Една недела по состанокот на НАТО во Вашингтон, следува уште една средба на лидерите. Овој пат тоа е самитот на Европската политичка заедница на кој ќе се соберат лидерите на речиси сите европски земји освен Белорусија и Русија, a се одржува денеска (18 јули) во Велика Британија. Поточно, сите ќе се соберат во палатата Бленхајм во Оксфордшир, недалеку од Лондон, родното место на легендарниот британски премиер Винстон Черчил.
Можеби најголемиот фокус ќе биде на еден од неговите наследници, новоизбраниот лидер на Велика Британија, Кир Стармер, кој како домаќин на самитот ќе го направи својот прв вистински обид да ја преориентира својата земја кон Европа и воопшто кон Европската Унија, по осум години комплицирани и понекогаш катастрофални односи по Брегзит.
Иако голем дел од планирањето и подготовките за состанокот се одвиваа во времето на претходната конзервативна влада, Брисел е полн со комплименти, истакнувајќи колку лесно течеле подготовките за самитот и колку малку изборите во Велика Британија на почетокот на јуни го нарушиле состанокот на Европската политичка заедница.
Сепак, немојте да се залажувате:
Главните ликови на ЕУ генерално се возбудени за Стармер – првиот лабуристички премиер по Гордон Браун во 2010 година. Сите забележуваат дека првите впечатоци за него на маргините на неодамнешниот самит на НАТО во Вашингтон беа генерално ентузијастички и првите разговори со него беа опишани како „позитивни“. Или, како што неодамна забележа еден висок функционер на ЕУ на брифингот за медиумите, „ досега имаше добри вибрации, а сега треба да се премине на содржината“…
И постои чувство дека на Обединетото Кралство и ЕУ им треба политичко зближување. Војната во Украина е една од причините за ова, но зголемената можност за уште едно претседателство на Доналд Трамп од другата страна на Атлантикот е нешто што ги преокупира умовите на континентот и на новата централно-левичарска влада во Лондон.
Не очекувајте големи случувања на состанокот во Бленхајм, но за подоцна може да се предвиди подобрен безбедносен пакт меѓу ЕУ и Велика Британија, можно зајакнување на трговските односи и можеби уште поголема мобилност меѓу двата ентитета. Можеби наскоро ќе видиме соодветен самит ЕУ-ОК каде што некои од овие работи би можеле да се разгледаат.
Што е со самата Eвропска политичка заедница?
Засега се чини дека ќе се појават околу 45 лидери, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Не очекувајте многу по содржина и резултати, Европската политичка заедница никогаш не придонела многу за такви работи. Идејата на Емануел Макрон во 2022 година, непосредно по нападот на Русија врз нејзиниот сосед, требаше политички да го доближи остатокот од Европа или како што Макрон прво го нарече „стратешка интимност“. Тоа значи дека лидерите се собираат двапати годишно, а домаќини се наизменично земји-членки на ЕУ и земји кои не се членки на ЕУ. И се чини дека тоа многу им се допаѓа на лидерите.
Како прво, бидејќи е прилично кратко, тие се среќаваат само околу половина ден. Потоа, има тенденција да се организира на спектакуларни места. Инаугуративната средба пред две години се одржа во монументалниот замок во Прага, по што следеше исклучителна винарија надвор од Кишињев, потоа Гранада каде што лидерите вечераа во Алхамбра и сега самитот се случува во класична британска летна куќа. Не е лоша како сцена за „политичко брзо запознавање“, што всушност и го прават, но во многу помалку формални структури во споредба со други слични тела како што се Советот на Европа и ОБСЕ.
Што има на менито?
Тие започнуваат со воведна пленарна сесија, заедничка фотосесија, неколку тематски тркалезни маси, а потоа и завршна тркалезна маса и сето тоа за пет часа. Потоа има простор за различни билатерални средби, пред да одат на прием кај кралот Чарлс Трети. Тркалезните маси ќе имаат три конкретни теми: одбрана на демократиите (што значи координација во борбата против странското мешање во прашања како што се изборните процеси), миграција (особено соработка во решавањето на „нерегуларната миграција“ и создавање легални патишта кон Европа) и енергетско поврзување .
Макрон и претседателката на Молдавија, Маја Санду, ќе копретседаваат со тркалезната маса за одбрана на демократијата, која е толку популарна што постои друга група на истата тема, со која копретседава претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и црногорскиот премиер Милојко Спајиќ. Премиерите на Италија и Албанија, Џорџа Мелони и Еди Рама, ќе бидат домаќини на тркалезна маса за миграцијата. Тоа е навистина контроверзен избор бидејќи нивните две земји неодамна постигнаа многу критикуван договор според кој Албанија ќе обезбеди сместување за мигрантите пресретнати од италијански чамци на море. Словенија и Норвешка ќе ја водат тркалезната маса за енергетика.
Внимавајте на…
Покрај индикативните фотографии кој со кого разговара, вреди да се следат и некои потенцијални билатерални односи. Во Европската политичка заедница, ЕУ, под Мишел и Макрон, се обиде да постигне мировен договор меѓу лидерите на Ерменија и Азербејџан. Разговорите, кои извесно време потоа продолжија со прекини во Брисел, не беа многу успешни. Но, постои шанса дека Мишел би можел уште еднаш да оди во Бленхајм пред да му заврши сегашниот мандат кон крајот на годината. Официјален претставник на ЕУ запознаен со ова прашање рече дека има контакти, но дека форматот (билатерален, трилатерален или ниту еден од нив) зависи од тоа што е најповолно и соодветно.
А потоа, се разбира, следува следниот самит на Европската политичка заедница. Тој ќе се одржи на 7 ноември – само неколку дена по претседателските избори во Соединетите Држави. Досега е договорено средбата да се одржи во Унгарија со официјалниот домаќин, премиерот Виктор Орбан.
Сепак, неговите неодамнешни патувања во Москва и Пекинг налутија многу други членки на ЕУ до тој степен што повеќе не можат да испраќаат свои министри на разни настани на ЕУ во Унгарија. Европската политичка заедница не е тело на ЕУ и досега нема отворени покани за промена на местото на состанокот. Но, дали другите лидери навистина имаат „желудник“ за голем митинг во Будимпешта, особено ако очекувано расположениот Орбан ги пречека веднаш откако неговиот политички сојузник Трамп ќе ја врати Белата куќа?
Извор: slobodnaevropa.mk