Ердоган: Само рускиот и украинскиот лидер можат да одлучат кога ќе заврши војната

September 19, 2023
4 mins read

ЊУЈОРК (АА)

Само рускиот и украинскиот претседател можат да одлучат кога ќе заврши војната во Украина, изјави претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, пренесува Анадолу.

Во интервју за Јавниот сервис (PBS), американскиот јавен емитер, Ердоган нагласи дека не може да даде временска рамка за крајот на војната во Украина.

„Не е можно да дадам датум кога ќе заврши оваа војна или колку долго ќе трае“, рече Ердоган.

„Тоа можат да ви го кажат само лидерите на двете страни“, додаде турскиот претседател, притоа мислејќи на рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Украина, Владимир Зеленски.

Запрашан за неговите разговори со Путин за војната, претседателот Ердоган рече дека се очекува судирите да продолжат „подолг период“.

„Сакаме да се надеваме дека војната ќе заврши колку што е можно побрзо, а господин Путин е на страната за ставање крај на војната колку што е можно побрзо“, рече турскиот претседател.

Ердоган рече и дека Русија е доверлива колку и Западот.

„Немам причини да не им верувам. Во мера во која Западот е доверлив, Русија е подеднакво доверлива. Последниве 50 години чекаме пред прагот на ЕУ. И во овој момент ѝ верувам на Русија исто онолку колку што му верувам на Западот“, рече Ердоган.

Запрашан за неодамнешните забелешки што ги изнесе за евентуална разделба од Европската Унија доколку биде потребно тоа, претседателот Ердоган рече дека Туркије им придава големо значење на одлуките што ги носи ЕУ и дека ќе го поздрави секој позитивен чекор за напредок.

„Туркије стои на прагот на ЕУ последниве пет децении и секогаш си бевме доволни сами на себе. Никогаш не се потпиравме на придонесите или поддршката што ја добивме од ЕУ, така што таа не ни е ни потребна“, додаде претседателот на Туркије.

– Преговори за пристапување во ЕУ, шведското прашање за членство во НАТО

Ердоган, исто така, повтори дека кандидатурата на Шведска за НАТО и моментната позиција на Туркије во преговорите за пристап во ЕУ се две посебни прашања.

„Во повеќе наврати изјавуваме дека сме подготвени да ја поддржиме Шведска да му се придружи на НАТО, но Шведска треба да излезе и да ги исполни своите ветувања бидејќи сè уште гледаме терористи како слободно шетаат по улиците на Стокхолм“, рече турскиот претседател, потсетувајќи на поддржувачите на терористичките организации ПКК и ФЕТО во таа земја. Тој повеќепати го повикуваше Стокхолм да преземе мерки против овие терористички организации.

Финска и Шведска аплицираа за членство во НАТО веднаш откако Русија започна војна против Украина во февруари 2022 година.

Иако Туркије го одобри членството на Финска во НАТО, Анкара чека Шведска да ги исполни своите обврски, кои вклучуваат недавање засолниште за терористите или на нивните поддржувачи и да не им ги олеснува акциите.

Ердоган рече дека кандидатурата на Шведска за влез во НАТО ја оценува Големото национално собрание на Република Туркије и дека ова е местото каде што, како што рече, конечно ќе биде ратификуван приемот.

„Ова е дел од дневниот ред на Големото национално собрание на Туркије. Собранието ќе ја разгледа ситуацијата во рамките на својот календар и предлогот ќе биде изгласан од пратениците“, изјави Ердоган.

Сепак, тој повтори дека Шведска треба да ги исполни своите ветувања.

„Терористичките организации треба веднаш да ги прекинат своите демонстрации на улиците на Стокхолм и да престанат со своите активности. Да се види дека тоа навистина ќе се случи ќе биде многу важно за турскиот народ. Шведска навидум изврши измени на законот, но тоа не е доволно“, додаде Ердоган.

– Продажбата на авионите Ф-16 и кандидатурата на Шведска се одделни теми

Ердоган, исто така, изјави дека верува оти американската продажба на борбени авиони Ф-16 на Туркије и кандидатурата на Шведска за членство во НАТО не треба да бидат поврзани.

„Верувам дека овие две теми не треба да бидат поврзани бидејќи иако првенствено претседателот (Џо) Бајден рече дека ова прашање е поврзано со Конгресот, ние секогаш би рекле ‘добро, го имаме ние и турскиот Парламент’“, рече тој и додаде:

„Доколку Парламентот не донесе позитивна одлука за овој предлог, тогаш нема што да се прави.“

– ЕУ и санкциите на Русија

Турскиот претседател Ердоган е запрашан и зошто не им се придружил на членките на ЕУ во санкционирањето на Русија поради војната во Украина.

