Соња ТАНЕСКА
Паметните телефони се неизоставен дел од личниот и социјален живот на возрасните, младите, но и децата. Гледаат видеа, рилови, серии и слично и сето тоа е во ред доколку не се претера, но она што е најризично е т.н „екранизација“. Тоа е нов термин кој го користат социолозите и психолозите, а значи спречен социлошкиот развој кај децата и младите поради преголема изложеноста на екраните од телевизорот, компјутерите и најмногу мобилните телефони, а носи негативни последици и на психолошкото здравје. смартфоните се голем предизвик и за образовниот систем – кој иако треба да се прилагодува на дигиталниот живот на младите мора и да донесе одлука за забрана на телефоните како мерка против булинг и незаинтересираност на часовите, без притоа младите да добиваат чувство дека тоа им одзема некое право или слобода, туку им помага во едукацијата.
Темата деновиве ја актуелизираше Холандија. Оваа земја забрани мобилни телефони, таблети и паметни часовници и во средните училиштата по минатогодишната одлука меѓу властите, школите и релевантни организации, од први јануари годинава да се забранат мобилните телефони прво во основните училишта а сега и во средните.
Во Северна Македонија, засега нема законска регулатива за користењето на мобилните телефони во училиштата иако дел од директорите и наставниците имаат интерни одлуки согласно кои децата не смеат да користат смартфон за време на часовите.
УНЕСКО минатата година побара од училиштата на глобално ниво да воведат забрана за користење на смартфоните, бидејќи негативно влијаат врз учениците. Во Глобалниот извештај за мониторинг на образованието. УНЕСКО го поврзува претераното користење смартфони со намален успех, ги изложува децата на насилство и ги прави емотивно нестабилни.
Во извештајот на УНЕСКО се посочува дека е важно да се поддржува „визија за образованието ориентирана кон народот“, со која се гарантира дека дигиталните технологии ја дополнуваат интеракцијата со учителите лице-в-лице, а не ја заменуваат.
Неколку земји веќе воведоа забрани за користење на паметни телефони во училиштата, со оглед на потенцијалното влијание врз академските постигнувања на учениците. Франција, Холандија, Гвинеја, Летонија, Мексико, Португалија, Шпанија, Швајцарија, САД, Канада, Шкотска, Бангладеш, Таџикистан и Узбекистан се меѓу земјите со различни форми на забрана за мобилни телефони во образовната средина.
Во Белгија, Шпанија и Англија е забележано подобрување на академските резултати, особено меѓу учениците со послаби резултати, по воведувањето на забраните за употреба на мобилни телефони во училиштата.
Каква е состојбата во Македонија?
Министерството за образование и наука минатата година соопшти дека од десетте препораки на претходната Владата за подигнување на безбедноста во училиштата и намалување на врсничкото насилство, една била општините и Град Скопје да ги задолжат директорите на основните и средни училишта да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата. Прашањето требаше да биде уредено и со безбедносен протокол кој ќе биде подготвен во консултација со повеќе страни и чинители на воспитно – образовниот процес и претставници на институции – додаваат од МОН.
Во последниот разговор на Рацин.мк со претставници од МОН, по доаѓањето на новата министерка Весна Јаневска, етапно ги решаваат дел од предизвиците кои се објавуваат во рамки на образовниот систем. Согласни се дека паметните телефони често пречат во наставата, токму затоа и не се дозволени од Државниот испитен центар за време на полагањето на државната матура, но дека за законска забрана потребна е поширока дебта и косензус меѓу родителите, наставниците и учениците. Во моментот во училиштата во земјава постојат рестрикции за користење на телефоните за време на часовите, но со интерни одлуки на училиштата.
Промените и општествените случувања што се имаат случено направија науката, технологијата и информатиката да стигнат до можеби највисоките пиедестали на општеството. Во денешно време е невозможно да се видат општества и култури без најновите технологии.
-За децата правилно да се развијат треба повеќе време надвор во природа да играат разни забавни игри, а родителите се вистинските поттикнувачи на оваа состојба уште кога децата имаат неколку месеци. Секој ден доаѓаат се повеќе деца со виртуелен аутизам, но и деца кои имаат други последици во своето однесување и многу е алармантно што освен ние како професионалци, но и родителите мора да се разбудат и да реагираат за преземање мерки. Не е привилегија само да имаш деца, туку е голема одговорност. Треба да ја жртвуваме нашата удобност да седиме половина час или час повеќе со нашето дете затоа што детето кое користи телефонот е дете кое нема активност, нема посветеност, вели др. Љубинка Дамјановиќ.
Таа вели дека училиштата, но и општеството во целина, а тоа значи родители, наставници, тренери, новинари и сите што креираат одредено мислење се должни да воспитуваат и да едуцираат помлади припадници.
– Така што според мене потребно е да се воведе рестрикција на користењето на смартфоните во училиштата, со што би се зголемила концентрацијата на учење и внимание за време на часовите, а оние родители пак кои треба да го исконтактираат детето вомтекот на денот може да набават обични мобилни телефони, кои би послужиле за намената за која постои телефонот, додава таа.
Како што вели Филип Стојановски, Директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата Метаморфозис во голем дел од развиениот свет образовните институции имаат воведено политики за ограничувањена употребата на мобилни телефони, особено откако низа истражувања имаат покажано дека нивно неодговорно користење може да влијае попречување на наставниот процес во поголема мерка од други типови уреди, на пр. лаптопи.
