Изборот на Димитриев за асистент сè уште не е завршен, но со оглед на фактот што во законски предвидениот рок никој не доставил приговор, тој ќе биде разгледуван и ставен на усвојување на наредната седница на Наставничкиот совет на Филозофскиот факултет закажана за 8 ноември годинава
„Мојата љубов кон социологијата и кон науката датира одамна… Сега ѝ давам приоритет на социологијата, а во иднина ќе видиме што ќе се случува“, изјави Димитриев за „360 степени“ минатата недела, кога неговиот избор беше објавен во Билтенот на УКИМ
Поранешниот премиер Емил Димитриев се пријавил на отворен конкурс за слободно асистентско место на Институтот по социологија при Филозофскиот факултет. Исто така, тој бил и единствениот кандидат кој се пријавил на конкурсот за вработување на асистент по предметите Општа социологија, Социологија на политика и Политички систем.
Филозофскиот факултет по добиената согласност од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука од 29 јуни годинава дека се обезбедени средства во буџетот за вработување на два асистента за областите: Општа социологија, Социологија на политиката, Политички систем и Методика и дидактика, распишал конкурс за две асистентски места.
Целата постапка за изборот на Димитриев за асистент на Институтот по социологија за „360 степени“ ја потврди и проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Тој веднаш посочи дека изборот на Димитриев за асистент сè уште не е завршен, но со оглед на фактот што во законски предвидениот рок никој не доставил приговор, тој ќе биде разгледуван и ставен на усвојување на наредната седница на Наставничкиот совет на Филозофскиот факултет закажана за 8 ноември годинава.
„Наставничкиот совет на Филозофскиот факултет (ННС) на својата 22 редовна седница одржана на 5 јули 2023 година донесе одлука за распишување конкурс за двете асистентски места објавени во дневните весници ‘Слободен печат’ и ‘Коха’. По завршување на колективниот одмор на 16 август 2023 година на објавениот конкурс за двете места се пријавија само по еден кандидат. Согласно Правилникот за посебните услови и постапката за избор во соработнички звања, ННС во предвидениот рок формираше рецензиони комисии за пријавените кандидати на 13 септември 2023 година на својата 23. редовна седница. Рецензионата комисија составена од професори од соодветната област за која е пријавен кандидатот м-р Емил Димитриев на 21 септември 2023 година достави реферат во писмена форма со кој му предлага на ННС на Филозофскиот факултет да го избере кандидатот во соработничкото звање асистент“,
објасни деканот Дуев.
Согласно правилникот на УКИМ, вели проф. Дуев, рефератот се објавува во Билтенот на УКИМ, јавно достапен и каде што секој може да достави приговор до рецензионата комисија.
Со последните покачувања на платите, проф. Дуев вели дека асистентската плата изнесува околу 36 000 денари, за разлика од пред една година кога асистентите земале 29 000 денари месечна плата.
Експремиерот предност ѝ дава на науката пред политиката
Поранешниот премиер во изјава за „360 Степени“ минатата недела посочи дека неговиот избор сè уште не е дефинитивно потврден, зашто следува одлука за избор за асистент од Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет.
Сепак, тој нагласи и дека неговата љубов кон социологијата и кон науката датира одамна.
„Имам дипломирано на Институтот за социологија, а и постдипломските студии ги продолжив на овој институт. Постдипломските студии ги започнав пред да имам политичка функција и поради тие обврски паузирав со научната дејност. Сега ѝ давам приоритет на социологијата, а во иднина ќе видиме што ќе се случува“,
посочи Димитриев за „360 степени“.
Димитриев е поранешниот премиер и пратеник, член на ВМРО-ДПМНЕ. Беше назначен за привремен премиер на Република С Македонија на 18 јануари 2016 година. Неговиот мандат заврши на 1 јуни 2017 година, кога за премиер беше изгласан Зоран Заев.
Професори одат во пензија, тешко се вработуваат нови
Деканот Дуев вели дека Филозофскиот факултет со години наназад кубури со кадар, а како надлежни постојано бараат согласност за нови работни места од Министерството за Финансии и од Министерството за образование и наука.
Но, предупредува тој, факултетот веќе почнува да се соочува со сериозен проблем во реализацијата на наставата.
„По долга пауза, последните две години добивме согласност за вработување за пет наставници, пет асистенти и шест места за администрацијата. Постојано бараме (што стоеше до последното читање на новиот закон во Собранието донесен во 2018 година, член 11 за кадровската автономија) да се врати правото единиците без согласност од Министерството за финансии да распишат оглас за вработување за испразнето работно место поради престанок на работен однос на вработеното лице, со што би се одржувал барем моменталниот број на работни места“,
додава Дуев.
Дуев посочува дека бројот на наставниот кадар на факултетот е намален од 122 на 100 наставници и тројца асистенти.
„Новите добиени работни места не може да ја надополнат празнината бидејќи на 1 октомври оваа година четворица наставници заминаа во пензија. Голем број студиски програми се соочуваат со проблемот на реализација, професорите се оптоварени со голем број часови, со што се намалува и квалитетот на студирањето“,
објаснува Дуев.
Сепак, во моментот, најкритични се студиските програми по социологија, каде што во пензија заминале четворица професори и по психологија, каде што во пензија отишле пет професори, како и институтите по историја на уметност, археологија итн.
Димитриев ќе зима плата од 36 000 денари
Според деканот Дуев, платата е еден од клучните проблеми поради кои работните места на факултетите станале неатрактивни.
„Од 2006 до 2020 година платите во високото образование беа покачени само за 10 отсто, спротивно на стапката на инфлација и порастот на цените. Позитивно е што во последните две години платите пораснаа, со последниот месец, за 37 отсто, а државата започна да го плаќа и минатиот труд на вработените. Надежно е покачувањето за 2024 и 2025 година со потпишаниот колективен договор на Синдикатот на УКИМ. Со последните покачувања платата на асистент изнесува околу 36 000 денари, колку просечната плата, а пред една година изнесуваше 29 000 денари“,
објаснува Дуев.
Сепак, како што вели тој, за еден млад човек да инвестира во докторски студии, професионално усовршување, да учествува на конференции, да објавува научни трудови е преголемо вложување кое не е исплатливо веднаш.
„На факултет не се вработуваат на неопределено време, туку на секој пет години следи нивен реизбор од асистент во доцент, во вонреден професор, па во редовен професор… Затоа, навистина ова е неатрактивна работа, особено во време на глобализација и слободен пазар за вработување надвор од Македонија. Во нашата земја со многу помалку квалификации може да земе и поголема плата“,
заклучува деканот на Филозофскиот факултет.
ИЗВОР: 360stepeni.mk