Меѓу поинтересните забелешки нотирани во нацрт-извештајот е мислењето на ЕК за т.н. „Балансер“, алатката за човечки ресурси, кој го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група. Според ЕК, тој повеќе не ги исполнува целите
Во документот се нотира и дека „не беа направени напори да се адресираат препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите од Законот за употреба на јазиците поврзани со двојазичноста во судските постапки“
„Предизвиците на владејачката коалиција да го собере своето мнозинство и ‘активната блокада’ што ја спроведува најголемата опозициска партија (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) го одложи усвојувањето на многу предлог-закони и неколку важни именувања или избори, како и навремена ревизија на извештаите на различни регулаторни тела“, се нотира во нацрт-извештајот на Европската комисија за Кластер 1 „Фундаментални вредност“
Европската комисија го објави нацрт-извештајот од скринингот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“. Генералната оценка што на прв поглед може да се извлече од нацрт-верзијата е дека земјава е „умерено“ подготвена за членство во Европската Унија во однос на легислативата и нејзиното спроведување во пракса во согласност со стандардите на ЕУ.
Кластерот 1 „Фундаментални вредности“ ги опфаќа поглавјата 23 – Судство и фундаментални права, 24 – Правда, слободи и безбедност, поглавјето 5 – Јавни набавки, 18 – Статистика, 32 – Финансиска контрола, како и состојбата со функционирањето на демократските институции, реформите во јавната администрација и економските критериуми.
Документот на 130 страници го нотира напредокот на земјава во секоја од овие области, но ги лоцира и слабостите.
Балансерот веќе не ја исполнува својата цел
Меѓу поинтересните забелешки нотирани во нацрт-извештајот е мислењето на ЕК дека т.н. „Балансер“, алатката за човечки ресурси, кој го одредува процентот на застапеност на вработени во јавниот сектор од секоја етничка група, веќе не ги исполнува целите. Причината што се наведува е дека формулата не ги одразува пописните податоци за населението кое живее во земјата.
„Паралелните процедури за вработување поставени за да се зголеми вработеноста на малцинставата во јавниот сектор може да ги поткопа, во нивната примена, принципите на заслуги, ефективност и правична застапеност и да влијаат на независноста на институциите при изборот на вработените според потребите, следејќи ги потребите за правична застапеност“,
сметаат од Европската комисија.
Останаа да висат препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците
Забелешки во нацрт-извештајот од скринингот за Кластер 1 има за Законот за употреба на јазиците.
Па така, во документот се вели:
„Не беа направени напори да се адресираат препораките на Венецијанската комисија за преиспитување на одредбите од Законот за употреба на јазиците поврзани со двојазичноста во судските постапки“
За потсетување, за Законот за употреба на јазиците, кој беше донесен во јануари 2018 година, Венецијанската комисија излезе со мислење дека во одредени области тој оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката. Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап може значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, кое е загарантирано со Европската конвенција за човекови права.
Предизвиците на власта со мнозинството и „активната блокада“ на опозицијата ја нарушуваат работата на Парламентот
Во однос на работата на Собранието, во нацрт-извештајот е нотирана потребата од ограничување на носењето закони по брза постапка.
„Во однос на функционирањето на Парламентот, Собранието на Северна Македонија ги консолидираше своете демократски функции со текот на времето. Сè уште се потребни напори за да се воспостави поефикасно планирање на процесот на донесување закони, со цел да се ограничи употребата на брзи процедури“.
Но, ова не е единствената забелешка. ЕК во нацрт-извештајот ја нотира и нарушената работа на закондавниот дом поради „постојана поларизација меѓу владејачките партии и опозицијата“.
„Предизвиците на владејачката коалиција да го собере своето мнозинство и ‘активната блокада’ што ја спроведува најголемата опозициска партија (ВМРО-ДПМНЕ н.з.) го одложи усвојувањето на многу предлог-закони и неколку важни именувања или избори, како и навремена ревизија на извештаите на различни регулаторни тела“,
се вели во нацрт-извештајот.
Треба да се работи на независноста на судиите и обвинителите
На Северна Македонија ѝ претстои уште многу работа во исполнувањето на европските стандарди и во делот на правосудството. Како што е наведено во сумарната оценка за состојбите во Судството и фундаменталните права, односно поглавјето 23, усогласеноста на домашната законодавна и институционалната рамка е на добро ниво со онаа на ЕУ, но треба да се работи на прашања како независноста на судиите и обвинителите и интегритетот на сите нивоа на правосудството.
„Северна Македонија е умерено подготвена во функционирањето на судството. Законодавната и институционалната рамка за судството во Северна Македонија има добро ниво на усогласеност со правото на Европската Унија и европските стандарди. Сепак, на Северна Македонија ѝ е потребно натамошно зајакнување на ефективен начин. Независноста на судиите и обвинителите, консолидирањето на одговорност и интегритет на сите нивоа на судството, како и зголемување на пристапноста и квалитетот на правдата, треба да бидат испорачани ефикасно“,
се наведува во нацрт-извештајот.
Забелешки има и во однос на борбата со корупцијата, каде што нивото на подготвеност на земјава е исто така оценето како „умерено“.
„Законската и институционалната рамка за антикорупција е делумно усогласена со правото на ЕУ. Треба да се одвојат доволно ресурси за Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство – Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и консолидирање на учинокот во спречување и борба против против корупцијата, вклучително и на високо ниво“,
се наведува во нацрт-извештајот на ЕК.
Заплената и конфискацијата на средства што произлегуваат од дела поврзани со корупција остануваат ограничени и треба сериозно да се решат, посочуваат од ЕК.
За објавувањето на нацрт-извештајот денеска информира и Секретаријатот за европски прашања (СЕП). Како што соопштија оттаму, оценката на Комисијата во Извештајот се заснова на информациите добиени за време на скринингот, како и на дијалогот што се води во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и годишните Извештаи на Европската комисија кои се дел од пакетот за проширување.
Маричиќ: Ова е само нацрт-извештај, допрва ќе се разгледува од земјите членки на ЕУ
Според вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, станува збор само за нацрт кој допрва ќе се разгледува од секоја од земјите членки на Европската Унија.
„Ова е само нацрт-извештај кој допрва ќе се дискутира од страна на земјите членки на ЕУ и доаѓа во вистинско време кога интензивно работиме на изработка на Патоказите“,
вели вицепремиерот Маричиќ.
Извештајот, како што наведуваат од СЕП, ја отсликува состојбата на државата и дава насока за идните реформи кои Северна Македонија треба да ги направи во областа на владеењето на правото, односно реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права, како и да го зајакне функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација, со цел исполнување на условите за членство во Унијата.
„Извештајот за нас е водич и основа за подготовка на клучните документи – Патоказите за владеење на правото, функционирање на демократските институции и реформа на јавната администрација, а истовремено е рефлексија на скрининг-процесот, кој трае скоро една година. Поединечните наоди ќе ги коментираме во натамошна фаза кога ќе треба да се вградат во Патоказите, кои ќе бидат консултирани со сите општествени чинители, во еден транспарентен и инклузивен процес“,
вели вицепремиерот за евроинтеграции.
Во Секретаријатот за европски прашања во моментот се работи на македонски превод на документот, на скрининг-извештајот, кој ќе биде дополнително објавен на нивната официјална веб-страница, информираат од СЕП.
Целиот текст на нацрт-извештајот од скринингот за Кластер 1 „Фундаментални вредности“ можете да го прочитате на следниот ЛИНК.
ИЗВОР: 360stepeni.mk