„Ехо од истокот“ е насловен годишниот концерт на културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани што во петок на 23 мај ќе се одржи во Домот на културата во Вевчани.
Претседателот на друштвото Тоше Чочороски, ја информира јавноста дека на програмата се песни и ора од источното играорно подрачје. Точките, нагласи тој, ќе се изведат во оригинални носии автентични за регионот, ќе се свират на оригинални инструменти и дијалектички ќе се користат песни од источна Македонија. Над 100 членови на Дримкол, играорци, музичари, пејачи, актери… на професионален начин ќе ја презентираат предвидената годинашна програма. Гости на концертот ќе бидат учениците од насоката за народни инструменти од средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ од Штип. Ќе настапат со нивни соло точки, како и заедничка со Дримколци.

„Обезбедивме носии од Пијанец, Овче Поле, Кочанско поле, Берово. Беровската игра, која ја оставивме за крај на програмата е многу атрактивна. Со плех оркестар и трубачи, во неа се содржани сите националности што живеат во Берово, Македонци од селата, жителите на градот и Роми. Орото ќе се случува пред Успение на Пресвета Богородица, каде и впрочем се среќаваат тие народности во Берово“, открива Чочороски за МИА.
За достојна презентација на фолклорот од истокот, тој појасни дека побарале помош од експерти во областа.
„Водам сметка за се она што го презентираме да биде достојно и пристојно, односно да биде верно на оригиналот и затоа користам стручни соработници. На репертоарот е „Копачката“, заштитено оро во УНЕСКО, а за достојна адаптација и презентација ја повикавме претседателката на здружението „Копачка“ заедно со нејзин тим да ја постави во оригинална форма кај нас. Потоа следуваат две сценски адаптации од овчеполието и од беровско, поставени од етнокорелогот Филип Арилон“, една кореографија поставена од кореографот Јовица Блажевски и секако некои од ората се поставени од наши членови, вели претседателот на „Дримкол“.

Културното наследство на Македонија, смета дека треба да се презентира во автентична форма и оти не треба да се импровизира и игра со него.
„Не смееме да си подигруваме со културното наследство на Македонија и треба да го презентираме во оригинална автентична форма. Сите ние можеме да бидеме љубители, фолклористи, но денеска има професионалци, луѓе кои истражуваат, кои завршиле етнокореолошки науки и треба да се соработува со нив, со цел нашето културно наследство да го презентираме онака како што доликува, а не онака како што ние сакаме, замислуваме и да го сквернавиме. Не може да си дозволиме во време кога имаме професионалци во областа во културно-уметничките друштва да поставуваме измислени репертоари. Со тоа директно посегнуваме по нашето културно наследство, а нашите друштва не се лична сопственост, тие се државно богатство и ние не можеме со тоа да се подигруваме. Затоа мора да водиме силна сметка како тоа го правиме“, нагласи Чочороски.
Годишните концерти за раководството на КУД „Дримкол“ се многу значајни, тоа, подвлече, го покажуваат и заложбите изминатите 20 години да презентираат тематски настапи, нешто ново и поразлично од претходната. Тоа, според него, е момент кога друштвото треба да се претстави во најдобро светло пред својата публика.
„КУД Дримкол низ годините покажало и докажало дека концертите треба да се тематски. Користиме наслов, тема и драматизација. Публиката која не следи е сведок на такви успешни концерти. Секоја година се трудиме годишниот концерт да е подобар од претходниот. Водиме сметка да презентираме нешто ново, поразлично од претходните години, да биде новина за нашата публика пред се во Вевчани, а но и за оние кои не следат“, изјави Чочороски.
Актуелни и прилагодени теми низ годините биле: „Едно видување, еден век“, „Не играј со телефонот мамо, играј со мене“, „Македонска свадба“…, лани се одржал концерт со песни и ора од Југозападното играорно подрачје, а по годинашниот со источното, за идната година во најава е нов географски предел од државата.
ИЗВОР: racin.mk