Од МВР за „360 степени“ велат дека увидот сè уште трае
Големи пламени јазици синоќа го зафатиле мостот „Беласица“ во близина на трговскиот центар „Ист Гејт“ кој води кон Железничката станица во Скопје.
Пожарот е локализиран, а во моментов мостот е целосно затворен за сообраќај од безбедносни причини. Полицијата ги пренасочува возилата.
Според информации што екипата на „360 степени“ ги доби од припадници на Противпожарната бригада, кои се на местото на настанот, причината за пожарот е позната, но се чека Министерството за внатрешни работи (МВР) да излезе со официјално соопштение за инцидентот откако ќе го заврши целосно увидот.
Од МВР за „360 степени“ велат дека увидот сè уште трае.
„На 11.5.2023 во 23.59 часот пријавено е дека настанал пожар под мостот на ул. ‘Беласица’ во Скопје. Полициски службеници излегле на местото на настанот, а сообраќајот бил пренасочен. Пожарот е изгаснат од екипи на Бригадата за противпожарна заштита и во тек е увид“,
информираат од полицијата.
Уште синоќа на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеоснимки од пожарот.
Во текот на денот се очекуваат повеќе информации за причините за избувнувањето на пожарот и за настанатата штета.
ИЗВОР: 360stepeni.mk