„Дали ние треба да го правиме тоа што го прават членките на ЕУ?“, праша Ердоган.

Велејќи дека Туркије има поинаков став во светот и дека земјите членки на ЕУ имаат свои ставови, Ердоган ја опиша Русија како еден од најблиските соседи на Туркије и рече дека двата народа имаат заедничка историја.

„И на сличен начин, вака продолжува сегашниот процес. Го покренавме (украинскиот) коридор за жито. Вкупно, 33 милиони тони жито се извезуваат во остатокот од светот преку Црно Море и тоа не го направивме само затоа што тоа од нас го побара ЕУ. Тоа беше хуманитарната обврска што ја презедовме“, изјави тој.

Тој потсети дека неговиот руски колега Владимир Путин му рекол дека наскоро ќе прати уште еден милион тони жито и дека го следи развојот на настаните.

– Путин „на страната на завршување на војната“ во Украина

Претседателот Ердоган ги отфрли критиките дека на Путин не треба да му се верува поради неговата улога во Договорот за жито и војната во Украина.

„Не се согласувам. Половина од моите испораки на природен гас доаѓаат од Русија, што значи дека сме солидарни. Правиме заеднички чекори напред, а соработувавме и на полето на одбранбената индустрија. Можеме да ги направиме овие работи со Русија “, рече Ердоган.

Запрашан дали гледа поголема корист од односите на Туркије со Русија или со Соединетите Американски Држави (САД), претседателот Ердоган нагласи дека ова прашање не може да му се постави на политички лидер.

„Затоа што начинот на кој јас се занимавам со политика, колку е тоа возможно, се сведува на воспоставување контакти со народите низ светот врз основа на сценарио во кое сите се во добивка. Како што имам добри односи со САД, така ќе имам добри односи со Русија и ние ќе продолжиме да имаме добри односи со земјите членки на ЕУ врз основа на истиот победнички пристап“, рече тој.

Турскиот претседател, исто така, рече дека американскиот народ ја следи Туркије, велејќи за PBS: „Сѐ додека произведувате здрави вести и имате точни известувања, мислам дека американскиот народ ќе има пристап до здрави информации.“

– Американскиот сенатор Боб Менендез

Ердоган се осврна и на американскиот демократски сенатор Боб Менендез, кој е познат по противењето на американската продажба на борбени авиони Ф-16 на Туркије и неговите обвинувања против Анкара за наводно загрозување на безбедноста на Грција.

„Боб Менендез не е многу запознаен со Туркије, а се чини дека Менендез не е запознаен ниту со Таип Ердоган“, рече турскиот претседател.

„Ние сме пријатели (со Грција) многу децении. Се чини дека Менендез зазеде непријателски пристап кон Туркије и се обидува да нѐ влече кон одредени дискусии по негов избор. Но ние нема да бидеме дел од тоа. Нашето пријателство со Грција не е како што го прикажуваат“, објасни Ердоган.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). .

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Се степале двајца монаси на Света Гора: Едниот е во болница, другиот уапсен

Следно

Османи демантира дека се сретнал со Груевски во Будимпешта

Latest from Blog

Тоневски: Подготвуваме нови проекти за водоснабдување, патишта и канализација во Пробиштип

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, информира дека општината интензивно работи на подготовка на проектна документација за повеќе инфраструктурни проекти кои се планира да се реализираат во наредниот период. Тоневски посочува дека

Проданоски: Вечно ќе ја чуваме храброста и жртвата на бранителите од Карпалак

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, упати порака по повод одбележувањето на 25-годишнината од трагичниот настан кај Карпалак, при што животите ги загубија десет прилепски бранители. Проданоски истакна дека нивната жртва останува длабоко

Дали е изненадување: Аргентина со поддршка за Инфантино!

ФОТО:.facebook.com/AFASeleccionEN/ Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е под голем притисок. Многу сојузи се изјаснија против него и се создава силна опозиција. Сепак, Швајцарецот добива и одредена поддршка, а најновата доаѓа од Фудбалската

„ПОЛИТИКО“ – ЦРНА ГОРА И ИСЛАНД МОЖАТ ЗАЕДНО ВО ЕУ – Брисел отвара нова сцена за проширувањето

Исланд и Црна Гора би можеле истовремено да станат членки на Европската Унија, доколку Исланѓаните на референдумот на 29 август се изјаснат за повторно отворање на преговорите за членство, објави „Политико“, повикувајќи

Највисокиот исплатен К-15 е 469.190 денари, задолжителниот минимум е 19.567

Само 15 отсто од вработените земале регрес за годишен одмор заклучно со први јули. Просечниот нето-износ на исплатен регрес изнесува 28.562 денари. Оние работодавачи во приватниот сектор што сега исплатуваат регрес за
Go toTop