Државата си плаќа „казни“ за непотрошени кредити

July 1, 2024
4 mins read

Доцнењето на државата со изградбата на улици, автопати, железничка инфраструктура, болници, училишта, градинки, два пати удира по џебот на граѓаните. Првиот пат што недостигот на тие инфраструктурни проекти влијае врз нивниот животен стандард. Вториот пат што од парите на граѓаните во државната каса се излеваат десетици милиони евра за исплата на провизии кон меѓународните кредитори за неискористеност на пари што ни биле ставени на сметка.

Само од последните неколку ревизорски извештаи кои го следат работење на институциите се заклучува дека државата платила најмалку 26 милиони евра провизија за неповлечени пари од грантови и заеми. Од нив само за пет проекти во изминативе седум години платила 12 милиони евра.

Јовановиќ- Македонските власти не ги сфаќаат сериозно инвестициите

За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена првата причина зошто државата е принудена да плаќа провизија за неискористени кредити за инфрастурни проекти лежи во тоа што македонските власти во изминативе 30- тина години никогаш не ги сфаќале сериозно јавните инвестици.

„ВМРО-ДПМНЕ земаше заеми и правеше проекти само за да си наместат провизии за нив. СДСМ потоа инвестициите ги сфаќаше само како средство за политички маркетинг. А ДУИ цело време гледаше само како да си наместат некој тендер и да украдат што е можно повеќе пари за експропријација на земјиште“, вели за РСЕ, Јовановиќ.

Како втора причина ја наведува одговорноста, односно тоа што никој во изминативе три децении не одговарал за такво нешто.

„Темава со милионските казни и пенали е постојано актуелна, за неа се пишува веќе неколку години. Ама правосудните органи немаат преземено, ама баш ништо. Дури и случајот „Траекторија“, во кој (поранешниот премиер Никола) Груевски и соработниците беа обвинети дека со кинеските кредити за автопатите го оштетиле буџетот за 155 милиони евра, застаре минатата година“, додава Јовановиќ.

Случајот „Траекторија“, за кој зборува Јовановиќ се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Овој предмет го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство во кое ги обвини поранешните власти за корупција односно наплатени провизии од кинеската фирма. Но, со измените на кривичниот законик, делото застаре и нема да бидат кривично гонети обвинетите за злоупотреба на службена должност и мито.

Ревизорите откриваат – државата неефикасно управува со стратешки проекти

Во последниот ревизорски извештај се наведени пет проекти за кои државата исплаќала провизии за ненавремено повлекување на пари од кредити за инфрастуктурни проекти стари и повеќе од една деценија. Станува збор за изградбата на пругата кон Бугарија, за автопатот Кичево- Охрид, за патот од Ранковце до Крива Паланка и за автопатот од Скопје кон Блаце.

Вкупниот износ на провизиите за овие проекти пет проекти изнесува 12, 4 милиони евра. Од друга страна, пак, каматите исплатени достигнуваат и до 45 милиони евра, покажува последниот извештај на државниот завод за ревизија за управување со јавните инвестиции.

Новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски вели дека ем проектите не се завршени, ем државата е должна сега да плаќа што патиштата не се завршени, па се наметнува и опасност од арбитража за одредени проекти.

„Ај што не се трошат парите од донации, уште плаќаме и провизии за пари што не се трошат,“ изјави Николовски, на прес конференција по објавата на ревизорскиот извештај.

Но, исплата на провизија за поради неискористени пари од грантови и заеми од меѓународни кредитори се појавува во речиси секој извештај на ревизорите од институции кои треба да се грижат за инфраструктурни проекти.

ЕСМ исплатиле 21 милион евра за арбитража

На пример, провизија од 1,6 милиони евра исплатила и државата за Електрани на Северна Македонија поради нереализиран проект за модернизација на блок 1 во РЕК Битола покажува ревизорскиот извештај од 2022 година. Тој проект не бил реализиран во период од 2011 до 2022 година и предизвикал непродуктивни расходи во вредност од 21 милион евра.

„Најголем дел од расходите или 55% претставуваат адвокатски трошоци за застапување во арбитражна постапка и трошоци кои произлегуваат од изгубената постапка, за кои АД ЕСМ Скопје нема признаено резервирање. Дополнително, 39% од расходите се по основ на исплатен аванс и повлечени кредитни средства за осигурување на кредитот и 6% платената провизија за неповлечени, а одобрени средства од кредитна линија за финансирање на овој проект“, се вели во ревизорскиот извештај.

