Додека се чека Обвинителството да каже што по измените на КЗ, судските процеси течат со различен ритам

September 22, 2023
5 mins read

Како и судскиот процес за случајот „Титаник“ во понеделникот, така и судењето за предметот „Траекторија“ што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), денеска продолжи без да бидат спомнати измените на Кривичниот законик – ниту од надлежниот обвинител, ниту од одбраната. Во вторникот, пак, во Кривичниот суд требаше да се одржи рочиште од судскиот процес за главниот случај за масовното прислушување – „Таргет-Тврдина“. За разлика од „Титаник“ и „Траекторија“, рочиштето се одложи поради поднесок на Јавното обвинителството, кое побара дополнително време за да се произнесе што со предметот по измените на КЗ 

Во врска со ваквата невоедначена пракса, „360 степени побара став од Јавното обвинителство. Оттаму одговорија: „Јавното обвинителство има обврска доследно да ги применува одредбите од Кривичниот законик, а начинот на примена зависи од фактите во секој предмет поединечно. Од тие причини Јавното обвинителство не може да излезе со единствен став за импликациите кои би ги опфатиле сите предмети. Сите евентуални отворени прашања поврзани со примената ќе бидат разгледувани на стручен колегиум во проширен состав“

Неделава во Основниот кривичен суд Скопје се одржаа судски рочишта за три случаи отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а кои се засегнати од измените на Кривичниот законик.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Од рочиштата на кои присуствуваше „360 степени“ можеше да се забележи невоедначена пракса околу постапувањето на надлежните обвинители во околности кога за дел или за сите обвинети за многу скоро време настапува застарување на кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања.

Додека судските процеси за едни случаи продолжија без да се каже ниту збор за измените на Кривичниот законик, рочиштето за еден предмет беше одложно на барање на Јавното обвинителство токму поради измените на КЗ.

Имено, како и судскиот процес за случајот „Титаник“ во понеделникот, така и судењето за предметот „Траекторија“ што го отвори поранешното СЈО денеска продолжи без да бидат спомнати измените на Кривичниот закони – ниту од надлежниот обвинител, ниту од одбраната.

Главна расправа продолжи со доказна постапка, односно со изведување докази од одбраната на обвинетиот ексвицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски.

Случајот „Траекторија“ се однесува на постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, а покрај Пешевски, меѓу обвинетите се и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и бившиот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

Сите се гонат по член 353 од Кривичниот законик за делото злоупотреба на службената положба и овластување, за кое со најновите измени на КЗ се намалени казните и воведена е горна граница, што повлекува застарување на делата. Меѓу обвинетите е и поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, бидејќи е во бегство во Будимпешта. 

Конкретниот предмет, според пресметките на невладините организации специјализирани за прашања од сферата на правосудството, е дел од 14-те случаи за кои ќе настапи застареност по контроверзните измени на КЗ.

Делото во овој случај, според обвинението, е сторено во периодот од октомври 2012 до октомври 2013 г. што значи дека следниот месец ќе се навршат десет години од последните дејствија што ги преземале обвинетите.

Обвинителката од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал (ОЈО ГОКК), Лиле Стефанова, која го води предметот, денеска не сакаше да даде изјава во врска со прашањата кои произлегуваат од измените на КЗ.

Таа само кусо рече дека предметот сè уште не е застарен и затоа судењето продолжува.

Коментар и изјава не сакаа да дадат ниту од одбраната на обвинетите, а барањата на новинарите за коментар ги одби и обвинетиот ексвицепремиер Пешевски.

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски/ Фото: „360 степени“

Без да се спомене ниту збор за измените во Кривичниот законик, кои „тајно“ беа утврдени од Владата и експресно, по скратена постапка (со европско знаменце) изгласани од Собранието, во понеделникот неделава продолжи и судскиот процес за случајот „Титаник“.

И во овој предмет застапник на обвинението е обвинителката на ОЈО ГОКК, Лиле Стефанова. Таа тогаш во неформален разговор со новинарите рече дека не се произнела во врска со кривичното дело злосторничко здружување и најави дека тоа ќе го направи во завршните зборови, кога ќе го повлече обвинението за ова кривично дело. Повлекувањето на ова кривично дело во оваа фаза, според Стефанова, нема влијание на судскиот процес и трошоците за постапката.

Следниот ден во скопскиот Кривичен суд требаше да се одржи рочиште од судскиот процес за главниот случај за масовното прислушување – „Таргет-Тврдина“. За разлика од „Титаник“ и „Траекторија“, рочиштето се одложи по поднесок од Јавното обвинителството, кое побара дополнително време за да се произнесе што со предметот по измените на Кривичниот законик. 

