Европската Унија мора да се врати на старите шини, кои се темелат на мерит системот, односно на постигнувања, а не на билатерални спорови, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по состанокот со Советот на странски инвеститори.
Премиерот нагласи дека блокада може да има доколку земјата не е добра во одредени перформанси, кои произлегуваат од критериумите.
-Не велам јас дека ако ние не сме добри во владеење на право, образование, рибарство или нешто друго, дека не треба да бидеме успорени или закочени. Но ако треба да решаваме прашања од 11. и 12. век и тие да ни се пречка, тогаш никогаш нема да бидеме дел од ЕУ. Тогаш ќе имаме две опции. Или да се самоуништиме, што е лудо или да се бориме и потешко ќе бидеме дел од ЕУ се додека постојат овие спорови, истакна Мицкоски.
Тој вели во Брисел заминува „со стандардниот куфер и со стандардното пакување на стандарниот куфер“, при што ќе се заокружат билатералните средби со високи европски претставници, на кои се изнесуваат аргументите на Владаta во однос на начинот на продолжување на евроинтегративниот процес.
Досега се потврдени две билатерални средби, со високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Каја Калас и со шпанскиот премиер Педро Санчез, а се очекува уште една билатерaлна средба, надвор од мултиратралните.
Нагласи дека по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта се заокружува овој спектар на билатерални средби на кои се изнесени аргументите на македонската Влада.
-Мислам дека сите ќе знаат кои се нашите аргументи, што се нашите аргументи, кои се нашите стравувавања, зошто сме загрижени и дека сме подготвени да најдеме решение, коешто не е решение само за првиот чекор, туку е решение коешто ќе не однесе до крај. Затоа што ова е решение коешто тие го кажуваат за првиот чекор. Такво решение, не благодарам, рече Мицкоски.
Во однос на неодамнешното вето за Србија, кое меѓудругите го стави и Бугарија, Мицкоски истакна дека кога еднаш ќе се направи преседан, тој станува правило.
-Кога еднаш ќе направите преседан, треба да сте свесни дека тој преседан станува правило. Ние сме жртва на преседан. И прашање на време беше кога овие преседани ќе станат правило. И тие не се за решавање на проблеми коишто се однесуват за годините пред нас, туку најчесто се билатерални проблеми. И затоа зборувавме цело време. За тоа зборувавме сиве овие години и кога бевме опозициска партија и сега, изјави Мицкоски.
За нон-пејперот и можност за поинакво одлучување во ЕУ, вели дека прв пат слушнал за време на Берлинскиот процес, на неофицијалниот ручек, организиран од германскиот канцелар Олаф Шолц, на кој словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар изјавила дека постои таков нон пејпр, односно 27 минус еден.
-Таа го кажа тогаш на масата дека постои таков нон пејпер – 27 минус еден, да одлучуваат за ваков тип на прашања во рамките на ЕУ, бидејќи вие можете да бидете жртва на вето. Еве гледате што се случува и со Србија и со Црна Гора, после 12, 13 години преговори и по патот на преговорите, не мора тоа да се случува само на почеток. Затоа што сега Бугарија вели видете вие сега ќе го отворeвте овој процес, се согласивте, но за да го отворите првиот кластер треба повторно да седнеме да разговраме за малцинските прашања. И тука што правиме, оп повторно вето. Зошто, затоа што така некој политички маргиналец некаде така одлучил. Тоа не е добро. Затоа велам или ќе го поставиме процесот на вистински шини и тој ќе оди напред или ќе бидеме жртва на процес .Тоа е многу јасно, нагласи Мицкоски.
Во однос на тоа што Бугарија се уште не избра Влада, со што македонската страна нема стабилен преговарач од другата страна, Мицкоски вели дека таму сепак постои легитимен политичар којшто може да носи ваков тип на одлуки и при тоа, посочи, не мисли на претседателот Радев, туку на техничкиот премиер.
-Таму имаме техничка Влада со технички премиер, член во таа Влада. Ние можеби немаме политичка влада се уште, но ние не можеме да знаеме кога таа влада ќе се формира, колку би траела. Затоа ние мораме да работиме со сите наши партнери. И сега ако е ова билатерален проблем помеѓу нас и ЕУ, бидејќи така ни беше кажувано нели едно време, ние сме подготвени со ЕУ да разговараме. Ние разговараме со сите во ЕУ коишто се дел од нашето портфолио, порача Мицкоски.
Нагласи дека Владата ќе продолжи да се бори, бидејќи како што рече, ова е битка за идните генерации кај нас, но и во Европа.
-Ние се бориме за европските вредности, да ги вратиме на основите на кои почива идејата за ЕУ. Таа не почива на идејата за билетерални спорови, туку почива на мултикултурализам, космполитство, разбирање, напредок, квалитет, рече Мицкоски.
ИЗВОР: kurir.mk