АД Номагас, националниот оператор на системот за пренос на гас, платил провизија за неповлечени средства од околу 6,75 милиони евра, затоа што не ги трошел кредитите од Дојче Банка и Ерсте Банка за проектот за изградба на магистралните гасоводи Штип – Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар.

На пример, МЕПСО не ги повлекол парите од Европската банка за обнова и развој од 2015 година кои биле наменети за реализација на проектот за Интерконекција Македонија – Албанија во износ од 37 милиони евра. Според ревизорскиот извештај заклучно со декември 2021 година биле повлечени само 8 проценти, односно 2,9 милиони евра. Поради тоа МЕПСО исплатил по основ на камата половина милион евра, и провизија за неповлечени пари од над 200 илјади евра.

Државата платила и 272 илјади евра провизија за ненавремено започнати активности за изградба на повеќенаменски хидросистеми и реконструкција на системи за наводнување.

Државни патишта рекордер во исплата на провизии

Според досегашните анализи на ревизорите, најголем рекордер во исплата на провизии за нереализирани проекти кон странски кредитори е Јавното претпријатие за државни патишта. Според извештајот во 2023 година, ова претпријатие платило над 10 милиони евра за провизии поради ненавремено распишани тендери, забавено дејство, или неповлечени пари од меѓународни кредитори.

Во еден од многуте проекти, ревизорот утврдил дека постои неизвесност да се изнајдат дополнителни 31 милион евра за завршување на изградбата на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка кој е дел од Коридор 8. За овој проект државата склучила договор со Светска банка во 2015 година во вредност од 83 милиони евра, за веќе во декември 2020 година Светската банка да се предомисли и да го намали на 73 милиони евра.

Државата од овој кредит повлекла само 52,7 милиони евра и за неискористеност на парите платила 1,1 милион евра а за камати платила 2,4 милиони евра. Јавното претпријатие државни патишта побарала од Владата да склучи уште еден нов заем во вредност од 31 милион евра.

Во причините зошто државата мора да плаќа „казни“ од милиони евра поради децениско доцнење со изградбата на големите инфраструктурни проекти, Јовановиќ ги додава и недостигот на институционален капацитет.

„Има и други причини, како поставување на неспособни директори и раководители (бидејќи, нели, партиските заслуги се поважни од знаењето), немањето квалитени луѓе во институциите (бидејќи секој квалитетен си заминува) и слично. Капацитетот на државните институциите е паднат на толку ниско ниво, што јас би се зачудил ако некој проект се заврши без проблеми“, вели Јовановиќ.

Новиот министер за транспорт и врски Александар Николовски побара од Обвинителството да ја истражи работата на Јавното претпријатие државни патишта. Но, Јовановиќ вели дека поклучно прашање е што ќе преземе новата власт.

„Голем дел од овие проблематични проекти се започнати во нивниот претходен мандат. Како ќе се справат сега со нив? Слушаме и дека ќе се задолжуваат милијарда евра, наводно за инфраструктурни проекти. Како ќе спречат да се повторат овие работи?“, прашува економскиот аналитичар Јовановиќ.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Аеродромот „Истанбул“ собори дневен рекорд на патници кои го посетиле

Следно

Надминат проблемот со наводнување на земјоделските површини во Овче Поле

Latest from Blog

„Храбар и решителен“, Зоран Заев се најде во мемоарите на Ангела Меркел

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја претстави својата книга „Слобода: Мемоари 1954-2021“, дело кое повторно го привлече вниманието на светската јавност. Во книгата, Меркел пишува за својот приватен и професионален живот, ставајќи

Зоран Заев е единствениот политичар од Балкан што Меркел го споменува во нејзините мемоари

„На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’, објави Михаел Мартенс, прославениот новинар на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг

Николоски: Невозможно е да се комуницира со Бугарија за отворените прашања, техничката влада нема легитимитет да преговара

Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас, истакна заменик претседателот на

Нетанјаху ќе го достави договорот за прекин на огнот со Либан на одобрување пред кабинетот за безбедност

ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетатајаху изјави дека до кабинетот ќе го претстави нацрт-договорот за прекин на огнот со Либан, известува Анадолу. Нетанјаху објави видео-порака во која истакна дека времетраењето на

Мицкоски ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија
Go toTop