Од Јавното обвинителство, како што соопшти на рочиштето судијата Илија Трпков, во поднесокот се осврнуваат на правните прашања кои произлегуваат од измените на Кривичниот законик, а влијаат на обвинителниот акт и правната квалификација на делата.

 „Имајќи ги предвид одредбите од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, односно правните прашања кои произлегуваат од него и нивното влијание на правната квалификација на кривичните дела за кои се гонат обвинетите додека се донесе соодветна јавнообвинителска одлука, барам да се одложи закажаната расправа“,

навеле во поднесокот од Јавното обвинителство, соопшти судијата Трпков.

Каква јавнообвинителска одлука ќе биде донесена треба да биде познато на следното рочиште, кое судијата го закажа за 4 октомври.

Во врска со ваквата невоедначена пракса во постапувањето со случаите, „360 степени“ побара став од Јавното обвинителство.

Прашањата што ги упативме дотаму гласеа:

  • На што се должи ваквото, условно кажано, невоедначено постапување на јавните обвинители и кој коментарот на Јавното обвинителство во врска со ваквата пракса?
  • Дали и кога Јавното обвинителство ќе се произнесе во врска со измените на Кривичниот законик, во контекст на импликациите што ги имаат врз предметите за кои се водат постапки – истражни и судски?

Во одговорот што го добивме оттаму велат дека сите прашања поврзани со примената на Кривичниот законик ќе бидат разгледани на стручен колегиум во проширен состав.

„Јавното обвинителство има обврска доследно да ги применува одредбите од Кривичниот законик, а начинот на примена зависи од фактите во секој предмет поединечно. Од тие причини Јавното обвинителство не може да излезе со единствен став за импликациите кои би ги опфатиле сите предмети. Сите евентуални отворени прашања поврзани со примената ќе бидат разгледувани на стручен колегиум во проширен состав“,

велат од Јавното обвинителство.

Зградата на Јавното обвинителство на РС Македонија / Фото: Архива

Од јавнообвинителската фела во врска со измените на Кривичниот законик најексплицитен личен став досега искажа обвинителката Ленче Ристоска.

Таа денеска одговарајќи на новинарски прашања рече дека измените на КЗ ги доживува како навреда за сите професионалци кои, како што вели, се вложија, пред сè, во борбата против корупцијата.

Според обвинителката Ристоска, измените на Кривичниот законик и тоа како влијаат на културата на неказнивост, која, како што вели, се протежира во изминатите години.

Таа даде и објаснување за „неблагородната и тешка задача“ која ја има Обвинителството во врска со последиците од измените на КЗ.

„И обвинителството, по мое мислење, е ставено пред една навистина неблагодарна и тешка задача. Имаме кратки рокови таму каде што не е настапена застареноста, тоа експресно да се заврши. Од друга страна, ресурсите се такви какви што се, не ни се унапредени состојбите. Секако, во однос на предметите во кои сме вложиле многу ресурси и енергија, веќе тие предмети ни застаруваат, голем дел од нив. Во тек, барем за предметите во кои јас постапувам, е анализа да видиме точно која ќе биде импликацијата на овие измени на Кривичниот законик, меѓутоа, самите измени како такви јас лично ги доживувам како навреда за сите професионалци кои сме се вложиле во борбата, пред сè, против корупцијата, бидејќи овие измени најчесто ќе ги афектираат коруптивните кривични дела“,

изјави Ристоска.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Вакцинацијата против сезонскиот грип почнува од средината на октомври, годинава набавена за 50 проценти поголема количина

Следно

„Не е солидарност, туку арамилук“ – ВМРО-ДПМНЕ и СКСЗМ против солидарниот данок

Latest from Blog

Зеколи Шаќири: Знамето е највисок симбол на националниот идентитет и достоинство и како такво заслужува целосна почит од сите

Заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири се огласи по вчерашните инциденти при прославите на денот на албанското знаме. Таа изразува длабоко жалење и загриженост за оштетувањето на знамето на Република Македонија.

Уапсени осум лица, еден малолетник – реакции по синоќешните инциденти со палењето знамиња

Осум лица се уапсени по синоќешните инциденти за време на прославата на Денот на албанското знаме, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него уапсените се наоѓаат во полициска станица и

МИ ПУКНА КОПЧЕТО ОД ЉУБОВ, РЕЧЕ СИМОН ТРПЧЕСКИ НА СЛАВЕНИЧКИОТ КОНЦЕРТ ЗА 80-ГОДИШНИНАТА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Овации и неколку враќања на бис имаа Симон Трпчески и оркестарот на Филхармонијата на синоќешниот славенички концерт „80 години –Љубов!“. Концертот почна со светската премиера на импресивното дело „Куклици“ од македонската композиторка
Go toTop