Продолжувајќи да се занимава со потеклото на пандемијата предизвикана од корона вирусот во Соединетите Држави, лицето на американските власти во борбата против Ковид-19, д-р Ентони Фаучи на сослушување во Претставничкиот дом на Конгресот се бранеше себеси и одговорот на државата од нападите на републиканските пратеници кои беа критикувани за поттикнување теории на заговор, пишуваат светските медиуми.
Фаучи се соочи со интензивна контрола од конзервативците во своето прво јавно појавување пред Конгресот по напуштањето на советничката функција во Белата куќа во 2022 година, откако повеќе од една година беше во фокусот на републиканците на Поткомитетот на Претставничкиот дом, за пандемијата поради неговата улога во одговорот на земјата на пандемијата.
Тајни информации за потеклото на вирусот?
Во врска со изворот на пандемијата, која, според Би-Би-Си, е предмет на жестока дебата во САД, Фаучи остро ги отфрли наводите дека се обидел да ги скрие информациите за потеклото на вирусот, нарекувајќи го „едноставно бесмислено“.
Како лице на одговорот на САД на пандемијата со ковид 19, поранешен советник во администрациите на претседателите Доналд Трамп и Џо Бајден, Фаучи ги оспори тврдењата дека имало обиди да се прикријат докази кои сугерираат дека вирусот можеби протекол од лабораторија во Вухан, Кина.
И пофален и силно критикуван за неговата улога за време на пандемијата, специјалистот за заразни болести Фаучи зборуваше и за заканите со кои се соочува тој и неговото семејство од пандемијата наваму.
„Имаше веродостојни смртни закани, што доведе до апсење на две лица“, рече д-р Фаучи, додавајќи дека бројот на смртни закани ќе се зголемува секогаш кога некој ќе каже дека е одговорен за смртта на луѓето ширум светот.
Закана со затвор
На сослушувањето кое беше на моменти „мачно“ д-р Фаучи беше обвинет дека е „догматичен“ во неговите препораки за борба против пандемијата, истакнува Тајмс.
Членот на Домот Марџори Тејлор Грин, цврста поддржувачка на Трамп, кој се спротивстави на мерките за заклучување, му рече на д-р Фаучи дека треба да биде затворен за неговата „одвратна, зла наука“ која наложи социјално дистанцирање и носење маски за време на пандемијата.
„Ширум Америка, здравите деца се принудени да носат маски. Маскирани во нивните училишта… и потоа принудени да учат од дома поради вашата таканаречена наука“, рече таа.
„Треба да препорачаме да ве гонат. Треба да поднесеме кривична пријава затоа што треба да ве гонат за злосторства против човештвото“, рече Грин.
Таа тврдеше дека владините научници заработиле милиони долари „на хонорари од производителите на лекови, што е факт што се крие… „децата на училиште се ставаат во пластични меури поради вашата наука, вашата одвратна, зла наука“.
Тејлор Грин, сепак, беше укорена од шефот на поткомитетот, републиканецот Бред Венструп, затоа што често му се обраќаше на д-р Фаучи со „г-дин Фаучи“ наместо со „д-р Фаучи“.
„Запирање на цунамито“
Д-р Фаучи го бранеше социјалното дистанцирање и другите мерки преземени од администрацијата на Трамп во првите месеци од пандемијата во која загинаа повеќе од милион Американци, според Вол Стрит Џурнал.
Тој рече дека мерките се засноваат на научните сознанија достапни во тоа време, додавајќи дека наредбите за останување дома, задолжителните маски за мали деца и другите мерки „биле важни кога се обидувавме да го запреме цунамито на смртни случаи што се случи претходно“.
Тој, исто така, беше под притисок да каже на конгресното сослушување зад затворени врати во јануари дека правилото за социјално растојание од шест стапки (183 сантиметри) „некако само се наметнало“.
Тој призна дека правилото, кое останува на сила до август 2022 година, е „емпириска одлука што не се заснова на податоци“.
Тој додаде дека мерката е развиена од Центрите за контрола и превенција на болести, а не од неговата агенција, истакнувајќи дека кога во јануари рекол дека не знаел за студиите што го поддржуваат „правилото за растојание од шест стапки“, тој мислел дека не е запознаен со формални клинички испитувања.