-Тоа се случува и во државни образовни системи и во мрежите на угледни приватни училишта. Таквите политики на пр. може да опфаќаат целосна забрана за користење мобилни во текот на наставата за основци или помлади средношколци, кои ако носат мобилни со себе, мора при доаѓањето во школо да ги исклучат и чуваат во шкафчиња. Кај постарите ученици, за кои има повисоки очекувања за лична одговорност, таквите политики може да опфатат чување на уредите во шкафчиња во текот на часовите, а нивно користење во тек на час да е дозволено само со експлицитна дозвола на наставникот за потреби на наставата. При прекршување на ваквите правила училишниот персонал има право да ги конфискува уредите и да повика родител да ги подигне, како и да покрене процес на дисциплински мерки и советување со училишниот педагог, психолог, директорите, додава тој.
Како што појаснува Стојановски, добрите училишта не се задоволуваат само со забрани, туку и со овозможување активности за децата во текот на часовите и одморите кои ќе го поттикнат децата повеќе да се дружат „офлајн“, преку игри и физички активности корисни за нивното здравје.
-Родителите се одговорни за здравјето на нивните деца додека не навршат 18 години и тоа опфаќа заштита на децата и од физички и психички зависности. Доколку родителот увиди дека некое однесување има потенцијал да наштети на детето, секако треба да преземе мерки. За жал од многу родители кои се жалат дека децата премногу им се на екрани, имам слушнато изговори дека „такви биле младите денес“. Моето искуство како родител е дека е важно да се воспостават правила и тоа врз основа на договор меѓу детето и родителот, што зависи и од капацитетот на детето да разбере зашто нешто треба или не смее да се прави, кој расте со годините. Многу е важен личниот пример – како родителите се однесуваат со технологијата. Дали тие цело време се „на мобилен“ или пред или заедно со детето прават други работи, на пример читање книги или спортување? Често мерките кои се однесуваат на децата, возрасните треба да ги применат и на себе, вели Стојановски.
Соседите со конкретни мерки за забрана на телефони во училишатата
Албанија од минатата година воведе забрана за употреба на смартфони за време на настава во основните и средните училишта која важи за учениците, но и за наставниот кадар.
За елиминирање на масовната појава на употреба на мобилни телефони за време на наставата, Министерствата за образование и за финансии на Албанија потпишаа заедничка наредба, која има за цел забрана на користењето мобилни телефони на учениците од средно образование. Истото се однесува и за просветните работници.
Во случај да не се почитува наредбата и да се користи мобилен телефон од страна на ученици или наставници во просториите на училиштето, управата на установата ќе го одземе мобилниот телефон и ќе примени и дисциплински мерки.
Во Србија, Форумот на средните стручни училишта изрази загриженост за тоа што училиштата немаат покренато кампања за забрана на мобилни телефони во училиштата и апелираа таа да се спроведе што поскоро.
Одлуката дали некое училиште ќе воведе забрана за користење на мобилни телефони за време на наставата во Србија е препуштена на секое училиште.
Министерството за образование соопшти дека Законот за основите на системот за образование и обука е јасен во однос на неправилната употреба на мобилните телефони и дека употребата на мобилни телефони се смета за сериозна повреда за што опомената на директорот и опомената на се загрозени наставничкиот совет.
Како во ЕУ се применува забраната за телефони меѓу учениците
Целосната забрана за употреба на телефони во основните училиштата прва ја воведе Франција во 2018 година, а во Холандија оваа одлука стапи во сила од 1 јануари 2024 година.
Холандија од оваа учебна година воведе и забрана за смартфони, таблети и паметни часовници во училиштата. Исклучок ќе има само за часовите по дигитални вештини, или доколку учениците со попреченост или други медицински состојби имаат потреба од уреди.
-Министерот за образование на Холандија, Роберт Дајкграф изјави дека „на мобилните телефони не им е место во училниците“, иако се составен дел од нашите животи.
Учениците треба да можат да се концентрираат и треба да имаат шанса добро да учат. Мобилните телефони се пречка, покажуваат научните истражувања. Треба да ги заштитиме учениците од тоа, додаде тој.
Телефоните сè уште можат да се користат на час доколку се неопходни за содржината на часот, на пример, кога се учи за медиумските вештини. Учениците смеат да користат мобилни телефони ако е потребно поради здравствени причини, а училиштата се одговорни за спроведување на забраната на самото место.
-Со забраната на телефоните, за време на одморите учениците повеќе разговараат меѓу себе и се дружат – вели истражувачот Лоес Паувелс од Универзитетот „Радбауд“.
Забраната на мобилни телефони во училиштата предизвика дебати во Холандија, но повеќето родители се согласуваат дека децата од основно училиште немаат потреба од паметен телефон токму поради ризикот од зависност од социјалните мрежи.
Финска која е позната по одличните резултати на тестовите за училишна способност ПИСА, сака да го промени моменталниот опаѓачки тренд и да промовира фокусирана средина за учење така што ќе ги забрани мобилните телефони во училиштата.
Грција и Италија ги забранија мобилните телефони во училниците, во Германија, пак, само покраината Баварија формално има забрана за мобилни телефони во училиштата.
Едно неодамнешно истражување на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) препорачува ограничена и одговорна употреба на мобилни телефони во училиштата.
ИЗВОР: racin.mk