Словенија, во кои водата полека се повлекува, на жителите сега им се заканува и лизгање на земјиштето. Во меѓувреме, слики од уништени патишта и срушени мостови пристигнуваат од различни места низ земјата.
Во текот на изминативе неколку денови многумина жители на Словенија можеа само беспомошно да ги гледаат надојдените води кои пред нивните очи уништуваа сè што граделе со сопствени напори долги години. Една од пошокантните приказни доаѓа од Преваљ каде разбеснетата река Межа ја проголта куќата на семејството Фужир кое останало буквално нез ништо.
„И покрај опасноста, таткото одбива да го напушти загрозеното подрачје и бара сè што може да се спаси – фотографии, спомени“,
вели Габријела Фужир Худописк.
Тоне Јамник е повозрасен жител на словенечкиот град Шкофја Лока. Тој го гледал драматичното хеликоптерско спасување на четири лица заробени во куќата на соседите, која се наоѓа речиси точно на сливот на реките Пољанска и Селшка Сора.
„Знаете, и во оваа куќа живее лице со попреченост. Плачев гледајќи го ова. И се прашував како можам да помогнам? Што можам да направам? Што? Апсолутно ништо…“,
раскажува Јамник.
Словенечката Управата за заштита и спасување објави онлајн апликација „Floods 2023“ за да им помогне на погодените од поплавите. Апликацијата е наменета за понуди за помош на погодените од поплави.
Министерството за здравство заедно со Министерството за европски и надворешни работи побараа од Австрија помош за медицинска нега на лица во областа Корушка која поради поплавите беше отсечена, а евакуацијата на загрозените жители беше можна само преку границата со Австрија.
Се очекува во среда погодените подрачја да ги посети претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Поплавите во Словенија, по силното невреме кое во четвртокот ја погоди земјата, однесоа уште два човечки животи. Вчеравечер во водите на надојдената река Теменица кај селото Ивања во општина Мирна Печ е пронајдено удавено лице. Безживотно тело на маж вчера било пронајдено и во септичка јама во областа Мост, во општината Коменда, јавуваат словенечките медиуми. Како што се наведува, лицето паднало во јамата додека ги санирало последиците од поплавите. Со ова, бројот на загинати во невремето се искачи на шест лица.
Поради катастрофалните поплави кои ја зафатија Словенија, во првите денови од август, беа достигнати нови рекордни нивоа на реките и на количествата врнежи од дожд.
Помош од Македонија
Како што информираше Центарот за управување со кризи, денеска министерката за одбрана Славјанка Петеровска, по консултации со Генералштабот на Армијата, информирала дека Армијата е подготвена да испрати 100 свои припадници. Тие ќе бидат подготвени да тргнат откако ќе биде донесена одлука на Владата и дадена согласност од претседателот Стево Пендаровски.
Пендаровски, пак, како врховен командант на вооружените сили на Армијата издаде наредба до началникот на Генералштабот да се преземат мерки за подготовка на контингент војници и материјално-технички средства што во најбрз можен рок би биле упатени во Република Словенија.
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот, на шефот на државата претходно во разговор со словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар изразил жалење и сочувство до Словенија и сите нејзини жители за загубите и штетите претрпени во поплавите и искажа подготвеност за помош.
„Словенија е голем пријател на Северна Македонија, дом на многу наши сограѓани, наш сојузник во НАТО, држава со која соработуваме во повеќе процеси и иницијативи, а целиме да имаме и заедничка иднина во рамки на ЕУ. Македонското општество се сеќава на помошта која Словенија ни ја дала во минатото при справување со природни непогоди и ние сме подготвени да помогнеме согласно искажаните потреби од словенечката страна во рамки на нашите можности“,
се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
ИЗВОР: 360stepeni.mk