„Науката се развива“, рече тој, посочувајќи дека во услови на нова епидемија работите се менуваат. Тој додаде дека можеби уште милион луѓе би умреле доколку се дозволи ширење на вирусот без мерки за негово забавување.
Фаучи, исто така, негираше дека користел приватна адреса за е-пошта додека работел за владата, но признал дека неговиот советник, д-р Дејвид Моренс постапил несоодветно во тој поглед.
Моренс во мејловите навел дека има начин да го заобиколи Законот за слобода на информации преку комуникација преку приватна е-пошта, за што Фаучи рече дека „беше страшна работа, погрешна и несоодветна“.
Неосновани сомневања
Сослушувањето во понеделникот (3 јуни) беше кулминација на 15-месечната истрага која беше најавена како истрага за потеклото на пандемијата, но неодамна се претвори во референдум за д-р Фаучи, 83-годишен имунолог кој помина повеќе од половина век како владин научник, пренесува Њујорк Тајмс.
И покрај стотиците илјади страници документи и повеќе од 100 часа сведочење зад затворени врати, пратениците кои го критикуваат Фаучи во понеделникот не понудија ништо што го поврзува со појавата на ковид 19 во Кина, објави Њујорк Тајмс, додавајќи дека Фаучи е прикажан како негативец меѓу застапниците на таканаречената теорија на истекување во лабораторијата.
Фаучи долго време се соочуваше и со сомневање за грантови што Агенцијата за медицински истражувања што тој некогаш ја водеше ги даде на американската непрофитна алијанса Екохелт (Ecohealth), која се занимава со истражување на вируси.
Како дел од напорите да се предвиди појавата на болести, грантовите предвидуваа Екохелт да проследи дел од финансирањето на научните соработници во странство, вклучително и лабораторијата за коронавирус во Вухан, Кина, градот каде што започна пандемијата.
Сепак, коронавирусот изучуван во лабораторијата финансирана од САД во Вухан, како и други такви вируси за кои се знае дека биле предмет на истражување таму, имале мала сличност со оној што ја започна пандемијата.
Фаучи рече дека е „молекуларно невозможно“ експериментите финансирани од американските даночни обврзници во Вухан да го произведат вирусот што ја предизвикал пандемијата, признавајќи дека не знаел дали е можно непријавените експерименти во Кина да се поблиску поврзани со вирусот одговорен за пандемијата.
Битка на републиканците и демократите
Трииполчасовното сведочење во Конгресот на поранешниот советник во администрациите на Трамп и Бајден, дојде во време на битка меѓу републиканците и демократите околу тоа дали фокусот на Фаучи е неопходен за да се разбере можното потекло на вирусот или е губење на време кое пропагира недокажани теории за пандемијата што ја оштетуваат довербата во јавното здравје, пишува Вашингтон пост.
Панелот на Претставничкиот дом не најде докази дека Фаучи прикривал или дека вирусот протекол од лабораторија, додека, според весникот, повеќето американски разузнавачки агенции кои го истражуваат потеклото на пандемијата ја поддржуваат теоријата дека вирусот се појавил природно преку пренос од животно на човек.
Фаучи често се појавуваше покрај Трамп на почетокот на пандемијата, но подоцна беше нападнат од десницата поради неговата поддршка на мерките и противењето на недокажаните методи на лекување, како што е употребата на лекот против маларија хидроксихлорокин, за кој Трамп и другите се залагаа.
Пред сослушувањето, групите за јавно здравје предупредија дека здравствените службеници како Фаучи биле малтретирани за нивната работа на пандемијата и побараа од комисијата да се фокусира повеќе на градење доверба во медицината, додека некои истакнати научници ја обвинија комисијата за поттикнување заговори и заплашување на виролозите наведувајќи дека републиканците им штетат на здравствените работници.
„Ги поминуваме нашите животи обидувајќи се да ги идентификуваме причините за заразните болести и да ги спречиме за да го заштитиме американскиот народ“, се бранеше Фаучи на сослушувањето.
Д-р Фаучи, истакнат експерт за заразни болести, кој беше висок извршен директор во Националниот институт за здравство на САД четири децении пред да ја напушти владата на крајот на 2022 година, рече дека републиканците го извртеле значењето на електронската пошта меѓу него и другите научници додека дебатирале околу тоа дали има можно истекување на корона вирусот од лабораторија.
Извор: slobodnaevropa.mk