Препораките се резултат од работата на Оценската мисија на ЕУ, која во изминативе месеци ја скенираше работата на Судскиот совет, а пред новинарите ги презентираше претставникот на Брисел во земјава, евроамбасадорот Дејвид Гир. Според него, слабостите се резултат на акумулирани проблеми кои се таложеле со годините и не биле навреме пресретнати и решавани
Од вкупноте 40 препораки, 17 се во доменот на самиот Судските совет, додека за останатите 23 се потребни интервенции во Уставот и во законите кои што ја регулираат конкретната материја
Извештајот на експертскиот тим на ЕУ, како што информираше Гир, е веќе споделен со властите и надлежните институции, но нема да биде јавно објавен, бидејќи, како што кажа евроамбасадорот со тоа се намалува неговата ефективност
Околу два и пол месеци откако заврши Оценската мисија на Европската Унија за работата на Судскиот совет, извештајот на тимот експерти предводени од судијата во Врховниот суд на Хрватска, Бранко Хрватин, е готов. Содржи 40 препораки, за кои без да навлегува во детали денеска на брифинг со новинари, информираше шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.
Дел од препораките, како што беше посочено, можат да бидат исполнети во брзо време, но дел се такви на кои на надлежените власти во земјава ќе биде потребен подолг период и политичка воилја за нивно имплементирање. Односно станува збор за краткорочни, среднорочни и долгорочни препораки.
Давајќи кратка ретроспектива на самата оценска мисија, перидот на нејзиното спроведување, евроамбасадорот Гир рече дека за време на мисијата, експертскиот тим на Хрватин и уште двајца судии од Бедлгија и Италија ја скенирале законската рамка што ја уредува работата на Судскиот совет и имале екстензивни разговори со засегнатите страни, преставници на инаституции и експерти.
„Мисијата излезе со јасна идеја кои се тешкотиите во однос на работата на Судскиот совет“,
рече Гир.
Актуелните предизвици со кои се соочува Судскиот совет, посочи тој повикувајќи се на извештајот, се резултат на акумулирани проблеми кои се таложеле со годините и не биле навреме пресретнати и решавани.
„Ова не се проблеми од вчера, туку акумулирани проблеми. Судскиот совет е во срцето на судскиот систем и мисијата заклучи дека е потребна итна акција за адресирање на овие проблеми“,
рече евроамбасадорот, кој извештајот го оценува како добар и силен.
Од вкупноте 40 препораки, 17 се во доменот на самиот Судските совет, додека за останатите 23 се потребни интервенции во Уставот и во законите кои што ја регулираат конкретната материја.
Без да навлегува во детали, препораките евроамбасадорот ги подреди во шест сегменти во кои се опфатени:
- структурата и компетентноста на Судскиот совет;
- мандатот не членовите на Советот;
- процесот на селекција и назначување на членови на Советот;
- дисциплинските постапки;
- транспаретноста и комуникацијата со јавноста;
- ресурси и финансирање на Советот.
Праксата и транспраретноста беа дел од термините кои повеќепати беа споменати од амбасадорот Гир во однос на заклучоците на експертскиот тим на Оценската мисија за работата на Судскиот совет.
Кои се препораките?
Имено, 17 препораки од вкупно 40, се однесуваат на подобрувањето на праксата и работењето на самиот Судски совет и може да бидат спроведени без никакви уставни и законски измени, нешто што е неопходно за останатите 23.
Од овие 17 препораки за Судскиот совет, седум се однесуваат на транспарентноста, а останатите десет за изборот и унапредувањето на судии, што е и клучната функција на Советот.
„Ако овие 17 препораки, кои не бараат уставни или законски промени се спроведат од Судскиот совет во следните неколку месеци, тоа би било револуција. За останатите се потребни законски или уставни измени, но нема причина да се одложуваат со оглед на временската рамка за изборите“,
рече Гир.
