Секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, преку видео обраќање на социјалните мрежи ѝ се обрати на јавноста:
Денес, во оваа Светла недела по Велигден, на овој ден кој се празнува како Источен петок Балаклија или Животоносен Источник, Битола живее со една востановена традиција на одбележување на празникот, кај нас познат и како Градски – селски Велигден, кога преку манифестацијата „Весел Петок“ се одржуваат бројни настани во градот, а центарот на случувањата е населбата Јенимаале.
Во овој настан, учествуваат наши ученици, културно уметнички друштва од повеќе градови во државата, но и од други земји.
И ова е еден настан, чиј носител е Културно уметничкото друштво Илинден, со сопствени ресурси и продолжување на соработката со институциите и здруженијата со кои веќе долги години соработува.
Токму ова друштво, во изминатиот период беше предмет на навреди и шпекулации, со тенденциозна намера да се изврши атак врз мојата личност и да се минимизира неговото успешно 70 годишно делување.
Денес сум тука, со директен поглед во очите на јавноста и моите сограѓани да проговорам за единствената вистина за КУД Илинден, Трчај бе и Атлетскиот клуб Олимп, чие делување никако не смее да биде минимизирано, преку дискредитирање на мојата личност и претставување на некаков конфликт на интереси или злоупотреба на мојата службена положба.
Уште со моето прво назначување за Секретар на општината во 2022, а потоа и во 2025 потпишав изјава со која се обврзав дека нема да учествувам и влијаам во никакви процеси на селекција и одобрување на финансиски средства за правни субјекти кои ги раководат членови на моето семејство. Ова не беше само обврска на хартија, туку е начин на делување за цел овој период додека сум секретар, а во кој нагласувам немам апсолутно никакво влијание на комисиските одлуки за доделување на средства.
За да нема никакви дилеми, колку средства добиле овие успешно етаблирани здруженија кои се врзуваат со моето име, преку имињата на членовите на моето семејство, направив детална анализа на сите финансиски картици за периодот 2021-2026, за да можам пред Вас почитувани граѓани, пријатели и соработници, да зборувам за вистина на факти и докази:
- КУД Илинден, каде во моментот членуваат 400 членови од сите возрасти, а минатите 4 години ја претставуваше Македонија на меѓународни фестивали во Полска, Хрватска, Португалија, Албанија, Србија, Унгарија, Турција, Чешка, Франција, Бугарија, Шпанија, како и на светската фолклоријада во Уфа, Русија, за период од 4 години од Општина Битола има добиено вкупна поддршка од 820.000 денари. Морам да напоменам дека друштвото и претходно било поддржувано од локалната самоуправа и од други градоначалници.
- „Трчај бе“ e уште една манифестација, која донесе илјадници гости во Битола, а успешно ја раководи мојот брат, Никола Димитровски. Вкупната поддршка од 2021 до 2026 за оваа манифестација е 1.500.000 денари.
- Атлетскиот клуб „Олимп“, кој веќе е препознатлив спортски амбасадор на Битола, во изминатите 4 години добил 260.000 денари.
Или сумарно сите 3 здруженија кои се поврзуваат со членови на моето семејство, за период од 4 години, добиле финансиска поддршка во вкупен износ од 2.580.000 денари, а за тоа согласно општинските критериуми, правила и процедури, одлуките ги донесле, комисии составени од советници од Советот на Општина Битола, надворешни експерти или вработени во општинската администрација, врз кои не сум имал никакво влијание.
Морам да нагласам дека, беше направен обид и за фрлање дамка и врз адвокатското друштво „Димитровски“, кое по ниту еден основ нема воспоставено соработка со Општина Битола, а со тоа нема добиено ниту денар за некакви услуги кон општината.
На крај, ова не е мое оправдување пред јавноста, туку обелоденување на единствената вистина преку која се докажува дека функцијата е времена и менлива и таа не е и не смее да биде критериум за квалитет или мерливост за успешност.
Впрочем, сите овие манифестации години наназад биле препознати од битолчани, од националните институции и други меѓународни фондации, кои обезбедувале поддршка на одредени проекти, со голема видливост, голем број учесници, одреден прилив на средства, но многу поголеми расходи.
Горд сум, што членови на моето семејство стојат зад овие успешни проекти, значајни за Битола, а за кои во ниту еден момент не сум дозволил да ме понесе субјективниот фактор и не сум одлучувал.
Дека ова што го зборувам е точно оставам да потврди јавноста, а јас лично ќе ги повикам надлежните органи да извршат проверка во одобрувањето на општински средства за споменатите правни субјекти и доколку за истите констатираат било каква неправилност, јавноста ќе биде навремено известена, со преземање на цела моја одговорност.
Новинарската етика и кодекс на оние кои се обидоа да изнесуваат невистини, нема да ги коментирам затоа што за тоа постојат Совет на честа и Совет за етика на медиумите, кои верувам ќе извршат соодветна анализа и ќе го објават својот став.
Нека ни е честит денешниот празник и Битола нека продолжи да живее како град на културни и спортски манифестации со врвен квалитет.


