ЕУ го објави предлог-договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија

February 28, 2023
2 mins read

ПРИШТИНА (АА) – Надворешната служба на Европската Унија (ЕЕАС) го објави предлог-договорот за нормализација на односите помеѓу Косово и Србија, пренесува Анадолу.

По синоќешната средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, што се одржа во Брисел со посредство на Европската Унија (ЕУ), објавен е предлог-договорот од 11 точки.

Предлог-договорот предвидува дека страните се обврзани да развиваат нормални, добрососедски односи меѓу себе врз основа на еднакви права, страните меѓусебно ќе ги признаат нивните соодветни национални документи и симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати.

Во втората точка од предлог-договорот се нагласува дека двете страни мора да се раководат од целите и принципите наведени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштитата на човековите права и недискриминацијата.

Предлог-договорот бара од страните, во согласност со Повелбата на Обединетите нации, да ги решаваат сите меѓусебни спорови исклучиво со мирни средства, и да се воздржат од закана или употреба на сила.

„Страните тргаат од претпоставката дека ниту една од нив не може да ја претставува другата во меѓународната сфера или да дејствува во нејзино име. Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација. Ниту една страна нема да блокира, ниту ќе ги охрабри другите да го блокираат напредокот на другата страна на нивниот пат кон ЕУ врз основа на нивните сопствени заслуги. Двете страни ќе ги почитуваат вредностите наведени во членовите 2 и 21 од Договорот за Европската Унија“, се вели во точките 4 и 5.

Според точка 6, овој основен договор претставува важен чекор за нормализација, додека двете страни со нов поттик ќе го продолжат процесот на дијалог предводен од ЕУ, кој треба да доведе до правно обврзувачки договор за целосна нормализација на нивните односи.

„Страните се согласија да ја продлабочат идната соработка на полето на економијата, науката и технологијата, транспортот и комуникацијата, односите со судството и спроведувањето на законот, поштите и телекомуникациите, здравството, културата, религијата, спортот, заштитата на животната средина, исчезнатите лица, раселените лица и други слични области, преку постигнување конкретни договори“, се додава во точка 6, во која се нагласува дека деталите ќе бидат договорени во дополнителните договори посредувани во дијалогот што го води ЕУ.

Точка 7 од предлог-договорот бара двете страни да се обврзат да создадат конкретни договори и гаранции, во согласност со релевантните инструменти на Советот на Европа и врз основа на постоечките европски искуства, за да обезбедат соодветно ниво на самоуправување за српската заедница во Косово и можноста за обезбедување услуги во одредени области, вклучувајќи ја и можноста за финансиска поддршка од Србија и директен канал за комуникација на српската заедница со Владата на Косово.

„Страните ќе го официјализираат статусот на Српската православна црква во Косово и ќе обезбедат силно ниво на заштита на предметите од српското верско и културно наследство, во согласност со постоечките европски модели“, се додава.

Предлог-договорот бара страните да разменат Постојани мисии, поставувајќи ги во соодветните владини канцеларии, додека практичните прашања поврзани со формирањето на Мисиите ќе се решаваат посебно.

Понатаму се истакнува дека двете страни ја земаат предвид посветеноста на ЕУ и другите донатори за креирање посебен инвестициски пакет и финансиска поддршка за заедничките проекти на Страните во економскиот развој, меѓусебното поврзување, зелената транзиција и други клучни области.

Од страните се бара да формираат заедничка Комисија, под водство на ЕУ, која ќе го следи спроведувањето на договорот, како и да ја потврди нивната обврска за спроведување на сите договори за дијалог од минатото, кои остануваат валидни и обврзувачки.

Во последната и 11. точка се наведува дека двете страни се обврзуваат да го почитуваат Водичот за имплементација во анексот на споменатиот договор.

Курти и Вучиќ вчера се сретнаа со посредство на шефот на дипломатијата на ЕУ, Џозеф Борел, и претставникот на ЕУ за дијалогот, Мирослав Лајчак.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS)..

Извор: www.aa.com.tr

MARKETING

MARKETING

Претходно

ШВЕДСКИОТ РЕЖИСЕР РУБЕН ОСТЛУНД ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЖИРИТО ВО КАН

Следно

Финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче на територија на општина Гази Баба

Latest from Blog

Ќе се вози и саботна трка во Ф1

Трката за Големата награда на Азербејџан во Формула 1 следната година ќе се одржи во сабота, а не во недела, како што е вообичаено. Светската автомобилска федерација (ФИА), заедно со челниците на

Алчинов во Отворено: За да се направи пат до хидроелектраната на река Дошница ќе треба да се исечат 1000 хектари шума

Кристијан Алчинов од „Спас за нас“ во Отворено рече дека законот за хидроелектрани е склопен во полза на инвеститорите. Според него, за изградба на една хидроелектрана на реката Дошница ќе треба да

Елиминирана шампионката на Ролан Гарос

Актуелната шампионка на Ролан Гарос Американката Коко Гоф е елиминирана во првото коло на Вимблдон. За изненадувањето се погрижи 25-годишната Украинка Дајана Јастремска, која со 2:0 во сетови (7:6(3) и 6:1) ја

САД ја прославија 249-годишнината од независноста во Скопје

Во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија вечерва со свечен прием беше одбележан 4-ти јули – Денот на американската независност. Пред бројни гости, партнери и пријатели на САД, амбасадорката Анџела

Запленети околу 100 килограми марихуана во Струмица, лишени од слобода три лица

Во координирана акција на полицијата и Агенцијата за национална безбедност вчера во Струмица се запленети 100 килограми марихуана, а три лица се уапсени, соопштија денеска од МВР. Во соопштението се наведува дека
Go toTop