Останатите мерки што ги препорачува Оценската мисија во својот извештај, а за кои се потребни уставни и интервенции во законите, се однесуваат на прашањата што дефинираат кој може да биде избран за член на Судскиот совет, должината на мандатот на членовите, воспоставување рамка за начинот и постапката за разрешување на претседател на Советот.
Извештајот, како што беше кажано на брифингот, го начнува и прашањето околку дефиницијата „истакнат правник“, кој се наоѓа во актуелното законско решение, а во однос на критериумите за избор на член на Советот.
Образложување на постапката и одлуката за санкционирање на судии е исто така едно од прашањата кои ги адресираат препораките на оценската мисија.
Уште едно прашање е должината на мандатот на членовите на Судскиот совет, кој со актуелното законско решение изнесува шест години. Како што можеше да се насети од одговорот на Гир на новинарските прашања е дека мандато треба да биде скратен, бидејќи е предолг период. Особено за членовите на Советот кои доѓаат од редовите на судиите, што на долг рок ги одвојува од праксата во нивната примарна професија – судија.
Сегменти кои треба да се разгледаат се однесуваат и на членовите на Советот по функција, односно на Министерот за правда и на Претседателот на Врховниот суд, кои учествуваат во работата на Советот, но немаат право на глас.
Евроамбасадорот рече дека во извештајот исто така се посочува и на улогата на цивилното општество без да навлегува во детали за какви конретно препораки станува збор.
Извештајот на експертскиот тим на ЕУ, како што информираше Гир, е веќе споделен со властите и надлежните институции, но нема да биде јавно објавен, бидејќи, како што кажа евроамбасадорот, со тоа се намалува неговата ефективност.
Гир: Владеењето на правото да биде главна тема на претстојните избори
Наодите и препораките на оценската мисија, беше посочено, претставуваат патоказ кој ниту една влада, чија заложба е владеењето на правото, не треба да ги занемари.
„Очекуваме вклучување на овие препораки во сите политики поврзани со работата на Судскиот совет и судските реформи, вклучително и во Стратегијата за судски реформи 2023-2027 година. Иако сето ова не може да биде спроведено веднаш, ЕУ очекува ова да биде главен приоритет на сите идни реформи, бидејќи во суштина, ова е во основата на владеење на правото и интегритетот на судството“,
порача шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Гир, во овој контекст упати и порака дека владеењето на правото треба да биде една од главните теми на кои ќе се дебатира на престојните избори.
„Изборите се за да се разговара за владеењето на правото и владеењето на правото треба да биде една од главните теми на претстојните избор“,
рече Гир.
Инаку, за потсетување, најавата дека во земјава доаѓа Оценска мисија за работата на Судскиот совет стигна од евроамбасадорот Дејвид Гир на почетокот на јули. Потоа, во земјава прво престојуваше хрватскиот судија Бранко Хрватин, по што кон крајот на септември уследи работата на целиот експертски тим, со судии од Белгија и Италија.
Доаѓањето на Оценската мисија беше поздравено и поддржано од премиерот и од други преставници на властите во земјава, а идејата ја поздравија и од Судскиот совет. Претседателот на Советот, Сашко Георгиев, тогаш рече дека извештајот на мисијата ќе биде разгледуван транспарентно пред медиумите.
Оценската мисија дојде по контроверзните случувања во Судскиот совет кои почнаа уште минатата година со оставката на Павлина Црвенковска од претседателската функција во Советот, која тогаш зборуваше за „судско-бизнис елита“.
Неколку месеци подоцна, односно во април годинава, се случи контроверзното разрешување на наследничката на Црвенковска, Весна Дамева.
Претседателот на Судскиот совет неодамна во интервју за „360 степени“ рече дека доколку Оценската мисија на Европската Унија заклучи дека Советот треба целосно да биде распуштен, тие ќе ја почитувале таквата одлука.
Сепак, за такво нешто, не стана збор на денешниот брифинг за препораките на Оценската мисија.
ИЗВОР: 360stepeni.mk